(Кон романот „На дофат“ од Ена Катарина Халер во издание на ПНВ Публикации, Скопје, 2022)
„Дозволи да биде покосен од неговото убедување дека луѓето не се раѓаат еднаш засекогаш на денот кога ги раѓаат нивните мајки, туку дека животот ги обврзува одново и одново да се раѓаат сами“, вели Габриел Гарсија Маркез во неговиот роман „Љубов во време на колера“, а Ена Катарина Халер во својот прв роман „На дофат“ го преметаболизира тоа чувство низ долгото и истоштувачко страдање на една генерација луѓе фрлени во метежот на политичката неодлучност и воената немилост. Каде се нишките на потресната приказна во овој роман? Од каде започнува тоа проклетство ad infinitum, кој е цикличниот немир на младата Катарина која наместо да го живее своето детство и девојчинство со полни гради и широки насмевки, таа се завлекува под црната мантија на смртта обидувајќи се да преживее и, сепак, да одживее и љубов и страст и среќа и задоволство.
Читајќи го овој епохален роман повремено го губите здивот, ве нафрлува лесна констернација и ве наведува да се преиспитате каде се вашите неодговорени прашања и како е изграден системот на бавно и мазхоистичко ронење на човечкиот дух. Оваа семејна приказна започнува со флешбек и завршува таму – во едно трагање по почвата од која изникнало семејството на шумарот Иво и неговите четири деца (две машки и две женски): една совршено библиска констелација што се разлева во чудесно страдање и егзодус на целиот конгломерат жители коишто се бараат себеси, но наоѓаат само тага и жолч.
„На дофат“ има мирис на чад и леб, овој роман се движи по работ на достагата и копнежот, но ги открива и оние неодболени делови од историјата што ја знаеме само низ фактите.
Имено, овој роман, ако се навраќаме на една одамна излитена фактографија за Втората светска војна ни ги открива оние смртоносни недоумици кои сега, во овој дваесет и први век кога, еве, за жал, нови војни се на повидок, ни го поставуваат она круцијално прашање што со децении не е поставувано: „За кого се бореа нашите предци?“. Семејството на Иво шумарот ги дава своите синови во домобранската војска мислејќи дека тука е заслугот за татковината, замислувајќи го својот хероизам на најлесномислен начин, а тие заедно со него само исчезнуваат во онаа магла од која и доаѓаат повремено во своите куќи. Кога ќе помислиме на болката на ова прашање се соочуваме со еден исторски апсурд што го нема во сувопарната фактографија, а кој Ена Катарина Халер многу вешто го открила и врз таа основа гради фантастичен роман за луѓето чиишто судбини одлетале низ чадот од неверниот барут. Велам неверниот затоа што и целото семејство на Иво, а и сите жители на таа кутра Бановина се подале во прегратката на недоразбирањето и изгубиле сѐ, освен вербата и волјата за живот. Ена Катарина Халер отсликува семејство чија сила е невидлива, толку волумeнозна што не ѝ се гледа крајот, таа отсликува лик на девојка чиј хибрис е на нивото на една Антигона, ни донесува пред очите еден свет со специфика и емотивен простор што нѐ наведува на тивок крик, но и на помисла дека војната има повеќе лица и дека нејзините бранови можат да нѐ однесат во неврат. Невратот на Катарина е поле без почеток и крај, но нејзината волја да продолжи со животот тоа поле го прави совршено место за живот. Таа на еден волшебен начин и сака и се надева и се спротивставува, но и трпи, трпи како воин во чорапи, онака боса и наизглед преплашена, малата и навидум кревка Катарина се бори со чудвиштата на воената деструкција и успева да се избори за нов живот, да ја најде сојата љубов, но и да донесе некој друг по себе, со еден збор, успева да се избори за значењето на своите спомени. Харуки Мураками во „Кафка на брегот“ вели дека „сеќавањата те топлат однатре, но тие исто така и те растргнуваат.“
Животниот пат на Катарина и нејзината помала сестра Јулијана е библиска приказна, а авторката од неа направила уметничко дело што воодушевува, но и резигнира. Резигнира затоа што во овие чеиристотини страници го чуствуваме нашиот немир од недореченоста на политиката, од нелогичноста на наметнатиот хероизам, од тивката, но опасна деструкција што полека го рони брегот на надежта. Катарина се сеќава на своите девојчински денови како на грст солзи низ чиј отсјај ги гледала сите оние што протрчувале порај неа и преку неа не забележувајќи ја, сите оние што своето материјално богатство го искористиле за од своето его да направат толкав џин што не се гледаат самите себе. Таа, кревката Катарина целата накострешена се обидува да се спаси од сите што сакаат да ја прегазат не заборавајќи на својата чесност и наивност. И токму таа наивност е механизмот низ кој не само таа, туку и целото нејзино семејство ќе го одживеат егзодусот во својата сопствена земја, ќе завртат цел круг околу своите огништа, а ќе направат и нови таму каде што на прв поглед изгледа дека тоа не може никој да го направи.
