Култура

Дариус Конџи и Воли Фистер се новите лауреати на 46. ИФФК „Браќа Манаки“

Наградата за животно дело на годинашното 46. ИФФК „Браќа Манаки“ ќе ја добие иранско – францускиот кинематографер Дариус Конџи, додека наградата Златна камера 300, за специјален придонес во филмската уметност ќе ја прими американскиот режисер и кинематографер, добитник на Оскар во 2010 година за филмот „ Почеток “ во режија на Кристофер Нолан, Воли Фистер, соопшти на денешната прес конференција, директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски.

Дариус Конџи е добитник на БАФТА и на три награди Цезар. Номиниран е за два оскари за најдобра кинематограферска дејност за Евита и Бардо, по три номинации од Американското здружение на кинематографери (ASC) и Британското здружение на кинематографери (BSC), две номинации за наградите Индипендент спирит. Два пати филмовите на кои има работено беа во официјалната конкуренција на ИФФК „Браќа Манаки“ во борба за Златната Камера 300, најпрвин со Земја на мртвите / Treasure of the bitch Islands во 1993 година, а потоа со Седум во 1996 година.  

Роден е на 21 октомври 1955 година во Техеран, Иран. На рана возраст неговото семејство се преселува најпрвин во Франција, а тој подоцна во животот заминува за САД за да студира на УЦЛА а потоа магистрирал на Универзитетот во Њујорк.

Американскиот оскаровец, Воли Фистер, застанал зад камера работејќи во њујоршките телевизии како камерман, а пред камера го поставува за првпат Рoберт Алтман работејќи ја ТВ-серијата Танер ‘88. Фистер дипломира на Американскиот филмски институт (АФИ), каде работи на студентскиот краток филм Што направивме? (1990) кој е номиниран за оскар за краток игран филм во 1991 година. Откако неговиот колега Јануш Камински ќе го погледне тој филм, ќе го покани да соработува со него во секторот светло во бројни проекти кои ги режира Федон Папамајкл. едно со Кристофер Нолан се заслужни за ревитализирањето на акционите суперхеројски филмови во светски рамки, имајќи ја можноста да го кадрира фамозниот Готам на големо платно, Фистер и Нолан ќе ја отпочнат нивната трилогија за темниот витез пред 20 години, започнувајќи со Почетоците на Бетмен (2005), означувајќи ја смртта на родителите на Брус Вејн и неговото станување на Бетмен, со кого за првпат е номиниран за оскар. Неговото продолжение Темниот витез (2008) во кој Џокерот е тој што го тестира Бетмен до каде е подготвен да оди за да го спаси Готам, ја улови неповторливата изведба на Хит Леџер во кадар, обезбедувајќи му ја втората номинација за оскар. Тој во Битола ќе одржи работилница.

Во градот на конзулите ќе престојува и Семих Капланоглу, сценарист, режисер и продуцент од Турција, добитник на „ Златна мечка “ во Берлин, за филмот „ Мед“.  Остварувања од тројцата лауреати ќе бидат прикажани на фестивалот, кажа директорот на фестивалот.

„Верувам дека со нивното присуство во Битола , фестивалот добива една поинаква димензија , поквалитетна и на духовно и на професионално ниво, рече Димитрија Доксевски, директор на ИФФК „ Браќа Манаки“.

Годинашното издание на „ Браќа Манаки“ донесува 70- тина филмови, распоредени во повеќе програми. Селекторот на главната програма на фестивалот, Слаѓан Пенев, рече рече дека таа содржи 40 филма. информираше дека на отворањето ќе биде прикажан македонскиот филм „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, кој претходно имаше премиера на програмата „Хоризонти“ на филмскиот фестивал во Венеција, а на последниот ден, фестивалот ќе го затвори македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски, наградуван на голем број фестивали. 

Во програмата краткометражни филмови ќе бидат прикажани 14 остварувања од целиот свет. Меѓу нив се и два филма со македонски удел.

Тоа е филмот „ Нова енергија“ на режисерите Сара Климоска , која што ја знаеме како актерско име и Радован Петровиќ. Камерата ја потпишува драгата пријателка на фестивалот Браќа Манаки, Бојана Андриќ од соседна Србија. И дополнително, меѓу тие 14 наслови имаме и наша копродукција . Тоа е филмот „ Лојалност“, кажа Марија Апчевска, селекторка на краткометражната програма.

Според селекторката Кумјана Новакова, во документарната програма ќе бидат прикажани 8 остварувања. A во студентската програма ќе бидат прикажани 16 филмови.

Фестивалот ќе трае од 20 до 26 септември, со учество на 150 гости од странство, меѓу кои и нашиот режисер кој живее и работи во Прага, Иво Трајков. Наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм ќе ја понесе композиторот Кирил Џајковски.

Плакатот на годинашниот „Браќа Манаки“ го изработи мултимедијалниот македонски уметник и филмски режисер, Киро Урдин.

Слични статии