Култура
skopje guitar festival

Второ издание на Скопје гитар фестивал 2015

Здружението на гитаристи „Бастет“ е организатор на второто издание на Скопје гитар фестивал, почнувајќи од вечерва, 4 декември и ќе трае до 6 декември, во Младинскиот културен центар во Скопје. Фестивалот ќе го отвори концертот на Борче Наумовски и Трио нуево во придружба на гудачки квартет, а ќе ја изведат музиката на италијанскиот композитор Мауро Џулијани, „Концерто Оп. 30“ во аранжман за класична гитара.

На годинешната програма на Скопје гитар фестивал ќе настапат седум артисти од светот на класичната музика  и четири бендови од областа на популарната музика во рамките на концертната платформа, а во едукативниот дел ќе се одржат неколку предавања и инспиративни работилници. Веднаш потоа, со изведба на класични дела од Бах, Дуарте и Лауро, ќе настапи Бекир Сејфула, а потоа и Љубомир Наќевски. Следува бендот што го сочинуваат Џоле Максимовски – бас гитара, Дино Милосављевиќ на тапани и перкусии и Зоран Костадиновски на гитара. Нивната музика ќе биде жанровски микс од традиционални мелодии и ритми од македонската музика навлегувајќи во полето на џез фузија, фанк, драм енд бејс и даб ритми.

Првата фестивалска вечер ќе заврши со пеформансот на ФИРС, џез дружината доставена од  Горјан Стојменовски и Виктор Филиповски на тапани и перкусии, а актуелната постава ја чинат и Марко Василевски на бас, Борислав Веселинов на алт саксофон и Сенад Усеин на труба. За вториот ден се планирани работилници и концерт на јужноамериканските модерни композитори во изведба на Дејан Лазаревски и Виктор Пешчеров. Во истата вечер ќе настапат Јетмир Мехмеди, младиот гитарист  Стефан Волчевски, а ќе заврши со настапот на ФМУ Гитар квартет што го чинат ученици на професорите Багески, Ереш, Цветковски, Трајков и Кучи. По нив следува македонски прогресив бенд Минстрелс Галери а го сочинуваат: Слободан Танасковски – вокал, флејта и клавијатури, Даме Јовановски – бас гитара, Кристијан Тодоров – тапани и Виктор Танасковски – гитара.

На третиот ден од Скопје гитар фестивал, е планирана работилница за индивидуална настава по гитара, презентација на гитари од До Ре Ми – Јамаха и настапите на „Следната генерација“ и СГФ Џез квартет, составени од докажаните инструменталисти и педагози Јанко Пенов и Владимир Чадиковски на гитари, контрабасистот Мартин Јосифовски и Јовица Георгиевски на тапани.

Слични статии