Култура

„Врба“ на Манчевски на филмскиот фестивал „Црни ноќи“ во Талин, Естонија

По азиската премиера на фестивалот Златен коњ во Тајпеј и одличниот прием од публиката и медиумите, филмот на режисерот Милчо Манчевски „Врба“ утре ќе се прикаже на 23. Филмски фестивал Црни ноќи во Талин, Естонија.

Со оглед на тоа што филмот ја имаше светската премиера на Римскиот фестивал, во Талин ќе игра вон конкуренција, во програмата Потписи, во која, како што велат од Фестивалот, се „најновите дела на филмските велемајстори“.

„Врба“ ќе има три проекции во Талин, а на утрешната ќе гостува и Манчевски, кој ќе одговара и на прашања од естонската публика. Црни ноќи е меѓу 14-те светски фестивали од А-категорија. рангирани според ФИАПФ.

Од продукцијата велат дека премиерата во Талин ќе биде посветена на Ник Пауел, извршниот продуцент на „Врба“, кој почина една недела по македонската премиера. Екипата на филмот го нарече легендарниот Пауел „срце на нашиот филм“.

Филмот неодамна постави нови рекорди во земјава, откако за само 20-ина денови го видоа преку 20.000 гледачи во Скопје, Битола, Охрид, Струга, Прилеп, Штип, Куманово, Крива Паланка, Свети Николе, Кочани, Богданци, Крушево, Гевгелија, Виница, Радовиш, Пробиштип, Македонска Каменица, Кавадарци… На барање на публиката, во Штип, Крива Паланка, Радовиш и Кичево имаше и дополнителни проекции.

Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски ја импресионираше азиската публика на филмскиот фестивал „Златен коњ” во Тајпеј. Меѓу бројните написи за филмот во Тајпеј, се огласи и истакнатата професорка по атропологија, Ју-Чиен Хуанг, којашто напиша: „Прекрасен, поетски филм, кој тера на размислување. Деликатната наративна структура и продлабочените мотиви ги допираат душите на гледачите“.

Автор:

Слични статии