Ена Катарина Халер со овој роман ја отвора и онаа небулозна, но многу застрашувачка дилема на предавник и херој. Борејќи се за својата татковина и давајќи го својот данок во крв, ова семејство (како и другите како нив во Бановина) во политичките рамки на таа „нова стварност“ станува предавничко. На повампирените идеали не им треба ново рацио. Тие ја имаат заслепеноста со себе како најмоќно оружје и против замислениот, но и против оној нивен „непријател“ кој е голорак и преплашен. Семејството на Катарина ги собрало сите горчливи плодови на својата чесност и наивност. За жал, таков е поголемиот дел од народот на сите меридијани. Истоштен, неправедно осуден и расселен. Катарина, Јулијана, нејзината мајка, нејзината сестра, нејзините деца, целата таа генеалогија што несреќниот шумар ја оставил како аманет во земјата што толку многу ја сакал и на која и ги подарил своите двајца синови во најубавата своја возраст, се оние што чекорат по неа како да го поминуваат Црвеното море опколени со бранови од понижување, закани и смрт. Катарина, како што споменав погоре, успеала да се избори за својот живот, за својата љубов и за својот пород. Една од најубавите секвенци во овој роман е и нејзината љубов со кревкиот Петар кого го сака и покрај целата негова зачудност, и покрај сѐ она што ѝ донесува неговата проблематична личност и кревко здравје. Таа нејзина истрајност е, се чини, главната причина зошто сето тоа страдање. Ена Катарина Халер ни открива страдање што можеби го има и на некои други места во виорите на таа Втора светска војна која во себе, во своите чадливи и смрдливи дамари, крие илјадници други војни – за простор, за самосвест, за пород, за идентитет. Семејството на Катарина исто така се изборува и за својот идентитет иако никогаш не се собрало во едно, нивната разделба е исто така епохална и, би рекол, е една од најважните состојки на овој многу длабок и комплексен роман.
„На дофат“ е роман што исто така зборува и за опстојувањето. Талкајќи низ земјата која одеднаш, по многу премрежија веќе не ја препознава, ова семејство станува модел за расселеноста за која сме свесни и во ова време. Тоа семејство се обидува да направи имитација на својот мирен живот користејќи ја својата умешност и, конечно, токму таа умешност е она што ги одржува во живот. Големото страдање во еден момент станува херојска приказна. И Катарина, и Јулијана, и мајката, дури и децата се тие што во романот стануваат константа на хероизам кој, пак, од друга страна, речиси никој не го забележува ако не го напише талентирана авторка како што е Ена. Онаа историја што се исплела од интимните судбини е обично невидлива. Исчезнува како вел, како оставен реквизит од едно бегство за кое бегалците се прашуваат зошто го прават и зошто нивните најмили исчезнуваат без да остават трага како што исчезнува и Јосип, братот на Катарина, зошто војната наместо да ни донесе правилно толкување на својата припадност и идентитетот, таа ни донела конфузија што не се расчистила ни по смртта на страдалниците.
