Култура

Признава ли Македонецот сопствена вина?

Во долгите „дебати“ со мои блиски пријатели и другари на кои општествен интерес и една од занимливите теми за муабет им е политиката и сѐ поврзано со неа честопати филозофираме на темата зошто дојдовме до ова дереџе како нација и држава и зошто не може никако, за жал, и никогаш да се оправиме?! Најчесто констатираме дека „системот е тој што нѐ зафркава“, да не употребам некој друг вулгарен глагол што би бил во автентичната форма на жаргонската скопска констатација за системот и како скопјани се изразуваат кога се изнервирани и го пцујат.

Но, секогаш јас додавам дека системот го прават/чинат граѓаните, а не обратно. Така што ние го зафркаваме системот или му правиме нешто уште полошо, а не тој нам. Денес, организираната заедница од еден институционален систем насекаде во светот е кажи-речи по својата форма идентична: организирана држава од власт, парламент, војска, полиција, локална самоуправа, здравство, образование, социјала, културно-уметнички институции, спортски федерации, инфраструктура итн., итн. Сепак, огромната и суштинска разлика е во тоа каква е една држава според нејзината функционалност во овие институции на системот (пополнети со човечки материјал) и како таа ги опслужува граѓаните, како нејзини даночни обврзници (жители).

Односите македонски, желбите скандинавски?!

Норвешка и сите скандинавски држави се разликуваат за сто и осумдесет степени од сите, без исклучок, западнобалкански држави според степенот на корупција, ефикасност, ефективност, нивото на здравството, образованието и социјалата. Скандинавците имаат совршени системи, а балканските ужасни. Или, пак, во споредбата на балканските нации со африканските, ние можеби сме подобри во инфраструктурата (болници, патишта, училишта), но сме многу слични во степенот на корупција и партизираност на институциите кои треба да претставуваат независен професионален столб на една држава. Е, па, како тогаш Македонецот си мисли дека неговата земја може да стане скандинавска и дека виновни за тоа што Македонија е западнобалканска дупка, а не е Данска, се политичарите кои во изминативе триесет години независност ја испокрале.

Добро, точно, се согласувам дека корумпираните и криминализирани политички елити во овие три децении крадеа и го ограбуваа народот (читај буџетските пари, создадени преку даноците од сите граѓани), како да им е последно, но од друга страна, дали еден Македонец (алудирам на сите граѓани на Македонија без разлика на нивната етничка/религиска/јазична диференцијација) се однесува како еден просечен Скандинавец?

Кога го одлагаме отпадот (фрламе ѓубре), кога пазаруваме, кога работиме, кога го создаваме сообраќајот, дали некој од нас личи на Норвежанец, Данец, Финец… или сме си примитивни балкански кочијаши за кои ниту едно формално напишано законско правило не важи, односно е создадено само проформа за македонскиот граѓанин да може да наоѓа начин да го прекрши или заобиколи?!

Кој тоа кога ќе направи прекршок и е казнет веднаш бара „врски“ кај свои роднини, пријатели, познајници за да му „ја скинат“ казната, Македонецот или Швеѓанецот? Прво, Скандинавецот нема да направи прекршок, бидејќи нема да вози над дозволеното, нема да фрла ѓубре каде ќе стигне, нема да нарушува јавен ред и мир, а ако по некое чудо и тоа се случи, нормално тој ќе си ја плати казната уредно и веднаш, бидејќи таа претставува општествен срам за него.

Тоа што за нив претставува општествен срам, за Македонецот е општествена гордост. Доколку му ја „скинат“ казната, тој потоа ќе се фали насекаде како нашол човек таа работа да му ја заврши, сметајќи се себеси и гордеејќи се колку е моќен и јак, бидејќи насекаде има луѓе. Во суштина не сфаќа колку е примитивен и прост. И за жалење и за греота.

Европа е крива за сѐ, само за нашето поведение не!

И зошто сега, мои сограѓани Македонци, ние сме гневни, лути и бесни дека „Европа не нѐ сака“?! За што да нѐ сака?! Поради ова наше национално поведение, кое е дел од нашата културолошка матрица, со која сметаме дека ќе станеме еден ден дел од големото семејство на европски народи?!

Точно, политиката на Европската Унија кон Македонија е лицемерна, непринципиелна, со двојни аршини, безобразна и не постои ниту еден аргумент со кој би се оправдала таа политика кон нашите евроинтеграции, а воедно и не постои човек во изминативе години, кој во целиот комуникациски јавен дискурс преку кој се општи со колумни, изјави и интервјуа, повеќе од мене ја критикувал таа грозоморно лицемерна и нефер европска политика кон нас, а воедно и допуштањето на Бугарија од страна на Унијата, да се однесува кон нас, така како што се однесува.

Сепак, со рака на срце треба да признаеме дека сме светлосни години од тоа да заличиме на европска пристојна земја за живеење од која нема да ви текне ни на крај памет да се иселите, односно ќе сакате животно и професионално да се реализирате. И многупати сум велел дека процесот на интеграција кон полноправното членство на Македонија во Европската Унија треба да биде трансформациско патување преку кое ние ќе ги реформираме сите општествени сфери на живеењето, што во моментов се благо кажано лоши и незадоволителни.

Не сакам и лично одбивам Македонија да биде примена во Унијата врз база на политички одлуки и од политички причини, онака како што беа примени Бугарија и Романија. Особено првата. Па и после приемот да останат или, уште полошо, да се зголемат фрустрациите од тоа во каква држава живееме. Тогаш приказната ќе биде завршена, при што ништо нема да биде променето и очајот и гневот ќе останат да царуваат засекогаш. Прашајте ги Бугарите за тоа, тие најдобро можат да ви потврдат.

Извор: Слободен печат

Слични статии