Култура

Црквата „Св.Ѓорѓи Победоносец“ во Младо Нагоричане е конзервирана и реставрирана

Црквата била во исклучително лоша состојба, особено кровот кој прокиснувал и водата која што навлегувала го раздробувала каменот и внатрешноста на црквата.

Во непосредна близина на црквата „Св.Петка“ се наоѓа и цркваta „Св.Ѓорѓи Победоносец“ посветена на Св.Ѓорѓи и двете во селото Младо Нагоричане. Не се знае точно од кога датира црквата. мислењата се движат во временски распон, опчнувајќи од 11 век па се до 17 век. Се работи за доста интересен архитектонски објект. Граден е од разнобојни обработени камени блокови од светла до темно окер и жолтеникава боја, долги до 1 метар, а во изработка на прозорците и украсите во горните делови е употребена црвеникава тула. Се работи за трокорабна базилика со развиен впишан крст во основата. На западната страна се наоѓа широк варосан нартекс, издвоен од наосот, кој никогаш не бил живописан. На источната страна се наоѓа тристрана апсида, која одвнатре е полукружна. Главниот влез е на западната страна но повеќе функционира влезот од јужната страна. Западната фасада е украсена со бифора и по една монофора од двете страни, спуштени на подолното ниво, сместена во декоративен лак од црно бели квадрати и слепи арки на конзоли, кои ја осликуваат сводната структура во внатрешноста изведена во наизменични движења на светли и темни блокови. Ваков декоративен лак со бифора се наоѓа и на јужната страна. Овие елементи се карактеристични за исламското градителство. На прво место е и ниската купола односно калота, внатре во наосот. Над апсидата се наоѓа камена розета. Се мешаат елементи од ерменско и турско влијание, што не наведува да ја датираме црквата во 16 век. Од откриените сонди на живописот, може да се види дека фрескосликарството, па и архитектурата, ја следат програмата Св.Ѓорѓи во Старо Нагоричане. На сводот е понов живопис од 19 век. Во куполата е Христос Вседржител, допојасно. Иконостасот, репрезентативен и доста висок, е од 1892 година. Историските факти велат дека на оваа територија се формирала населба уште во VI век п.н.е. која опстојувала до III век п.н.е. Повторно заживување на овие простори имало во Римско време за што сведочат пронајдените римски гробови од VI век. 

„Проектот кој опфаќал неколку фази, за непосредна заштита, конзервација и реставрација на архитектурата на црквата „Св.Ѓорѓи Победоносец“  е целосно завршен. Тука станува збор за конструктивна консолидација на самата црква. Нешто коешто сакам да го истакнам како значајно, а тоа е враќање на првобитниот сјај на архитектурата на црквата, со конструктивно зајакнување, целосно препокривање на самата црква, дренажаен систем околу црквата, партерно уредување, потпорен ѕид, значи сето она што е неопходно за да се врати првобитниот изглед на овој вреден споменик на културата,“ рече Канческа-Милевска.

 Издвоени се шест милиони денари за конзервацијата и реставрацијата на архитектурата и за продолжување во втората фаза, а тоа е конзервација на фрескоживописот, 

Проектот е влезен во годишната програма на Националниот конзерваторски центар за тековната година, што подразбира продолжување на работите врз фрескоживописот којшто се планира да биде завршен до крајот на годината. Црквата била во исклучително лоша состојба, особено кровот кој прокиснувал и водата која што навлегувала го раздробувала каменот и внатрешноста на црквата.

Состојбата со фреските од фрескоживописот била катастрофална, тие биле целосно прекриени. Паралелно со конструктивна консолидација се работело  на нивна заштита и сега претстои завршна фаза.

Слични статии