Култура

СТРАВОТ, КОНВУЛЗИИТЕ И ТРАУМИТЕ

(Кон претставата „Движење“ на БИТЕФ театарот од Белград по текст на Димитрие Коканов и во режија на Јована Томиќ. Гл. улоги: Александар Ѓинѓиќ, Ана Мандиќ, Јелена Илиќ, Марта Бјелица, Александар Петковиќ)

Осаменоста е една од најважните крајпатни станици во духовниот живот на човекот. Застанувањето на таа станица каде што е темно, студено и безнадежно, човекот за миг ги сведува сметките на своите празни одови, на своите деструкции намерни и ненамерни, на своите погрешни потези. Тука, во тој мрак, низ свирежот на ветерот, целиот наш интелектуален багаж и емотивна потпора стануваат боиште на потсвеста каде минатото е единственото оружје со кое се обидуваме да посегнеме по оној другиот, непознат и недостижен. Најмалото движење е зрак среќа, надеж и увид во себеси; додека рациото и емоцијата оркестриран импулс и ѕвезда водилка. Повторно ќе се запрашаме каде? Каде тоа движење? Во насловот на еден од круцијалните текстови на српската драматургија на Димитрие Коканов се крие тајната на сите наши страдања и неодлучности, на сите гревови и надежи. Вуди Ален во еден свој расказ вели: „Животот е полн со мизерија, осаменост и страдање – и сето тоа прерано“. Коканов во петте монолози кои се откорнати од тој страотен конгломерат на духовна „непослушност“ влегува длабоко во човековата интима, во виорот на фрустрациите и траумите од личните истории, во општествените нелогичности и недоразбирањата со природата. Овој по многу нешта интересен и длабок драмски текст укажува на катастрофичноста од општата индолентност која навлегува во духовниот хабитус како вирус дисторизирајќи ги сите процеси и водејќи го човекот кон интелектуална кататоничност.

Она што изненадува и воодушевува во претставата „Движење“ е и режисерското видување на Јована Томиќ. Скоро и да не можеме да се сетиме на претстава која во формална смисла експериментира со интеракцијата публика – актери, а со себе истовремено да го носи и балансот на мотивите и тематското обележје на самиот текст. Минувајќи низ просториите на легенадарниот БИТЕФ театар налетувавме на ликови кои ни говореа за своите трауми, за својот светоглед и за недостижноста на нивните желби и копнежи. Режискиот концепт на оваа талентирана режисерка се движи од компримираниот реализам во реториката на текстот па се до симбиозата на тактилното и емотивното. Петте монолози на различни места во самиот театар преку овој концепт зборуваат и за присутноста, но и за отсутноста. Нашата перцептивна моќ такаречи го прегрнуваше секој актер и секоја актерка, заедно со него/неа навлегуваше во еден свет кој наликува на нашиот, свет од чии екстрати беа вообличени сите емотивни констелации на актерите. Режисерското видување на „Движење“ ни овозможи да го почувствуваме мирисот на детските трауми, на горчината истурена во тоалетот каде многу пати сме влегувале да се плукнеме самите себеси во огледалото, во стаклената градина каде се е лажно, а и ние не сме нешто многу вистински и во сивилото на фабриката од каде што монотонијата извира во слапови. Двата дела на овој драмски текст кој е сосема неконвенционално напишан, се однесуваат, првиот на интимната, а вториот на општетсвената и социјална дисторизија. Велам дисторзија затоа што Коканов како и Томиќ инсистираат на поместеност и во феноменолошка, а и во онтолошка смисла. Таа филозофска конвулзија помешана со тактилноста, сензорноста и просторната блискост раѓаат до крај мултизначно театарско дело – театарски импулс кој е рамен на доживувањето на временската честичка. Она што останува како мистерија во прагматична смисла е редоследот на сцени кои за секоја група од публиката е различна, потег кој заговара една трауматска цикличност по која остануваат и дилеми, а и интерпретации. Дилеми во прередувањето на поттекстите по значење и нивната метаболитичка инфилтрираност во нас, а интерпретации на ниво на судови и препознавања. Да, овде за миг остануваме во тие препознавања и веројатно тука се наоѓаме со режисерското гледање на Јована Томиќ која блискоста на актерите и актерките со секого од нас ја наведува како услов човечките трауми да ги вдвоиме залепувајќи ги за нашите кои никогаш не се исти, но се слични. Претпоставувам дека тука лежи причината за таа цикличност на сцените во кои актерите и актерките пет пати го одигруваат/одживуваат својот монолог, својата претстава, пренесувајќи ги сите трауми и емотивни без да инсистираат на почеток и крај. Во својата поетска збирка „Песок и пена“, големиот поет Халил Џибран вели: „Кога ќе стигнете до крајот на она што треба да го знаете, ќе бидете на почетокот на она што треба да го почувствувате“. Цикличната драматургија и кругот на режијата на оваа претстава донесе различни толкувања кај секого од нас што е легитимно затоа што тоа го зголемува нејзиното значење, но донесе ист трепет, верувам иста возбуда како и актерите и актерките кои на самиот крај од претставата не сплотија промешувајќи се со нас. Во емотивна смисла тие влегоа во нас, во нашата духовна тектоника.