Се чини дека токму тука и лежи причината за насловот на овој извонреден роман – „На дофат“. Во испружените раце на Катарина и сите други ликови се крие копнежот за еден живот кој е тука пред нив, но тие не можат да стигнат до него, еден живот што го вкусиле, но никогаш докрај не го почувстувале, што постојано им бегал за малку, за влакно, за трепет, за едно трепнување со очите, за еден липот, за еден здив. Во оваа историја, иако своја, со специфика типична само за неа, се кријат сите истории на невидливите, на стопените во масата луѓе, кои и ден-денес талкаат низ оваа земјина топка, се преморуваат, заспиваат во некои бескраи и копнеат за огниште и прегратка, за оние чијашто судбина е завеана од небулозите на воените виори, за оние што, еве, и во овој дваесет и први век испишуваат една црна историја со многу сивила и горчила.
На крајот, со големо задоволство ќе ја повторам сентенцата на Бетен Патрик од „Вашингтон пост“ што ја напишал за романот на Даглас Стјуарт „Шаги Бејн“, а тоа е: „дебитантски роман што го читате како ремек-дело.“ Токму тоа е и романот на Ена Катарина Халер.
Австрискиот режисер Улрих Зајдл е годинешен добитник на Наградата за животно дело на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“. -Со нас денеска е еден од најинтересните филмски автори, сценарист, режисер и продуцент, Улрих Зајдл од Австрија. Режисерот кој уште пред да го побуди вниманието во 2001 година со „Тегобни денови“, го побуди вниманието и пред тоа на…
МФФ „Киненова“ ќе се одржи по деветти пат од 15 до 20 октомври, со македонскиот долгометражен анимиран филм на Гоце Цветановски „Јон Вардар против Галаксијата“. -На мое големо задоволство Тематски би ја започнал истата претставувајќи го овогодинешниот фестивалски слоган: Што е прво? Филмот или приказната? Огромна благодарност за целиот визуелен идентитет на овогодинешното издание на…
На годинешното 45 издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, најстар фестивал и еден од трите фестивали во светот посветен на кинематограферите, кој се одржа од 21 до 27 во Битола, главната награда „Златна камера 300“ му припадна на германскиот филм „Наставничка канцеларија“ односно на кинематограферката Џудит Кауфман. Секако, одличен филм, безвременски, што…
Вечерва започнува 45. издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Во Центарот за култура, свечената церемонија ќе започне во 19:45, со проекција на Канскиот хит „Партенопе“ под режија на Паоло Сорентино. Филмот е во официјалната селекција КАМЕРА 300. Годинашен добитник на наградата Златна камера 300 за животно дело е францускиот кинематографер Бруно…
Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ќе биде отворен вечерва, (недела, 15 септември) во 20 часот во Даут-пашиниот амам во Скопје. Врвни автори од регионот како Борис Дежуловиќ од Хрватска, лауреатот на наградата „Прозарт“ за 2024 година, Владимир Пиштало од Србија, Рене Карабаш од Бугарија, како и домашни автори се гости на фестивалот, што ќе трае…
На 14. септември во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ во 11 часот ќе се одржи работилницата „Козметички третман на велосипед“ која всушност го најавува фестивалот за дизајн Skopje Design Week. Работилницата или козметичкиот третман на велосипед е бесплатна за сите, а за третманот ќе се погрижат тату артистите: Ертунч Сали, Сања Симоска и…
Друштвото на писатели на Македонија соопшти дека во понеделник ќе бидат доделени традиционалните годишни награди на ДПМ. Во понеделник, во 11:00 часот, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија ќе бидат прогласени добитниците на традиционалните годишни награди на ДПМ за 2023 година, чијшто конкурс минатата година беше одложен поради случувањата во Друштвото, односно долгата…
Дан и Лиа Пержовски, кои ги исцртуваат ѕидовите на МоМА Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, Центарот Помпиду-Бобур во Париз, ВанАбе Музејот во Ајндховен… ќе имаат самостојна изложба во Музејот на современата уметност – Скопје. Ова е исклучително ретка можност во Скопје да присуствуваат светски познати уметници, кои ги поместуваат границите на современите уметнички практики денес….