Култура

„Свадбена кукла“ ќе ја отвори неделата на израелскиот филм

 Неделата на современиот израелски филм  ќе се одржи по трет пат од 15 до 19 декември во Скопје. Отворањето на неделата ќе биде во Киното Милениум во 20 часот, со прикажување на играниот филм „Свадбена кукла“ (2015 година) на режисерот Ницан Гилади. Програмата опфаќа 3 играни филма, 2 документарни филма и две епизоди од телевизиска играна серија.  Од 16 до 19 декември проекциите ќе се префрлат во Кинотеката на Македонија.

 Годинава фестивалот се отвора со исклучителниот филм „Свадбена кукла“на сценаристот и режисер Ницад Гилади, кој веќе се здоби со бројни награди и оствари светски успех. „И со право“ – истакнува Игор Анѓелков во поговорот од брошурата за фестивалот (во прилог), и продолжува „бидејќи се работи за филм правен според сите параметри на квалитетната европска кинематографија. Третирајќи тема од предградието, во која главна (анти)хероина е девојка со посебни потреби која се обидува да се вклопи во околината, која во многу наврати е и поуспешна во тоа од другите членови на заедницата полни со предрасуди, пристапот и филмскиот јазик на Гилади во многу нешта наликуваат на славните белгиски браќа Дарден, неколкукратни освојувачи на престижната „Златна палма“ во Кан. Долги кадри без рез, прецизен мизансцен, дијалог онолку колку што треба, авторот на ова малечко ремек-дело на моменти маниристички ја следи својата замисла и во целост како публика нè освојува со својата непретенциозна сторија, користејќи притоа и силна симболика, сместувајќи го дејствието на работ од пустината, како пандан на празнината во душата на дел од карактерите, со филмска фотографија како во сликите на еден Едвард Хопер. Приказната за Хагит, одлично интерпретирана од актерката Моран Розенблат, е огледало за човечкиот однос кон Другиот, за „нормалното“ наспроти „посебното“, за секојдневната потреба во овој свет да се чувствуваме засебни, можни, посакувани. Тоа е таа димензија која овој филм со целото свое срце ни ја нуди, и колку и на моменти да изгледа болно неосвоива и недопирлива, сепак, надежта е онаа која последна умира, нели“.

 Неделата ја организираат амбасадорот на Државата Израел во Република Македонија Дан Оријан, Еврејската заедница во Република Македонија и Кинотеката на Македонија во соработка со Градот Скопје, Младинскиот културен центар и ATG. 

 

Слични статии