Култура
ohridsko leto

Вечерва стартува 55. Фестивал „Охридско лето“

Вечерва во Античкиот театар во Охрид, со почеток во 19 часот, ќе биде изведена „Кармина Бурана“ од Карл Орф во изведба на шпански ансамбл, Македонската Филхармонија и МОБ, со што ќе биде отворен годинешниот 55-ти по ред Фестивал „Охридско лето“.

Вечерашниот проект во кој ќе учествуваат 150 изведувачи, се издвојува со неговата посебна техничка поставеност и се најавува како визуелно уникатно уживање со многу движења. Под диригентство на  Џозеп Вицент во главните улоги ќе се појават сопранистката Беатрис Дијаз и баритонот Хозе Мануел Дијаз од Шпанија, рускиот контратенор Васил Корошев, како и шпанската актерка Лука Еспиноза. Овој музичко-сценски спектакл, како што е најавен, ќе содржи балетски точки, пеење, а ќе биде придружено со сценски визуелни ефекти, потребни кога се работи за современо претставување на едно дело. За причината и оправданоста зошто токму овој мултимедијален проект, појасни селекторот на музичкиот дел на Фестивалот Охридско лето, Гордана Јосифова-Неделковска. Едноставно во изминатите години се трагало по уметник-ѕвезда од светски калибар, за да се понуди нешто ново и поинакво. Изборот паднал на едно од најмаркантните дела на 20-от век, „Кармина Бурана“ од германскиот композитор Карл Орф.

ohridsko leto

Што се однесува до драмскиот дел од програмата на годинешното Охридско лето, сите претстави, според информацијата на селекторот, Ѓорѓи Јолевски, ќе се одржат на отворено. Во предворјето на Света Софија, ќе се изведе една од најдобрите претстави во регионот „Неопланта“ во режија на Андраш Урбан. Годинава се планирани четири премиери на нските продукциции во кои се ангажирани странски режисери, продуценти и копродуценти.

На свеченото отворање на 55-то јубилејно издание на Охридско лето вечер ќе се обрати претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој претходно во Вилата „Билјана“ ќе ги прими организаторите на фестивалот и членовите на ансамблот „Ла фура делс Баус“ од Шпанија.

Слични статии