Култура

Премиера на „Венецијански трговец„ од Шекспир во Драмски

Вечерва во Драмскиот театар во Скопје, ќе биде изведена  премиерата на претставата „Венецијански трговец“ од Вилијам Шекспир. Изборот да биде токму оваа драма на Шекспир помеѓу режисерката Наташа Поплавска и директорот на театарот Роберт Вељановски е поради тоа што ова е еден од најмалку изведуваните претстави воопшто во светот.

Се работи за трагикомедија, жанр кој малку подоцна од времето на Елизабета доаѓа на театарската сцена, рече Поплавска. Таа изрази задоволство што имала можност изборот на актерите да го направи на отворен кастинг на кој се јавиле над 70 актери, по што пристапила на изработка на концептот на претставата. Доминираат машки актери, затоа што вели, сакала да искуси како е тоа да се прави театар според Шекспировското време кога жената немала можност да игра ниту една главна улога, а главните женски улоги биле давани на млади момчиња чиј глас се уште не бил променет.

Кореограф на претставата е Ирена Лозинска, која доаѓа од Чикаго, а директор за сценски движења е гостинката од Белград Маја Митиќ, актерка која се занимава со физичкиот театар.

Според Јовица Михајловски кој се јавува во улогата на Шајлок,  е една од најзначајните улоги во опусот на Шекспир заедно со Хамлет, а го инспирирало тоа што се работи за текст стар 400 години кој не изгубил воопшто од својата актуелност.

– Шајлок е борец против неправдата, нетолеранцијата, за еднаквост бидејќи речениците што ги говори Шајлок се реченици на Мартин Лутер Кинг, на Нелсон Мендела. Тоа е борба за толеранција и почитување на малцинствата од кој било вид, верски, национални… и тоа е она што ја дава актуелноста на Шајлок, вели Мијаловски.

За Диме Илиев, највпечатлива е енергијата, која се развила во процесот на подготовката на претставата од соработката со млади актери, чија подготовка била доста напорна.

Стефан Вујисиќ, која го игра ликот на Порција, вели дека при креирањето на улогата се обидел да воспостави однос помеѓу Шекспировата Порција и Порција која би можеле да ја сретнеме денес помеѓу нас.

Во претставата играат и Анастас Тановски, како и младите актерски надежи на Драмскиот театар: Стефан Вујисиќ, Дамјан Цветановски, Златко Митрески, Григор Јовановски, Сергеј Димоски, Јаков Спасов и Марко Илиќ, како и гостинот од Прилепскиот театар Зоран Ивановски. Единствениот женски лик го толкува Јана Стојановска.

Костимите се дело на Александар Ношпал, музиката на Јана Стојановска, Лука Ѓоргиевски и Андреј Блажевски, а сценографијата на Емил Петров.

Ова е втора постановка на „Венецијанскиот трговец“ во историјата на македонскиот театар. Првпат е поставен во 1970 година во МНТ во режија на Хуго Клајн, а улогата на Шајлок му била доверена на бардот Петре Прличко.

Подготовката на претставата покрај од Министерството за култура е поддржана и од Арт медија, како и од неколку приватни компании. За оваа претстава изработена е и веб-страница https://venecijanskiot.wixsite.com/dramski. Инаку, ова е втора премиера на Драмскиот тетар за оваа година, а која се игра според програмата за 2016 година.

 

Автор:

Слични статии