Роденденски концерт, 65 години „Охридско лето“, со ангелскиот глас на Ана Дурловски
— 7 август, 2025
Со ангелскиот глас на првенката на Македонската опера и балет, сопранот Ана Дурловски која настапи во придружба на ерменско-германската пијанистка Анахит Тер-Татшатјан, вчеравечер пред многубројна публика во црквата „Света Софија“ беше одбележан 65. роденден на фестивалот „Охридско лето“.
Директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, честитајќи им го роденденот на вработените во оваа национална установа, но и на сите претходни директори и уметнички селектори кои се вградиле во успешната фестивалска приказна, порача, идните генерации треба внимателно да се грижат за оваа врвна установа која, како што додаде, претставува енциклопедиско национално богатство и редок пример за одржување на трајните вредности. Вечерва првпат се враќаме на корените, онака како што е формиран овој бесценето реномиран и општествено важен фестивал, во далечната 1961 со концерт на македонската оперска првенка Ана Липша-Тофовиќ, а денес со концерт на најреномираната македонска пејачка Ана Дурловски, овде во оваа света црква, под оваа божествена акустика. Ана, благословена со уникатна боја на гласот и магнетно сценско присуство допира до најпрестижните оперски и концертни сцени во светот. Виенската државна опера, Метрополитен опера во Њујорк, Дојч Опера Берлин… се само дел од престижните институции каде Ана со себе носи дел од нашата татковина и претставува вистински културен амбасадор, рече директорот Цуцковски.
Приказната „Охридско лето“ која низ годините прерасна во една од најзначајните музичко-сценски манифестации во Европа и регионот започна токму на 4. август 1961 година под акустичните сводови на црквата „Света Софија“ со концерт на оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ и нејзиниот пијано соработник Ладислав Перлдик. Оттогаш наваму во оваа успешна приказна се вградиле бројни уметници од целиот свет, збогатувајќи ја фестивалската историја со незаборавни концерти и театарски претстави.
Традиционалниот роденденски коктел за сите што вчеравечер го проследија импресивниот концерт на извонредните уметници, го организира Винарската визба „Тиквеш“, еден од ексклузивните и долгогодишни спонзори на фестивалот „Охридско лето“ која годинава одбележува 140 години од своето постоење.