Култура

Нашето културно наследство не е само наша обврска, туку и одговорност кон идните генерации

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во просториите на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид се обрати на прес-конференција по повод најновите археолошки откритија во Охридско-струшкиот Регион.

Станува збор за вредни наоди, околку 80, откриени на локалитет во Охридско-струшкиот регион, односно на некропола од архајскиот период, 6 век пред Христа, која  по многу нешта наликува на далеку познатата Требенишка некропола која е во непосредна близина. Откритијата се резултат на последните археолошки ископувања кои го осветлуваат животот на цивилизациите што оставиле траги од минатото, но чија култура и влијание се и понатаму значајни за нашето разбирање на историскиот контекс.

На прес-конференцијата, на која ексклузивно беа изложени дел од пронајдоците, министерот Љутков рече дека станува збор за голем научно-истражувачки успех кој не само што фрла нови светла на археолошката историја на нашата земја, туку и претставува значаен придонес во европското и светското археолошко наследство.

Археологот Перо Арџанлиев раководител на истражувањата информираше дека во 2023 година тимот од Археолошкиот музеј Скопје добива согласност од сопственикот на нивата Букури Шемшедини за вршење археолошки истражувања. Во рамки на гробната целина откриени се бронзен шлем; златни прстени, килибарни и стаклени перли; златни фолии со различни форми и декорација; сребрени игли; бронзен сад за вино; сребрен кантарос; бронзени чинии и др кои подоцна ќе бидат конзервирани и претставени пред јавноста.  Овие наоди се од посебно значење за научниот и културниот аспект на истражувањата и тие ја надополнуваат сликата за нашето познавање за културно-историските и општествени прилики во овој регион, рече Арџанлиев.