Култура

Почна реставрацијата на црквата во Матејче од 14. век

Почнува реставрацијата и реконструкција на црквата во манастирот во село Матејче, објави на социјалните мрежи пратеникот Мартин Костовски.

„Со средства од Владата и Министерството за култура ветеното станува реалност, да сјае повторно овој бисер на православието. Со искрена политика на соживот, со квалитетни политики се надевам во блиска иднина ќе успееме да изградиме и пат до манастирот и повторно на викенд сите кумановци во Матејче“, напиша Костовски.

Кумановци со голем интерес ја следат секоја најава на надлежните институции за заштита на манастирот во Матејче. Активисти од градоt, со години алармираа за исклучително лошата состојба на манастирот која се влошуваше секоја година, по воениот конфликт 2001. Претходно, комплексот во кој имаше и детско одморалиште сместено во прекрасната природа во општина Липково, беше омилено место за рекреација на учениците и граѓаните од Куманово.

Манастирот, последниве години често беше мета на вандалски однесувања и последно беше откорнато оловото од покривот, по што реагираа и од кумановско-осоговската епархија.

Храмот посветен на Богородица, лоциран над селото Матејче, е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва. Сместен е на планинскиот масив на Скопска Црна Гора, манастирот ги отсликува врвовите на средновековната ликовна продукција на македонската територија. Манастирската црква е изградена во XIV век од страна на цар Душан, а по неговата смрт, неговата сопруга Елена и неговиот син Урош ја доградиле и живописале.

Во 2021 година од Националниот конзерваторски центар беше одобрен проект за заштитни интервенции на архитектурата и ѕидното сликарство на црквата во Матејче во износ од милион денари.

Автор: