Стартува деветтото издание на „Скопје постер фестивал“
— 21 ноември, 2016Во Музејот на град Скопје од денеска започнува деветтото издание на „Скопје постер фестивал“, во организација на Здружението на графички дизјанери „Плакарт“ и ќе трае до 30 ноември.
Од „Плакарт“ најавуваат дека програмата на фестивалот ќе ги заинтересира студентите по графички дизајн, визуелни комуникации и сродни насоки, но ќе биде атрактивна и за професионалните дизајнери и за пошироката публика. Мишел Буве (Франција), Фонс Хикман (Германија), Фин Нигард (Данска), Ришард Каја (Полска) и Тони Васиќ (Македонија) се членови на жирито кои ќе одржат свои презентации и работилници на теми: дизајнирање на џез плакат, дизајнирање на социјален постер, дизајнирање на постер за промоција на Македонија како туристичка дестинација. Од Плакарт информираат дека млади надежи на графичкиот дизајн од целиот свет аплицирале на 9-от Меѓународен студентски конкурс за плакат. Темата на овогодинешниот фестивал е „Криза на идентитетот“. Поттикот за избор на оваа тема, велат од организацијата, е потребата од реакција против етничката, културната, верската, возрасната и половата подвоеност, следствено врз идентитетските прашања е фрлено поинакво светло!
Дека е се поголем интересот за овој конкурс зборува се поголемиот број на пристигнати плакати, оваа година бројот на пристигнати плакати е за 32 проценти повеќе од минатата година. Радува и фактот што се поголем број академии во рамки на своите академски програми го воведуваат и овој конкурс, соопштуваат од „Плакарт“.
Победниците ќе бидат објавени на отворањето на деветиот Скопје постер фестивал, вечер во Музеј на град Скопје, кога ќе бидат отворени и други поставки, како што се изложбата на специјална селекција на плакати од гореспоменатите постер-мајстори, плакати од победниците на минатогодишниот конкурс, како и плакатите изработени на работилници за овогодинешниот Скопје постер конкурс. Во првите три дена од фестивалот ќе се организираат и тематски работилници.