Образование: Родители, разбудете се, грешките тешко се поправаат!
— 7 септември, 2016Д-р Ранко Рајовиќ, автор на НТЦ програмата (http://www.ntcucenje.com/ntc-radionice-beograd/), е овогодишен добитник на престижната меѓународна награда за интелектуален придонес во општеството која ја доделува Фондацијата за образование и истражување МЕНСА.
За каквo признание станува збор?
Се` повеќе има деца со пречки во развојот, како да се работи за некаква епидемија. Пречки во говорот, пречки во читањето, когнитивни испади, неспретни деца, слаба концентрација – ова се секојдневни теми и тешко е да се сфати што точно се случува во последниве 10-15 години. Програмата НТЦ дава одговор на тоа, но им помага на децата со вакви пречки. Дополнително, НТЦ програмата им помага на децата во процесот на учење, како и во развојот на функционалните знаења. програмата е веќе присутна во 20 држави, а во седум од нив има и државна акредитација. Направени се и неколку ЕУ проекти каде главна тема е токму оваа програма. Направени се три проекти со УНИЦЕФ, а предавањето кое е одржано во Сараево го погледнале над 500.000 луѓе на Јутјуб. Сето тоа го препознале луѓето од МЕНСА како квалитет, но и како нов пристап кон решавање на проблемите. Програмата помага во развојот на секое дете а е посебно добар за надарените деца. Ова признаие е признание за целиот НТЦ тим, кој со години работи и истражува малку познати правци во педагогијата и невронауката. Ги поврзуваме новите откритија во медицината ги применуваме во педагогијата, соработуваме со стотина наставници и воспитувачи, направивме околу 20 истражувања, објавивме над 30 трудови во период од пет години. Направени се и десетина дипломски работи, магистерски и докторати за некои од областите кои се поврзани со НТЦ системот на учење.
Колку родителите можат да влијаат на развојот на интелигенцијата и колку интелигенцијата е наследна?
Интелигенцијата не е наследна, наследен е потенцијалот. Сликовито кажано, од нашите родители добиваме само мала или голема чаша, а од многу други фактори зависи колку вода ќе ставиме во таа чаша. Дури ни интелигенцијата не е пресуден фактор за успех во животот. Функционалното знаење е всушност она што ни е потребно, односно употребното знаење. Често може да се прочита дека интелигенцијата е наследна во 50 отсто, а останатото зависи од опкружувањето. Замислете ситуација во која родителите се интелигентни, добиваат дете, а тоа дете по некоја случајност живее во бела соба пет години и со него никој не разговара. Дали тоа дете ќе биде интелигентно 50 отсто како неговите родители? Не. нема да биде ни 30 отсто, а можеби ниту 10 отсто. Тоа значи дека опкружувањето е многу важно, можеби и над 90 отсто, такашто јасно е дека за развој на интелигенцијата мора да постои стимулација која ќе одговара. Посебно во периодот на интензивниот развој на мозокот. Мора да сфатиме дека некои постоечки теории кои се стари 30-40 години мораат да се коригираат, бидејќи опкружувањето денес и опкружувањето пред 40 години не е исто. Се` е променето и ако не го промениме пристапот во развојниот период, ќе имаме уште повеќе развојни пречки и когнитивни испади. Такашто, време е родителите да се разбудат, времето брзо минува, грешки брзо се прават, а тешко се поправаат.
Кои се најчестите грешкиу што се прават?
Тоа се врзани грешки, од самото раѓање, па до поаѓањето во училиште, па можеби и подоцна. Главно се врзани со презаштитување. Родителите прават многу грешки – од фиксирање на главата кога го држат бебето, до спречување на лазење (за детето да не фати нешто на подот), до забраната за скокање во кал или скокање по кревет. Сите тие се важни активности кои формираат важни регии во кората на големиот мозок, кои пак, се важни за когнитивните процеси.
Ја застапувате тезата дека ако моторичкиот развој е неадекватен, може да дојде до когнитивни пречки?
Се` повеќе работи укажуваат на таа теза. Поединечни структури на големиот мозок се намалени кај тинејџерите, што значи трајно намалување на когнитивните способности. Главен виновник за тоа е недостатокот на движење, што може секојдневно да се види пред глрадинките и училиштата. Децата повеќе не одат пешки, родителите ги буткаат во количка три или четири години. Или пак, ги возат со автомобили до училиште, до осмата, деветата година. Во едно училиште во Суботица правевме истражување и добивме податок дека родителите на скоро 50 отсто од учениците во четврто одделение, секој ден ги носат и ги враќаат од училиште!
Ако моторичкиот развој кај детето е оптимален, дали тоа го олеснува учењето?
Секако, но под услов детето да се учи на физички оптимален начин. А тоа не е репродуктивно учење, кое за жал и ден денес е главен начин на учење. Таквото учење не му помага на детето во развојот на функционалното знаење. Еден од меѓународните тестови преку кој се мери функционалното знаење, ПИСА тестот, покажува дека во тоа најдобри се азиските земји, додека мнозинството во Европа и Америка е значително под просекот. Се поставува прашањето, каде грешиме? Одговорот лежи во раната стимулација. Азиските земји имаат слоковно писмо кое децата почнуваат да го учат веќе од тригодишна возраст и на тој начин ги активираат асоцијативните регии кои сочинуваат 30 отсто од нашиот мозок, кои се клучни за развојот на интелигенцијата. Дали тоа значи дека треба сите да учиме кинеско писмо? Нормално дека не, но можеме со децата да си играме преку симболи, со што ќе постигнеме сличен ефект. Неодамна покренавме во неколку градови НТЦ училишта, во кои ќе работиме со деца од шест до 12 години. Се надевам дека на тој начин барем малку ќе им помогнеме на родителите да правилно ги насочат и да им помогнат во развојот на своите деца.
(Интервјуто е преземено од detinjarije.com)