МКЦ за Скопје – изложба на фотографии од земјотресот
— 26 јули, 2016Вечерва, во МКЦ, со почеток во 20 часот ќе биде отворена изложба на досега необјавувани фотографии од скопскиот земјотрес на 26 јули 1963 година, направени со фотоапаратот на хрватскиот архитект, Бошко Фржоп. Тој учествуваше во обновувањето на Скопје по катастрофалниот земјотрес. како вработен во фирмата „Изградња” од Шибеник.
Фотографиите не биле објавувани досега, а по изложбите во Загреб и Шибеник, оваа изложба сега ќе може да ја види и скопската јавност. Иницијатор на изложбите е невладината организација „Хрватско-македонска тангента“ од Шибеник, која има за цел – културно доближување на хрватскиот и македонскиот народ.
Бошко Фржоп во Скопје каде ја почнал својата професионална кариера како млад архитект, но и овде во градот каде учествувалво неговата обнова, се родила љубовта кон фотографијата и станала негово страстно хоби но и голем уметнички предизвик. Фржоп е роден во Водице 1934 година. Дипломирал на Архитектонскиот факултет во Загреб во 1963 година. Фотоаматер од прва класа на Хрватска е од 1980 година. Досега имал повеќе изложби на фотографии од Шибеник и Водице.
Фотографиите на оваа изложба ги покажуваат последиците на земјотресот низ објективот на фотоаматер, кој од првата плата во Скопје го купил фотоапаратот „киев“ за да може низ неговиот објектив да ги следи луѓето и обновувањето на Скопје, во изградба на населбите и постепеното враќање на жителите во нормален живот.
Редовен член е на Фото клубот Шибеник , каде со останатите членови учествува на изложби ширум некогашната ни заедничка држава. Пред професионалното определување, пет години работел како земјоделец во далматинскиот крш, што во добар дел влијаело на изборот на темите на неговите самостојни изложби: Пожар во масленикот 1984, Маслинки и масло, Мириси на наследството и др.
„Да се улови момент не може секој. Тоа е дар, кој на крајот го имате, или го немате. Бошко Фржоп токму во Скопје, во далечната 1963 година почнал да фаќа призори, да лови ситуации преку окото на фотообјективот и до ден денес не се заштитил од тој посебен вид на лов. Со посебно чувство се присетува и говори за своите дамнешни фотографски спомени, и покрај тоа што е вљубеник на аналогната технологија, не се откажува од дигиталниот шарм и предизвикот, па и нему му се посветува со задоволство и пронаоѓа волшепство и богатство можности што не може да ги понуди класичниот фотографски занает.
Бошко Фржоп е автор кој знае да сними атмосфера. Сите негови фотографии се чувствително богати. Тоа се лирски записи на едно време, живи портрети на луѓе и амбиент кој го исполнувале овековечените мириси на прошетки, шали и случувања, тага и радост, се она што животот го чини голем и единствен, неповторливо чудо на секој од нас. Бошко Фржоп во секој момент е длабоко свесен за таа тајна и среќа, и со радост ја бележи на себе својствен начин“, напиша Зденка Билушиќ, ликовна критичарка од Шибеник за изложбата на Фржоп.