Актерскиот сегмент во „Движење“ се движи по точно исцртани линии на емоцијата и исповедта. Петте актери и актерки првенствено покажаа дека раскажувачкиот театар е и тоа како моќен и импактен. Јелена Илиќ, Александар Ѓинѓиќ, Александар Петковиќ, Марта Бјелица и Ана Мандиќ ги отворија дамарите на непослушноста на телото и вознемиреноста на духот. Јелена Илиќ чиј монолог натопен со голема емоција ни ги повика сите оние нетрпеливости кои не можеме да ги искажеме никаде освен во тоалетот каде сме „многу“ интимни. Нејзината претстава одиграна на десетина центиметри од нас не одведе во интимен пекол каде што страдањето е сублимирано во фантастично одиграните пасажи на дама која ете, баш, како што споменав погоре, само што не се плукнала себеси во огледалото. Сјајна актерка со бескрајно рафиниран актерски израз. Александар Ѓинѓиќ со својот тивок, навидум смирен монолог раскажува една грозоморна траума од минатото и со несомнено одлично водениот реторички дискурс искорнува од нас емоции и потсетувања на нашите сопствени трауми. Неговата претстава е одлично водена по тенките рабови на смирената и рационална исповед. Младиот Александар Петковиќ импонира со својата лесна заводливост и етеричност, додека Марта Бјелица со својата компримирана енергија која знае совршено добро да ја конвертира во значење и порака. Кога сме веќе кај пораките, Ана Мандиќ во последната претстава на многу сензитивен начин се бори со лошата порака на цивилизацијата и нејзините емотивни пасажи во овој дел од претставата се исклучително вепачтливи.

Сценографското решение е дело на Јасмина Холбус кое е од есенцијално значење. Таа ја одредува насоката, т.е. географијата на движењето на целата драматургија и режија одредувајќи ги локациите кои малку намекнуваат и на лесна дистописка одреденост што е точка на „и“ во целиот овој проект. На тоа се приклучуваат и костимите на Селена Орб кои се движат по каноните на денешното модерно милје, додека импресивната музичка подлога е на Лука Мејџор. Секако, визуелно-аудитивниот сегмент се движи во гамата во која се движи целата претстава со асоцијативен наслов „Движење“, претстава која без остаток ве остава во многу дилеми, но остава и многу пораки.

Излегувајќи од оваа претстава помислувам на тесните соби во кои сум престојувал во својот живот, а биле од животно значење за мене. Колку сум бил комотен во таа притеснетост не помислувајќи на тоа дека мојата лична, интимна исповест тече токму во тие соби, меѓу тие ѕидови кои никогаш не ми сметале затоа што моите трауми биле поголеми од клаустрофобијата која со децении не ја чувствувам. Поднасловот на текстот на Димитрие Коканов е „технологија и кореографија на стравот“, додека во крајната сцена од текстот тој вели дека се во нас и надвор од нас има свое тело. А телото живее додека се движи. „Движење“ е театарска студија за болните поместувања додека ние навистина многу повеќе му слугуваме на стравот отколку на љубовта.

Рецензија на Сашо Огненовски