Ископувањата завршени, следи конзервација и реставрација на театарот
— 16 јули, 2015Почнувајќи од август 2013 година, па се до ова лето, 2015 година, интензивно се работеше на ископувањата на Античкиот театар во Скупи. Ископувањата се целосно завршени и следи процесот на реставрација, реституција и конзервација на камените блокови од Античкиот театар во Скупи кој е многу поголем од Античкиот театар во Охрид.
Ако се тече по планот, претстои огромна работа и дополнителни пари за театарот да го добие конечниот изглед, кој бил изграден за време на Хадријан и кој функционирал до крајот на 4 век. Работите ќе продолжат и понатаму, се до 2017 година, кога се очекува да биде завршена реконструкција на театарот и гледалиштето со 10 илјади седишта и кога би требало и да биде отворен за јавноста. Досегашните истражувања беа финансирани од страна на Министерството за култура, реализирани во координација на Управата за заштита на културното наследство и во соработка со Филозофскиот факултет од Скопје и Музејот на град Скопје.
Инаку, во периодот на истражувањата на Античкиот театар, , археолозите пронајдоа околу 3000 монети, керамика, бронзени и коскени предмети. Станува збор за пронајдени над 5000 предмети од различни културни хоризонти – железно време, римски период, доцноримски период и среден век.
Паралелно со археолошките истражувања беа спроведени и геофизички испитувања, а беа направени и аерофотографии од театарот со кватрохоптер (дрон). Најавено е отворање на изложба од пронајдените артефакти од Скупи. Истражувањето на театарот на Скупи беше капитален проект на Владата на Р. Македонија. Раководител на истражувањата беше д-р Антонио Јакимовски, професор на катедрата за Историја на уметност со археологија при Филозофскиот факултет во Скопје.