Култура

Албанија ќе и врати на Македонија 20 украдени икони од црквите во Струшко

Иконите кои биле украдени пред десетина години од црквите од Струшко, ќе и бидат вратени на Македонија од страна на Албанија, во рамките договорот за соработка меѓу двете држави потпишан минатата година. Иконите прво ќе бидат донесени во Музејот на Македонија, каде работеше стручниот тим на нивно препознавање, а потоа ќе ѝ бидат вратени на МПЦ.

Иконите случајно биле забележани во 2013 година во еден прилог на националната албанска телевизија, прилог за Еди Рама, каде што тогашниот премиер Еди Рама правел увид во запленетите материјали од страна на албанската држава. Веќе следниот ден се организираше целата постапка, за во декември 2013, мала екипа на професионалци, меѓу кои јас, колеги од МВР, отидовме во Тирана во Галерија на современа уметност, каде што беа депонирани, и нашиот прв впечаток беше фрапантен. Таму имаше илјадници предмети украдени од различни места од различни предели на Албанија, Грција, Македонија“, рече Цветковски лани во ноември.

– Прв пат во историјата на нашата држава се прави успешна реституција на културно наследство, благодарение на добрата соработка меѓу владите и министерствата за култура на Северна Македонија и Албанија, посочија од Министерството за култура.

Иконите, како што појасни министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, ќе бидат соодветно спакувани да не се оштетат при пренос и ќе бидат однесени во Музејот на Македонија, од каде по процесот на заштита, ќе бидат изложени, а потоа и вратени на МПЦ.

Постапката за враќање на украдените икони од Македонија од Албанија почна во 2013 година, со интенизвни активности последните две години.

Во периодот од 2009 до 2013 година имаше силен бран на насилно влегување во црквите, особено во Западна и Југозападна Македонија, каде што се однесоа стотици икони. Само на подрачјето на Одделението за внатрешни работи Струга, како што информира за МИА портпаролот Стефан Димоски, имало 22 пријави за „кражба“ и „тешка кражба“ на икони од цркви. Три пријави за кривични дела „тешка кражба“ во цркви во струшко, според него, имало и во 2017 година.

– Кривичните дела се извршени во цркви лоцирани во Струга, Вевчани како и во селата Мали Влај, Радожда, Ташмаруништа, Долна Белица, Безево, Јабланица, Луково, Селци, Буринец, Модрич, Дренок… Во останатите години, пријавени се кражби од цркви со одземање пари и друг црковен прибор, изјави Димоски.

Примопредавањето во Тирана ќе се изврши со министерката за култура на Албанија, Елва Маргарити. Реституцијата следи откако заврши двегодишната процедура за тоа да биде законски направено. Во процесот биле вклучени повеќе институции како: Министерствата за внатрешни и за надворешни работи, Царинската управа, Министерството за култура.

Една од иконите албанскиот премиер Рама, симболично во знак на соработка му предаде на македонскиот колега Димитар Ковачевски при потпишувањето на договорот за враќање на иконите минатата година во Скопје.

По завршувањето на овој процес за враќање на 20 – те украдени икони во земјава, предвидено е отварање на нов процес за враќање на уште еден контингент идентификувани икони во Албанија. 

Автор: