Нарација во книжевноста и филмот, е темата на која попладнево пред Битолчани зборуваше македонската писателка, книжевна преведувачка и професорка, Румена Бужаровска. Настанот кој се одржа во културниот центар „Магаза“, а кој го модерираше Ана Василева, е дел од Офф пограмата која се одржува во рамки на годинашниот Интернационален фестивал за филмска камера, „Браќа Манаки“.
-Тоа што се памети е приказната. Сите најдобро паметиме приказни. Начинот на кој учиме е преку приказни, начинот на кој го пренесуваме знаењето е преку приказни. Но, и преку слики, во филмската уметност. Некои од сликите во детството се немаат најдено во моите раскази. На пример, кога бев малечка, ме нервираше едно девојче кое ни кажуваше стално да ѝ зборуваме дека е убава, па еднаш ѝ реков да фати коприва. Таа слика кога таа ја фати копривата, ми остана во сеќавање. Сакав да сфати дека убавината не е нешто најважно на светот, рече Бужаровска.
Таа на посетителите им откри дека во последно време пишува во сцени.
-Прво сакам да завршам за една сцена каде има една локација визуелна, па потоа да започнам да пишувам во друга сцена. И тоа ми го олеснува пишувањето, додаде пиателката.
Според неа, кога станува збор за филм, приказната е сржта на филмот.
-Режисерите често се преценуваат кога се обидуват да напишат приказна за филм. И пишувањето и снимањето филм, се занаети. Режисерите треба да им дадат простор на раскажувачите и на писателите. Има начин како се пишува приказна, како што има начин како се снима филм Тоа се вештини и тоа се учи. Но сепак, не може да има филм без приказна, смета писателката.
Како што таа појасни, филмот е ниво на кое се соединуваат повеќе уметности.
-Многу полесно да се напише книга, во тој процес човек е сам. Но, многу е потешко да се сними филм бидејќи таму има екипа од многу луѓе, кои се „комплицирани“, додаде Бужаровска.
Почнувајќи од денеска па до 29 септември, како дел од Офф програмата, во Битола ќе се одржуваат презентации, изложби и работилници.