Отворен 40.ИФФК „Браќа Манаки“: „За еден фестивал, не велиме дека е стар, туку дека го пронашол своето место во културата“
— 15 септември, 2019Во преполната сала при Центарот за култура во Битола, синојка, стартуваше јубилејното 40.издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ а беше отворен со најновиот филм на шпанскиот режисер Педро Алмодовар, „Болка и слава“. Пред црвениот тепих во специјално изградена конструкција се одвиваше перформанс, во режија на Срѓан Јанаќиевиќ, во кој и публиката беше вклучена како актер. Честитајќи им го јубилејот, претседателот на С. Македонија, Стево Пендаровски, кој и официјално го отвори фестивалот, рече дека четири децении, доследно и посветено се чува наследството коешто го оставија Јанаки и Милтон Манаки.
„За еден фестивал, не велиме дека е стар, туку дека го пронашол трајно своето место во културата на една држава и на еден народ и е резултат на истрајноста и неуморниот ангажман во изминатите четири децении на сите коишто се вклучени во организацијата и во селекцијата на програмата. Претседателот Пендаровски му ја врачи наградата „Златна камера 300“ за животно дело на Едвард Лакман, кинематографер кој досега има две номинации за „Оскар“, „Бафта“ за животно дело и е наречен „Волшебникот со камерата“. Заблагодарувајќи се на наградата Лакман рече дека односот меѓу кинематограферот и режисерот не е како брак, туку како двојка која танцува, само прашањето е дали тие ја слушаат истата музика!?
-Режисерот е оној којшто ја поставува сцената и треба да ги третира кинематограферите како уште еден актер која ја дава својата најдобра изведба, но важно е дали режисерот ќе му овозможи навистина да блесне во сиот свој сјај. Ова е ретка можност за мене, многу слушав за Фестивалот и со години сакав да дојдам овде. Да се биде во друштво на толку големи имиња кои биле лауреати, од кои дел биле мои ментори, како Свен Линквист, Роби Милер, едноставно не знам дали припаѓам во тоа наследство.
– Сите ние овде денеска сме собрани за да го славиме раскажувањето преку подвижните слики и да се потсетиме на денот кога Јанаки заминал во Лондон за да ја купи камерата и воопшто не претпоставувал дека алатката која ја купува ќе стане главната алатка на најголемата уметност на иднината. Битола стана Мека на сите кинематографери и како потпретседател на британското здружение на кинематографери дојдов овде да ви ги пренесам честитките и од најголемиот број на лауреати на овој фестивал во изминатите години. Правењето филмови е колаборативен потфат, а исто така и правењето ваков фестивал е колаборативен потфат, рече Волтерс.
На отворањето, министерот за култура на С. Македонија, Хусни Исмаили изрази задоволство што на јубилејното славење на филмот на најстариот фестивал за филмска камера во светот, ја има можноста да ја сподели сцената со доајените од македонската кинематографија и со великаните од светскиот филм.
Директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска, која го понесе слоганот „Филмот ни припаѓа на сите нас“ се заблагодари на сите кои помогнаа во реализацијата на фестивалот и на сите оние кои оваа вечер во салата седеа на столчето на кое седеле нашите претци на почетокот на „Манакиевите средби“. Пред проекцијата, на „Болка и слава“, директорката на фестивалот Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска го претстави кинематограферот на филмот, Хозе Луис Алкаине, кој е лауреат на Златна камера 300 на 34. издание на фестивалот во 2013 година. Тој обраќајки и се на публиката рече дека неговиот јазик се сликите и со нив го пренесува она што сака да го каже.