Култура

Модерни трендови во унгарската фотографија од XX век

Со изложбата „Модерни трендови во унгарската фотографија“, што ќе се отвори утре, (петок) во Мала станица, ќе започне манифестацијата „Унгарската култура поблизу до нас“, којашто во наредните недели ќе опфати десеттина настани. Изложбата ја организира Амбасадата на Унгарија во Скопје во соработка со Дирекцијата за култура и уметност и Националната галерија – Скопје и Унгарскиот музеј за уметност. 

Изложбата има за цел да ги истакне прогресивните идеи што оставија голем печат на уметничката фотографија од Унгарија во ХХ век преку неколку дела од светски познати фотографи и други уметници кои досега беа попознати во Унгарија отколку во останатиот дел од светот. Изборот е направен од колекциите што се наоѓаат во Унгарскиот музеј на фотографија.


Љубителите на уметничката фотографија, општо земено, се согласуваат дека во периодот меѓу војните, Унгарија беше во врвот во поглед на важноста на нејзините уметнички фотографи. Фотографијата на Андре Кертес (родено име: Андор Кертес/Andor Kertész), Ласло Мохоли-Наѓ (László Moholy-Nagy), Брасај (Brassaï, псевдонимот на Ѓула Холас/Gyula Halász) и Мартон Мункачи (Márton Munkácsi) е на висока цена во целиот свет. Нивните дела се сметаат за апсолутни икони на фотографијата меѓу војните. Со сликите прикажани на изложбата, што го опфаќаат периодот од годините пред Првата светска војна па сѐ до крајот на Втората светска војна, може да псе роникне во оригиналните дела на овие велики фотографи.


Изложбата има за цел да претстави и дела на помалку познатите унгарски фотографи од периодот, меѓу кои на Ангело (Angelo), Карој Ешер (Károly Escher), Имре Кински (Imre Kinszki), Јожеф Печи (József Pécsi), Јудит Карас (Judit Kárász), па дури и на Иштван Керњ (István Kerny), кои се одраз на експериментализмот од тој период и алтернативните идеи што се косеа со доминантните и вообичаени фотографски стилови најдобро претставени со доцниот пикторијализам и т.н. „унгарски“ стил.


Раните монтажи на Иштван Керњ, што наликуваат на автопортрети, сликите што кокетираат со апстракцијата на Имре Кински, или пак современиот дух изразен во модата и рекламната фотографија на Јудит Карас и Јожеф Печи, кои се образувале во „Баухаус“, се важни аспекти на историјата на фотографијата во Унгарија. Овие фотографи – за разлика од нивните современици, кои се прославија во странство и кои сѐ уште ги сметаат за главни ликови во меѓународната историја на фотографијата – никогаш не создадоа сопствени стилови и школи. И покрај тоа, како што се гледа од фотографиите на изложбата, сведочат на безвременскиот и креативен став кој свесно го употребува фотографскиот медиум.
Целта на изложбата „Модерните трендови во унгарската фотографија од ХХ век“ е да претстави различни фотографски изрази кои своевремено претставувале прогресивна форма на визуелен израз и кои се сѐ уште одраз на еден храбар, модерен, визуелен свет.

Слични статии