Култура

Ин мемориам, Стефан Сидовски Сидо – филмскиот Маркез (1946-2019)

„Образованието, какво што е сега, има за цел само да создава (а најчесто тоа не му успева) лојални граѓани на системот кој е на власт, контролиран и лесен плен за манипулација.“
Ќе се осмелам да кажам дека професорот Сидо е во редот на ретките и најжестоки критичари на недемократијата. Филозофијата и филмот се само формите, алатките, кои како педагог ги практицираше и од кои ја извлекуваше суштината и значењето на слободата.
Филозофијата ја користеше за попластично толкување на филмот, а филмот го користеше како визуелен инструмент за толкување на слободата. Потрага по слободниот човек.
На почетокот на секоја учебна година во гимназијата Раде Јовчевски Корчагин, професорот по философија Стефан Сидовски пред своите ученици од четврта година доаѓа со својата уникатна маица на која на германски пишува: „Секој човек има своја авантура“-реченица од еден филм на Вим Вендерс. На последниот час, на крајот од учебната година професор Сидо носи друга маица со натпис Play Time, (наслов на филм од Жак Тати). Ова се двете клучни пораки кои Сидовски на необичен филосовско-филмски јазик им ги упатува на идните полнолетни граѓани, обидувајќи се на метафоричен начин да ги соочи со нивната иднина.
Со Сидо сме разговарале безброј пати. Во разни пригоди и на разни теми. И приватно, и „службено“, особено по филмските проекции во дебатниот клуб „Лале“ во МКЦ последиве 4 години. Со својата егзактност, супериорност во познавањето на теориската и историската филмска материја беше задоволство да се слушнат „завршните зборови“ за вреднувањето на некој филм. Постојано ги изнаоѓаше вистинските аргументи, кусо, лаконски а прецизно и авторитативно.
Но Сидо, на некој начин беше енигматичен. И покрај дружељубивоста, комуникативноста која природно беше негова педагошка „обврска“, тој, некако „филосовски мадро“ ја чуваше својата приватност. Се чини дека тоа беша и клучот за дефинирање на слободата. Во една прилика ми рече: „На моите ученици и студенти (на ЕСРА) им велам – За вас единствен проблем во животот ќе биде да бидете зрели, а зрелоста ќе ве научи како да бидете слободни.“
Сидо-философот ги почитуваше Русо и Монтескје. Со тоа и се самодефинираше како „Благороден дивјак“ критичар на цивилизацијата и апологет на слободата. И затоа Сидо вели: „Самосвеста е најефикасно орудие против репресијата, а ако сме дозволиле власта да донесува одлуки за нашите животи, можеме да се сметаме за идиоти“.
И неговиот филозовски гнев и оној кој го потенцираше во своите кратки но жестоко критички обоени филмови, беа насочени кон политиката и кон политичарите. И пак ќе го цитирам: „На оваа планета постојат 4 профили или типови луѓе кои ги носат сите одлуки за нашиот живот: политичари, бизнисмени(трговци), банкари и генерали. Нека звучи и патетично, но тоа се четирите коњи на апокалипсата. Онака, болшевички, би ги построил на ѕид и…да ги нема“
„Последното кафе“, своевиден филмски епитаф на Сидо го дефинира неговото слободарско кредо. Простете, но морам да си ја прераскажам филмската метафора од филмот на Сидо: -Да, мене ме принудија да ставам пиштол на слепоочницата, но нема да им го пружам тоа задоволство, нема да окинам, ќе си заминам во мојот правец, во вечната слобода.
… Последната филмска желба му беше да го гледаме и да дебатираме за филмот „Јас сум Куба“ (Soy Cuba) од 1964 година, снимателското и режисерското ремек-дело на Сергеј Урушевски и Михаил Калатозов.
Влатко ГАЛЕВСКИ

Д-р Стефан Сидовски е роден на 3 октомври 1946 год. во Скопје. Студира филозофија, а естетика слуша кај професорите д-р Павао Вук Павловиќ и д-р Георги Старделов. Во 1973 год. се вработува во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин”. Во 1995 година магистрира со трудот „Естетската суштина на филмскиот кадар”, а во 2001 год. докторира на тема „Естетиката и дијалектиката во монтажата на филмот”. Уште од гимназизки денови се занимава со аматерски филм, прво самостојно, а потоа, како член на киноклубот „Камера 300″. Од 1975 е член на „Академскиот киноклуб”. Го носи звањето „Мајстор на аматерскиот филм”, највисоката титула што ја доделува Кино сојузот на Македонија. Со своите филмови учествувал на многу меѓуклупски и меѓународни фестивали на кои бил наградуван, а некогаш и забрануван. 

Автор: