Фестивалот „Друга приказна“ годинава посветен на сликовниците
— 29 септември, 2021Во Пионерскиот дом „Карпош“ по шести пат, на 1 и 2 октомври, ќе се одржи книжевниот фестивал „Друга приказна“. Сликовниците се тема на годинешниот фестивал, а мотото е славната реченица на Леонардо да Винчи: „Сликата е нема песна, а песната е слепа слика.“ Фестивалот годинава се обраќа и на децата и на возрасните. Фестивалот ќе се обиде да понуди свеж пристап кон жанрот на сликовниците, преку мултимедијални и перформативни иновации. Истражувајќи ги разните форми на доживување на сликовниците, читателите ќе бидат поттикнати да ги искусат на нов начин. Фестивалот ќе се отвори со промоција на новиот број на списанието „Маргина“, проследено со изложба, „Седум современи македонски илустратори“. Главниот настан ќе биде „Читање на омилените сликовници“, каде ќе учествуваат повеќе посветени читатели од различни професионални сфери. Вториот ден ќе се одржи промоција на новата едиција „Старо купувам“ во издание на Темплум, која спојува класични текстови за деца од важни македонски автори, преоблечени во оригинални илустрации од млади македонски ликовни уметници. Ќе се одржи и проекција на три анимирани видео-сликовници, како и камишиба и претстави (јапонски сликовен театар), со цел откривање на нови димензии на сликовниците. Георги Господинов, писател од Бугарија, е шестиот добитник на главната награда на фестивалот. Господинов е еден од омилените автори кај македонската читателска публика, маестрално вешт во пишувањето експериментална кратка проза. Досегашни добитници на наградата се Давид Албахари, Влада Урошевиќ, Оља Савичевиќ Иванчевивиќ, Ненад Величковиќ и Јана Бауер.
Поднасловот на регионалниот книжевен фестивал Друга приказна е „мали фикции“. Фестивалот настојува да ги афирмира експерименталните книжевни форми и средбите на книжевноста со другите медиуми. Фестивалот е финансиски поддржан од Град Скопје.
Програма:
на 1 октомври, петок 18 ч. – Промоција на Маргина 93; изложба на седум илустратор(к)и застапени во Маргина: Ване Костуранов, Александар Иванов, Инес Ефремова, Катерина Николовска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ристо Аврамовски и Душица Димитровска; 18.30. – Видео обраќање на Георги Господинов, лауретот на овогодинешниот фестивал; – Господинов ја чита омилената сликовница; 19.30. – Читање на омилените сликовници; учествуваат: Ана Голејшка Џикова, Никола Гелевски, Срѓан Јаниќиевиќ, Јана Јакимовска, Исток Улчар, Ѓорѓе Јовановиќ, Ангела Стојановска, Драгана Дрндаревска, Амернис Нокшиќи…
2 октомври, сабота 18 ч. Промоција на новата едиција сликовници, „Старо купувам“; – Сликовницата „Страшна ноќ“ од Славко Јаневски и Наташа Андонова прикажана како Камишибаи претстава; 19.00. Три Темплум видео сликовници: Мојот чадор може да е и балон; Морис; Мачки и глувци наопачки; 20.00. Разговор за илустрацијата во Македонија; учествуваат Инес Ефремова, Софија Семенпеева, Ладислав Цветковски, Никола Гелевски…