Култура

Доделени наградите на Фестивалот на комедијата „Гола месечина“

Вчера, на свеченото  затворање на Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“, кој од 18 до 23 јуни се одржа во Спортскиот центар „Ново Лисиче“, беа доделени седум награди. Наградата Гран- при,  за најдобра претстава  а Фестивалот, ја доби „Једваносимсобоакаломистобо“ на сараевскиот воен театар САРТР. Режисерот на истата претстава, Алеш Курт, ја доби наградата за најдобра режија. Наградата за најдобра машка улога му беше доделена на Фаик Mефаилоски за ликот на Ерџан во претставата „Синиот портокал“ на велешкиот театар „Џинот“, а за најдобра женска улога на Сања Крстовиќ за ликот на Живка во претставата „Госпоѓа министерка“ на Народниот театар од Ниш. Награда за најдобра епизодна улога ѝ беше доделена на Анета Томашевиќ за улогата на госпоѓа Потер во претставата „Kидај из моје кухиње“ на театарот од Шабац. 

Изборот на победниците го направи меѓународна тричлена жири-комисија во состав Иван Лео Лемо како претседател, Магдалена Ризова Черних и Љупчо Петрушевски како членови.

Оваа година за првпат беа доделени и награди за костимографија, која ја доби Елена Дончева за претставата „Дванаесетта ноќ-спроти Водици“  од народниот театар „Антон Панов“ од Струмица и награда за млад актер, која ја добија, Ефтим Трајчев Ѓаурски од народниот театар од Штип за улогата во претставата „Умри машки“ и  Давор Сабо од сараевскиот воен театар „САРТР“ за улогите во претставата „Једваносимсобоакаломистобо“.

Пред свеченото доделување на наградите во присуство на огромен број дечиња од Аеродром на сцената беше одиграна детската претстава „Тоби“ на Театарот за деца и младинци од Скопје, а со стендап-комедијата на Марјан Ѓеорѓиевски вчеравечер и официјално заврши „Гола месечина“.

Слични статии