Исчезнатиот премиер во филмот „Еј“ го затвори филмскиот фестивал „Синедејс“
— 19 ноември, 2018Филмот „Еј“ на режисерот Васил Христов, снимен пред десет години, а постпродукциски завршен оваа година, го затвори 17.издание на филмскиот фестивал на европски филм „Синедејс“. Долгоочекуваната премиера на овој филм се должи на времето во кој настанал како идеја а потоа и реализиран на филмска лента, кога вакви филмови во кои се измејува политиката и политичарите не беа поддржувани. Снимањето започнало на 24 декември во 2008 година и траело шест недели. Целиот материјал бил снимен без буџет и без финансиска поддршка, но со добра волја на сите учесници и нивниот ентузијазам филмот да успее, работејќи по шеснаесет часа дневно, но сепак заглавил во постпродукцискиот дел.
- Филмот не беше директно забранет, но имаше опструкции. Едноставно, беше политички неподобен иако никогаш отворено не било објавено дека е забранет. Сум тропнал на многу врати, ми ветуваа на почетокот, но после гладање на снимениот материјал од 10 минути, ветувањата пажаа во вода, вели режисерот Васил Христов на прес конференцијата во МКЦ по повод премиерата на филмот што се одржа во недела во Милениум, рече Христов
Филмот настанал по неговата позната субверзивна претстава „Мара Сад“, која и покрај овациите на публиката била тргната од репертоарот на театарот како одговор на политичката цензура и голем дел од екипата се обединеле во неформалниот „Еј! Колектив“ и решиле да снимат целовечерен игран филм. Филмот е политичка сатира, а тимот од професионални ентузијасти го снимиле филмот за шест недели.
- Претставата беше политички некоректна т.е. неисправна за МНТ во тој период. Но наместо да западнеме во апатија, седнавме со Оливер Митковски и Николина Кујача да напишеме сценарио за филм во летото 2008 во кој се појавуваат 45-50 професионални актери.
За време на една ноќна забава, група пријатели имаат спиртуална сеанса во која на шега се обидуваат да го повикаат духот на Александар Македонски. Наместо него, меѓу нив се материјализира премиерот на земјата. Набргу низ целиот свет се шири веста за исчезнувањето на македонскиот премиер.
Куриозитет е тоа што премиерата на филмот коинцидира со „филмското“ исчезнување на поранешниот премиер, односно неговото бегство од издржување на затворската казна и гласините за неговото киднапирање.
- Сите сме нестрпливи да го видиме резултатот од временска дистанца од 10 години, да видиме што сме сакале во таа 2008 нгодина. А во таа година ништо не се наѕираше од она што потоа следеше. Аеродромот го доби името Александар Македонски, а ние верувавме дека се ќе „падне“ после 2-3 години. Сè уште антиквизацијата во тој период не беше дојдена до лудило, па бевме и храбри и зелени да си играме со таа идеја, вели Христов.
Жанровски, овој филм е прва политичка сатира во македонската кинематографија која е оптоварена со социјални историски теми, рече Оливер Митковски на прес конференцијата. Политичката елита и нашето општество се уште не се созреани да се соочат со политичка сатира, но се очекува овој филм да придонесе за тоа. Актерката Кујача додаде дека треба социјалниот и моралниот праг да го кренеме повисоко за да може да „проголтаме“ вакви теми.
Во филмот играат голем број на актери кои низ годините изградија успешни домашни и меѓународни кариери: Кирил Коруновски, Николина Кујача, Оливер Митковски, Јордан Симонов, Александар Микиќ, Игор Ангелов, Јелена Јованова, Гораст Цветковски, Драгана Костадиновска, Сашко Коцев, Софиа Насевска Трифуновска, Соња Стамболџиоска, Славиша Кајевски, Јелена Мијатовиќ, Марија Новак и многу други. Васил Христов е режисер, сценарист и монтажер на филмот. Душан Кардалевски е директор на фотографија а како ко-сценаристи се појавуваат и Николина Кујача и Оливер Митковски.
Од 22 ноември филмот ќе биде достапен на редовниот репертоар на „Синеплекс“ и „Милениум“.