Култура

Народните приказни се вонвременски

Во Македонскиот народен театар течат подготовките за претставата „Силјан Штркот шанца“  чија премиера е закажана за октомври. Претставата се работи по драматизацијата на  Дејан Дуковски, а режијата е на Срѓан Јаниќијевиќ. Дуковски како вистински мајстор додал уште неколку димензии на народниот гениј, со што извонредно се надоврзува на традицијата создавајќи нова вредност. Моќта на народните приказни е во тоа што тие се вонвременски, вели режисерот Јаниќијевиќ.

Запрашан за поуката која претставата треба да им ја даде на младите, тој истакна дека никогаш не сакал поука во која било уметност. „Токму тие патетични поуки не доведоа до тука. Секое патетично ламентирање (со кое сме загадени веќе подолго време) го уништува хуморот, а со тоа и виталноста на духот. Ние сакаме само да се насмееме на таа патетика“, рече тој истакнувајќи дека при работата на пробите со актерите дошле до констатација дека дури и никакво воспитување на децата е далеку подобро од лошото, пишува Утрински весник.

Притоа, тој посочи дека уште од праизведбата на „Силјан Штркот шанца“ во далечната ’91 во режија на Драгослав Тодоровиќ, кога бил негов асистент сакал да го постави овој текст. „Го паметам целиот процес на создавање на претставата и од тогаш знаев дека кога-тогаш ќе ја поставам и јас. Сега дојде времето“, додаде Јаниќијевиќ.

Од МНТ пак соопштија дека „Силјан Штркот шанца“ претставува најава, но и враќање на детско-младинскиот театар на оваа институција. „Оваа година се навршуваат 70 години откако Македонскиот народен театар ја постави својата прва детска куклена претстава во 1946, и тоа токму ’Силјан штркот’, работена според избор од македонското народно творештво, објавено во трудовите на Марко Цепенков, а во драматизација и режија на Петре Прличко“, велат од МНТ.

Во претставата ќе настапат: Александар Михајловски, Никола Ацески, Марија Новак, Ивица Димитријевиќ, Нина Деан, Висар Вишка, Нино Леви, Кире Ѓоревски, Александар Ѓорѓиевски, Николина Кујача, Ана Стојановска и Тина Трпкоска. Кореографијата е на Александра Кочовска-Начева, а визуелната замисла за сцената и костимите на Илина Ангеловска.
Како што истакнаа од МНТ, „драмата претставува ретка хармонија на реалистично и фантастично, во која според режисерот Јаниќијевиќ треба да се пронајде детето во себе или како што вели тој: ’Не бидете патетични, бидете деца’“.

Автор:

Слични статии