Култура

Вечерва во Битола ќе биде отворен 46. ИФФК „Браќа Манаки“

Битола го добива сјајот и почнува да пулсира и да живее наредните седум дена во знакот на 46. Интернационален филмски фестивал на камера, ИФФК, „Браќа Манаки“. 

Свеченото отворање е во 20 часот во Центарот за култура -Битола, со проекција на филмот „Мајка“ на режисерката Теона Стругар- Митевска. Директор на фотографија е Виржини Сен-Мартан од Белгија. Сценографијата е на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев. Во главните улоги настапуваат светски познатите актерки Нуми Рапас и Силвија Хукс, заедно со Никола Ристановски, Лабина Митевска и други.

Идејата за филмот се развила пред повеќе од 10 години кога сестрите Теона и Лабина Митевски работеле на документарецот „Тереза и јас“,  поддржан од јавниот сервис. Оттогаш започнала соработката со писателот Гоце Смилевски, кој го потпишува сценариото за „Мајка“, заедно со Теона Митевска и Елма Татарагиќ.

Годинешниот лауреат на наградата Златна камера 300 за особен придонес во светската кинематографија е Семи Капланоглу, на кого наградата ќе му биде врачена вечерва.

„Мајка“ е филм инспириран од животот на Мајка Тереза, особено од нејзината внатрешна борба да ја оствари својата визија и хумана мисија.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Данска и Босна и Херцеговина. Поддржан е од Агенцијата за филм на Македонија, Креативна Европа – МЕДИА (Creative Europe – MEDIA), Данскиот филмски институт, „Belgium Tax Shelter“, Белгиската национална и регионална филмска поддршка, Белгиската национална телевизија, Шведскиот филмски фонд, шведски регионални фондови и Филмскиот фонд од Сараево.

Слични статии