Култура

„Записите на црвот Смолински“ од младиот Азем Делиу од Косовом, излезе од печат

Романот „Записите на црвот Смолински“, што беше во најтесен круг за Европската награда за книжевност од младиот автор Азем Делиу од Приштина, Косово излезе од печат. 

Азем Делиу (1996)  е млад писател од Приштина кој студирал албанска литература на Универзитетот во Приштина. Објавил стихозбирка „Погребен дожд“ (Тирана, 2013) и два романи: „Илегален љубовник“ (Тирана, 2016) и „Записите на црвот Смолински“ (Тирана, 2018) кој  влезе во потесниот избор за наградата за литература на Европската унија 2020 година. Делови од неговите дела се објавени на албански, српски, хрватски, босански, турски, англиски, бугарски и германски јазик. Добитник е на пет меѓународни стипендии „Writer in Residence“ и бил гостин на повеќе меѓународни литературни фестивали.Неговиот прв роман е преведен на англиски (The Illegal Kisser), а во моментов се преведува на полски, германски и француски. Живее во Приштина.

Ова е роман кој на читателот му го остава истиот впечаток што го остава и краткиот роман „Странецот“ на Албер Ками кој со своите одвај 100 страници своевремено го сврте вниманието на читателите и на книжевната критика. Секако дека романот е книжевен жанр кој е голем тест за зрелоста на авторот, но во случајот со Азем Делиу ни се случува блесок на еден книжевен талент кој ветува дека има уште многу што да му каже на својот читател. Романот кој возбудува и восхитува уште со првата своја реченица, зборувајќи за кафкијанската атмосфера во која потонува овој грешен дваесет и први век, зборува за човековата слабост и недореченост, за неговата неснаодливост во цивилизациската напнатост која ни ја понудува лажниот реалитет на виртуелноста, но зборува и за еден тажен поглед назад, кон смиреноста и вистинските вредности во човековото опкружување. 

Книгата е поддржана од регионалната мрежа за културна разновидност READ. Промоцијата ќе се одржи на платото пред МКЦ, на 11 јули во 20 часот. 

Промотор на книгата ќе биде уредникот, Сашо Огненовски, додека гостинка на промоцијата покрај авторот ќе биде и преведувачката Јордан Шемко Георгиевска.