Култура

107 години од раѓањето на Василие Поповиќ – Цицо

На денешен ден, 12 февруари 1914 година во Скадар е роден истакнатиот македонски уметник од црногорско потекло Василие Поповиќ – Цицо (12.2.1914 – 10.12.1962). Автор без чија луцидност, шегобијност и сатиричност е тешко да се замисли македонската уметничка и театарска сцена. Неговата ширина на творечки подрачја го прави исклучителен — прв вистински карикатурист кај нас и автор на корицата на првиот буквар на македонски јазик, првиот грб на град Скопје и НР Македонија. Еден е од основоположниците на театарската сценографија — вработен во Народно позориште „Краљ Александар I“, Скопје од 1938 до 1941 година и од 1945 година во Македонскиот народен театар, каде што останува до крајот на животот. Светот го имаше Волт Дизни, а ние Цицо – автор на безброј карикатури, 30 сценографии и 14 костимографии во МНТ, човекот кој напамет го знаел делото „Сирано де Бержерак“. Бил ислучително плоден и разновиден творец кој оставил значајна трага во многу области на визуелната култура и уметност: карикатура, сценографија, илустрација, дизајн…

Се школувал во Белград, а целиот свој творечки живот го поминал во Скопје. Учел во тогашната Уметничка школа во Белград (подоцна Уметничка академија) кај истакнати професори, познати српски сликари Иван Радовиќ, Љуба Ивановиќ и други. Раните дела на Цицо се врзуваат за областа на карикатурата, а според квалитетот и квантитетот на овие трудови во литературата е означен и како хроничар на своето време.

Нему му се припишува и основоположничката улога на сценографиите во Народниот театар во Скопје (МНТ) што исто така зазема значајно место во неговиот севкупен творечки опус.

Автор е на првото ликовно решение на македонскиот државен грб. Во контекст на денешната култура, кога графичкиот дизајн е базичен чинител во визуелната култура воопшто, делото на Поповиќ се исчитува, сублимира и контекстуализира во рамките на ликовната уметност од втората половина на 20 век.

Продукцијата на Василие Поповиќ – Цицо во областа на графичкиот дизајн е огромна, а опремувал и илустрирал книги со различна тематика – од популарни романи и ангажирана литература до учебници. Во рамките на нивната реализација ги користел естетските искуства на реализмот, кубизмот, поп-артот и конструктивизмот. Целокупниот творечки опус на Поповиќ се карактеризира со исклучителен талент на цртач, вонреден психолошки пристап и очигледна емоционална интелигенција во физиономиите на прикажаните ликови (посебно во карикатурата), како и во идејните решенија на композицијата (во графичкиот дизајн, илустрациите и сценографијата).

Василие Поповиќ – Цицо починал во Скопје, 1962 година.

 

Автор:

Слични статии