Култура

Ива Битова и Сен Жермен го отвораат годинешниот 15-ти „Офф Фест“

Чешката пејачка и виолинистка Ива Битова ќе настапи прва на првата вечер од „Офф Фест“, а по неа следи францускиот бенд Сен Жермен. Вечерва, со почеток во 20 часот, во киното „Фросина, концертот на Битова ќе го означи почетокот на годинешниот „Офф Фест“ . Ива Битова е родена во Брунтал, во музичко семејство – ќерка е на ромскиот унгарски гитарист, контрабасист и трубач Калман и на пејачката Људмила Битова, од каде го наследила својот талент  и како инструменталист и вокалист. Едно од најкарактеристичните (и магнетен) работи во музиката на Битова  е органското единство на пеењето и виолината, кои се како продолжение едно на друго: на границата меѓу фолклорот, класиката и импровизираната музика. Се разбира, во случајот кај Битова, е вклучено и солидно академско образование, што се преточило во неодолива  привлечност, а оригиналниот вокал и наклонетоста кон изразот што се наоѓа на границата помеѓу авангардата и детските мелодии, на Ива Битова и донесоа посветени фанови од целиот свет.

” Низ годините таа е активна во повеќе музички жанрови – од џез, преку идиосинкретичен фолк и рок до современа класика, импровизација и опера. Гласот е само еден од квалитетите што ги поседува Битова: во својата изведба таа се движи помеѓу говор и пеење, во простор каде што звуците добиваат интуитивни боења што го поместуваат значењето нагоре-нaдолу на траекторијата на радоста и тагата… Нејзиното дело и стил се уште и се противат на каква било прецизна и жанровска дефиниција, се наведува во најавата на „Офф Фест“ за концертот на чешката музичарка.

senzermen

Во вториот концертен термин, од 22.30, во Метрополис арена вечер ќе настапи францускиот бенд Сен Жермен (St Germain) алијас Лудовик Навар. На сцената се враќа по 15 години од објавата на албумот „Tourist“ кој го прослави во светот. Во изминатите 15 години џез-хаус хит-мејкерот се посветил на истражување на музиката на Западна Африка, барајќи ја врската помеѓу африканската традиционална музика и блузот, особено во творештвото на гитарската легенда Али Фарка Туре од Мали. Резултат на тоа истражување е истоимениот албум од 2015 година, кој е снимен со учество на некои од најдобрите африкански музичари и пејачи од Мали и од Сенегал. Албумот ги комбинира традиционалните инструменти кора, балафон и нгони со електрични гитари, клавијатури, саксофони и електронски семплови.

– Пионерот на french touch и творецот на интелигентна, сензуална и оригинална дип-хаус, џез и лаунџ-музика е познат по својата извонредна способност на суптилен начин да ги комбинира акустичните инструменти со електрониката, автентичните музички корени со модерните влијанија, стои во најавата за вториот гостин на првата вечер од програмата на „ Офф Фест“.

Слични статии