Големиот актер, Лазар Ристовски, со македонско потекло, е добитник на награда „Мето Јовановски“ што ја доделува Фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“, која се доделува за високо актерско достигнување во уметноста на филмот а годинава се доделува по втор пат. Фестивалот започнува денеска во Дојран, ќе трае до 12 август и оваа година се одржува по четтврти пат. По тој повод се одржа прес конференција на која директорот на Фестивалот, Јани Бојаџи го претстави големиот актер за кој меѓу другото рече дека покрај големиот број на улоги дома и во светот, тој се има остварено и како режисер а има и 25 копродукции на филм. По прикажаното видео подготвено од Фестивалот, на кое видовме некои од неговите улоги, следеа прашања од новинарите упатени до големиот актер, Лазар Ристовски.
„Кога слушам како некој зборува за мене, не можам да верувам дека тоа сум јас, бидејќи ги заборавам работите кои сум сработил и, се она што доаѓа после, се помалку ме интересира. Јас се занимавам околу 50 години со глума но и со други работи на филм, режирам и сум копродуцент, бидејќи се покажа дека сум извонреден организатор. Мене секогаш ме интересирал начинот на работата, секогаш давав се од себе додека трае процесот, а потоа, кога ќе дојдат премиерите, црвените килими, не се чувстувавам најпријатно, ниту пак тоа многу ме интересира. Можеби, кога бев помлад, тоа за мене имаше некакво значење. Во последно време глумам се поретко, нема големи предизвици. Имав среќа да работам со неколкумина кои се дел од светската елита и во театарот и на филм, вели Ристовски.
Не изостави да каже дека потекнува од село Јаково, Мариовско и дека израснал во Војводина каде завршил учителска школа, но се определил за глума и подоцна и студирал глума. Моментално работи на неговиот филм „Рибар и балерина“ кој е инспириран од неговата книга, преведена и на македонски, „Едноставни приказни“.
„Голема чест ми е што сум добитник на оваа награда. За жал, никогаш не глумев со Мето Јовановски во ист проект, ама се дружевме и се среќававме по фестивали“, вели Ристовски.
Ристовски глумеше во македонските филмови „Јазол“, „Збогум на дваесеттиот век“, како и во култниот „Буре барут“.
„Додека учев и студирав секогаш сакав да знам повеќе и секогаш бев критичен кон она што ни го презентираа професорите, секогаш сакав да знам повеќе, затоа што знаењето е променлива категорија и науката исто така. Никогаш во животот не сум одржал мастерклас. Имав неколку повици да го направам тоа, но едноставно никогаш не сум сакал да им солам ум на другите и да им држам предавања. Затоа никогаш не сакав да предавам и да бидам професот по глума, а имав понуди, изјави денеска на прес-конфренција во Скопје познатиот српскиот актер Лазар Ристовски, кој ќе одржи мастерклас на Фестивалот и како што кажа на денешната средба со новинарите, никогаш до сега тоа не го сторил.
„Во последно време се помалку глумам, а искрено и немам некои понуди што би ме привлекле. Да си актер, тоа е тешка професија, затоа што нашата алатка е нашето тело и нашата психа. Разликата во актерите е во тоа колку се подготовени да копаат по својата психа. Оние кои се храбри, копаат подлабоко, посилно и тие излегуваат поголеми актери, смета Ристовски.
Во чест на лауреатот, на првиот ден од фестивалот во Амфитеатарот во Дојран ќе биде претставен големиот актер, ќе биде прикажан негов одбран филм и потоа ќе следува разговор со Лазар Ристовски во кој ќе може да се вклучи и публиката.
Избрана селекција од најголемите остварувања на Ристовски како негово претставување ќе има и во Гевгелија, каде во три вечери ќе бидат прикажани три избрани филмови на Ристовски.