Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) на 23 декември ќе го промовира зборникот „Конески на 11 јазици“ – зборник од преводите на учесниците од напреднато ниво на познавање на македонскиот јазик на Првата зимска школа и на 54. Летна школа.
Промоцијата на зборникот „Конески на 11 јазици“ ќе се одржи виртуелно, на платформата Зум, на 23 декември 2021 година, со почеток во 12 часот, а со свечена реч, како што најавија организаторите, ќе ја отворат министерката за култура Ирена Стефоска и ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски, по што ќе следи и пригодна реч на директорката на МСМЈЛК при УКИМ Весна Мојсова-Чепишевска. Промотори на Зборникот ќе бидат странските македонисти Ала Шешкен од МГУ „Ломоносов“ од Руската федерација и Намита Субиото од Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана, Република Словенија. Настанот ќе биде збогатен со обраќањето на Роза Тасевска (лектор по македонски јазик на повеќе странски универзитети), како и на семинаристите преку читање на своите преводи на Конески.
МСМЈЛК при УКИМ ја отвори манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ кон крајот на јануари, поточно од 25 јануари до 5 февруари кога ја организираше Првата зимска школа на далечина (онлајн).
– На оваа активност, се надоврза и 54. Летна школа што се одржа од 15 август до 2 септември, која по пауза од една година повторно беше на своето старо, добро место – во Охрид. Групите семинаристи од двете школи кои својот интерес го насочуваат кон изучувањето на македонската литература и култура и кон преведувањето од македонски кон другите јазици како еден креативен чин беше составени од професори, преведувачи, докторанти и магистранти по македонистика, како и од студенти по македонски јазик и македонска литература, заедно со своите лекторки Роза Тасевска и Весна Мојсова-Чепишевски, потпомогнати со помладите колеги Јован Ковачевски и Елена Ѓорѓиовска, се најголемите заслужници за ова второ дополнето издание на Зборникот „Конески на 11 јазици“.
Ова е второ или дополнето издание на Зборникот во кој, како што наведуваат, покрај препевите на песни и преводите на (кратки) прозни текстови од Конески, влегуваат и првите преводи на дел од култната книга „Разговори со Конески“, и тоа на руски, српски и словенечки. Во овој Зборник се објавени и текстови со сеќавања за Конески од странските македонисти: академик Зузана Тополињска, академик Иван Доровски, академик Виктор Фридман и академик Горан Калоѓера.
Во него се објавуваат препеви и преводи од творештвото на Конески остварени во текот на програмските активности на МСМЈЛК за време на двете школи што се одржаа во Блажевата 2021 година. Така, Конески може да се чита на 11 јазици и тоа на: руски, полски, чешки, словенечки, хрватски, српски, бугарски, италијански, шпански, грчки и турски јазик.
Зборникот е дел од годишната програма на МСМЈЛК при УКИМ и се организира во рамките на Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, под покровителство на претседателот на државата Стево Пендаровски, а во координација на Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука.