ВО ТЕМНИНАТА НА ТЕШКИТЕ ОДЛУКИ
— 8 март, 2022(Кон претставата „Поделби“, по романот на Добрица Ќосиќ, во драматизација на Спасое Ж. Миловановиќ, во режија на Југ Радивоевиќ и во продукција на Српакиот народен театар од Нови Сад, Народниот театар од Ниш и Народниот театар од Приштина со седиште во Грачаница.. Гл. улоги: Небојша Савиќ, Соња Дамјановиќ, Милош Цветковиќ, Вукашин Ранѓеловиќ, Милан Ковачевиќ)
Поделбите се, би рекол, она на што се базираат сите војни. Идеолошката поеделност е генералната причина зошто би се започнала некаква војна, но поетиката на поеделеноста е многу покомплексна. Се чини дека токму затоа режисерот на оваа претстава работена по круцијалниот роман на Добрица Ќосиќ, романот прв добирник на НИН-овата награда оваа инсценација ја потпува во мрак, во темнина, во една визуелна збунетост и напнатост која донесува едно многу интересно видување на јадрото на романот на Ќосиќ. Ова е првото дело на Добрица Ќосиќ, кој понатаму генерациски го развива и низ своите други романи, додека драматизацијата на Спасое Ж. Миловановиќ се задржала за универзалниот момент на „поделеноста“ која низ сцените и ликовите ја генерира таа димензија на огорченост и страотна дилема чии последици се фатални и се чувствуваат со генерации. Режисерското видување на Радивиевиќ го проширува просторот од сцената кон публиката вовлекувајќи ја истата таа публика во мракот од којшто изгњуруваат ликовите на Урош Бабовиќ, Коста Цветиќ, Германскиот офицер, Адам Катиќ итн. Мракот на идеолошката поделност е конечно, основната причина за војната во четириесеттите години која се водела паралелно со онаа против германскиот окупатор. Миловановиќ и Радивоевиќ со оваа инсценација сакаат да ја извлечат уморената и девастирана методологија на поделеноста, на идеолошката припадност која и пред и после војната станува фрагилна и многу подложна а промени. Југ Радивоевиќ гради претстава која совршено импонира со својата чиста и јасна изразна определеност и фокусираност на ликовите. Епопејата на Урош Бабовиќ е збир од релации кои ќе се провлекуваат и во сите понатамошни дека на Ќосиќ, но и во сите понатамошни општествени формации. Некои во ова исто така мрачно транзитивно време таа поделност многу бесрамно ја нарекуваат „демократија“. Радивоевиќ не се занимава со приказната, а временскиот флукс го следи преку наративот на самите ликови, додека сивилото и крвта во неговото режисерко видување се само назнаки по кои се движи и едноумието и демократијата. Сцените во неговата режија се напластуваат, а не се подредуваат, така што приказната се склопува во главата на гледачот, додека ликовите во еден миг почнуваат да ја провлекуваат низ себе раскажувајќи ја и повторувајќи ги сите деструктивни констелации што ги предизвикуваат политичките и идеолошки поделби.
Во оваа претстава не изостануваат и актерските остварувања во кои предничи Небојша Савиќ кој во главната улига на Урош Бабовиќ открива „херој“ чија милитантна позиционираност станува негов духовен затвор. Димензијата на неодлучност и самопрегорот овој талентиран актер ја одигрува со една стаменост и сјајна реторичка умешност. Секако, неговиот хероизам е параван зад кој се кријат сите негови внатрешни недоразбирања, сите негови погрешни одлуки, сите „поделби“. Савиќ овој лик го игра со една здржана емотивност, така што овој негов Урош Бабовиќ плени со својата контрастност. Овде ќе се задржиме и на Соња Дамјановиќ која со голема посветеност и преданост ја одигрува неговата жена Вида, како и на ликот на Адам Катиќ, еден од главните ликови на целиот серијал романи на Добрица Ќосиќ кој многу прецизно и лежерно го одигрува Милан Ковачевиќ. Една од најубавите епизоди во претставата е онаа на Љубиша Дачиќ, слугата на Адам Катиќ која ја одигрува сјајниот Игор Дамњановиќ. Суров и бесчувствителен овој лик младиот Игор Дамњановиќ го игра многу страстно и посветено. Диманичен и конкретен, овој лик расте во својата многузначност и е еден вид симбол на идеолошкото маневрирање и на пропаѓањето на човечкиот дух.
Она што импонира во целата актерска енергија на оваа претстава е среќниот спој на емоцијата со реториката. Целиот актерски ансамбл може да се пофали со голема јаснотија во своите изрази, со точно извајаните и одиграни ликови, со нивната органична вклопеност и во приказната и во режисерското видување.
Визуелниот момент зборува за една грандиозност која не е назначена низ „кули вавилонски“. Радивоевиќ и како сценограф ги користи мракот и светлината како сценографија која најдобро може да ја отслика недоумицата на политичките и идеолошки превирања кај Ќосиќ. Празната сцена која излегува од мракот и низ која минуваат и луѓето и возилата е на некој начин и ветрометина каде што идеолошката матрица станува поле на пресметка меѓу ликовите. Во таа гама се движат и костимите на Татјана Радишиќ чии бои се движат по тенката линија на реализмот натопен со суптилната симболика во белината на ликот на невестата. Темните бои и милитантната назнака се дел од мракот во којшто почиваат сите жртви на политиките недоразбирања, а тоа го зборува и музичката илистрација на Александар Сребриќ која е силна и исклучително импактна. Нејзината громогласност е громогласност на историското расцепување кое со себе ја носи меморијата на осакатените духови и идеолошката некомпактност.
„Поделби“ е претстава за фрагиноста на човечкиот дух. Тоа не е претстава за приклонување кон идолошката матрица на партизаните и четниците, тоа е претстава за една политичка недоумица која во четириесеттите години беше покриена од надворешниот непријател, а во денешно време е покриена со индолентност и хипокризија. Духовната беда е дел од секоја политичка констернација, хероизмот од овие простори одамна си заминал, а лицемерието е начин на мислење кој станува луксуз затоа што сите идеолошки позиционирања подразбираат жртви, а дваесет и првиот век не препознава идеолошки жртвувања какви што сме имале во историјата. Токму затоа Радивоевиќ и Миловановиќ во оваа инсценација се занимаваат со темните страни на идеолошките поделби, со мракот во кој многу цврсто заспал хероизмот, а демократијата никако да фати корен.
Фотографии на Срѓан Дороски
Рецензија на Сашо Огненовски