Култура

Во Струга почнува филмскиот фестивал „Дрим Шорт“

Во Струга денеска започнува деветтото издание на интернационалниот филмски фестивал „Дрим Шорт“, кој ќе се одржи на повеќе локации низ градот. Главните проекции ќе се реализираат во Паркот на поезијата, додека останатата програма ќе биде распределена во Јуроп Хаус Струга, кафе-бар Дуќан, мезе бар Барабар и мезе бар Кингстон.

Фестивалот ќе трае до 10 август, а во четиридневната програма исполнета со инспиративни филмски проекции, дискусии и музички настани. Годинава, публиката ќе има ретка можност да се сретне со еден од најзначајните кинематографи во светот, Флоријан Хофмајстер, како и со македонскиот актер Никола Ристановски, кој ќе одржи мастерклас.

Во рамки на фестивалот ќе се прикажат филмови во пет натпреварувачки категории: Меѓународна, Регионална, Национална, Студентска и Специјална програма „Соочување со минатото“, реализирана во соработка со ПроПис Македонија. Жирито го сочинуваат истакнати филмски професионалци: Јелена Јованова, Никола Ристановски, Гвидо Казале и Бранко Ристовски.

Покрај натпреварувачката програма, фестивалот нуди и ревијални проекции, меѓу кои Вечер на холандски филм, еколошка програма во соработка со Еко Свест и специјална ВР програма на кратки филмови.

Музичката ОФФ програма ќе ја претстави македонската електронска сцена со диџеј сетови на Андреја Салпе и Андреј Мицајков.

Фестивалот е поддржан од бројни партнери и спонзори, меѓу кои ПроПис Македонија, Агенцијата за филм, Холандската амбасада, Општина Струга и други локални институции и бизниси.