Култура

Благородната средба на историјата и книжевноста

Историјата има свое ехо и во сегашноста и во иднината. Книжевноста е духовната татковина на сите нас, но е и универзалното живеалиште во кое битствуваме сите: и оние што пишуваат и оние што читаат. Книжевната резиденција што секоја година ја организира Центарот за култура „Вук Караџиќ“ од Лозница е токму таков спој: на историјата и книжевноста, голема артистична средба на она што значи јазично и духовно наследство и креативните и инсп иративните патеки на сите оние што дошле овде да му дадат поттик на своето творештво. Но, она најубавото всушност се случува на некои пет километри од Лозница, место на самата граница на Србија со Босна, а тоа е Тршиќ, едно од најзначајните српски топоси, место каде што се родил и живеел реформаторот и таткото на модерниот српски јазик: Вук Стефановиќ Караџиќ.

Роден на залезот на осумнаесеттиот век и живеејќи и делувајќи на меѓникот на деветнаесттиот век, овој голем фолклорист и лингвист направил огромни промени во српскиот јазик воведувајќи ја неговата најсигнификантна компонента, а тоа е народната, определувајќи се за фонетската, а не за етимолошката конструкција на истиот. Она што ќе го видите посетувајќи ја неговата родна куќа која била многу пати палена до темел, а потоа откупена од неговите соседи како и целиот негов имот, ќе го почувствувате шмекот на неговиот бурен живот, на неговата стаменост и упорност во турбулентните времиња на оспорување и освојување да ги одреди вистинските патеки на српската јазична конструкција, како и вистинското зачувување на српската народна книжевност.

Конечно, доаѓајќи на ова прекрасно место ќе се сретнете со прекрасни луѓе кои живеат во овие предели што биле места на големите српски воени стратегии, на страотните битки кои се воделе крај реката Дрина, но и на една богата народна и книжевна ризница. Книжевната резиденција која ја започна Центарот за култура „Вук Караџиќ“ од Лозница во 2010 година пречекала и угостила многу значајни светски имиња од Шпанија, Шкотска, Египет, Грција, Бугарија, Италија, Хрватска, Јапонија, Русија, Израел, Канада, Украина, Решпублика Српска, а сега еве и од нашата земја. Тука ќе ги најдеме и Амир Ор, Петар Денчев, како големи имиња на европската книжевност, а секако и големи преведувачки имиња како што е Оља Татаренко.

Она што импонира на ова прекрасно место кое е спој на фантастична природа и огромно духовно богатство е тивката сплотеност на мотивацијата и креативноста. Книжевните резиденции што сјајно ги организира директорката на Центарот за култура, Снежана Нешковиќ Симиќ, која е уметница, сликарка, се богати со настани и со мотивација за она што значи работа на книжевникот или преведувачот врз своите дела. Имено, резидентниот престој секогаш е исполнет со настани кои во овој случај подразбира театарски претстави, прекрасни изложби и книжевни претставувања од кои едното беше и книжевна вечер на делата и преводите на мојата маленкост која имаше чест да биде претставена од директорот на театарскиот фестивал Битеф и главен и одговорен уредник на новосадска „Сцена“ Милош Латиновиќ, како и од српскиот автор и професор Милутин Ѓуричковиќ. Секој миг на падините на прекрасната природа во Тршиќ каде што во т.н. „вајати“, куќички налик на оние што во осумнаесеттиот и деветнаесеттиот век ги подготвувале домаќините за своите синови и своите снаи се изложуваа артефакти од тој период и се правеа чествувања на книжевниците и на основачот на српскиот јазик Вук Караџиќ беше богатство и инспирација. На ова место, секој септември се организира огромен настан, најстар од таков вид во Србија, „Вуковиот собир“, настан кој беше од огромна важност и во онаа, поранешна Југославија во која најдобрите ученици во основните училишта ги нарекуваа „вуковци“.

Вуковиот собир недалеку од малите вајати, куќичките кои беа претворени во фантастични апартмани подготвени да ги дочекаат своите резиденти секоја година дочекува илјадници свои гости од целиот свет и во тој период се истакнуваат и се презентираат сите компоненти од српското народно богатство, а беседите ги држат истакнати уметници и личности од јавниот живот на Србија како што се: Вида Огњеновиќ, Душан Ковачевиќ, Емир Кустурица итн. Историјата на овој велелепен и од огромно значење собир е одлично изработена и селектирана на изложбениот простор кој се протега во неколку куќички „вајати“ веднаш под самата сцена каде што со многу живописно објаснување ме одведоа (впрочем како и на другите места) двајцата кустоси Ана Чугуровиќ (етнологинка) и Мирослав Терзиќ (историчар) кој од друга страна е голем обожавател на македонскиот филм. Благородни и полни со искуство беа секојдневните разговори со овие два големи научници и ентузијасти посветени на својата работа која подразбираше работа со река од ученици од целата Србија што секој ден се слева до спомен куќата на Вук Караџиќ и до прекрасните музејски поставки.

Тука секогаш се поставува прашањето што би се работело кога во целиот тој резиденцијален престој сте под импресии на сите оние историски и уметнички настани што го прикажуваат овој навистина револуционерен дел од Србија? Освен што ја завршував својата следна поетска збирка, навлегов и во стиховите на еден од најнаградуваните српски поети Дејан Алексиќ, а чија поетска збирка „Работното време на рајот“ ми се наметна како голем преведувачки предизвик.

Овој дел од Србија инспирира не само со својата богата историја и борбеност. Ова парче земја кое го газеле многу војски и каде што се пролеало многу крв во себе ја крие и својата длабока религиозна оставштина. Манастирите и црквите во Тршиќ и Лозница говорат за големата продуховеност на овој крај, за религиската посветеност и тивката свештеничка контемплативност, за сплотувањето на уметниците кои ги фрескописале овие манастири, како и за посветеноста на кралевите и кралиците кои битствубвале во овие предели. Така во манастирот кој во овој крај е познат како „Трноша“, манастор на воведението на Света Богородица можат да се видат ингениозни фрески каде дел од уметниците што ги фрескопишувале биле и од Битола и од Охрид. Тука, до овој манастор е и музејот на Вук Караџиќ каде што се поставени многу оригинални дела што биле препишувани од монасите, а во продавницата полна со икони и артефакти можете да најдете и прекрасно вино од овошје. Опиени од природата и од пределот кој облагородува со својата контемплативност поминавме и покрај т.н. чешма на девет Југовиќи и Југ-Богдан и капелата на Св. Панделејмон за првпат реставрирани во далечната 1721 година.

Секогаш кога ќе помислиме на духовноста и инспиративноста не можеме, а да не се потсетиме на она што најмногу не иницира да пишуваме и да твориме, а тоа е природата и артифициалното богатство. Тршиќ плени со својата природа која ви ги смирува мислите и ве наведува да трагате по уметноста во себе. Недалеку од Лозница, на десетина километри се наоѓа и Бања Ковиљача, бањата на кралот Петар Први Караѓорѓевиќ, која има своја историја од 160 години, а која е сега модернизирана во специјална болница за рехабилитација, а каде свое катче имал и големиот српски филмски режисер Александар Петровиќ. На ѕидовите од ова прекрасно здание се наоѓаат уметничките слики на Драго Симиќ академски сликар чиј опус е импресивен и претставува големо уметнички богатство.

Утрото кога чекав да си заминам од пред „вајатот“ каде што бев сместен, пиејќи го своето утринско кафе, додека околу мене скокаше малото кученце кое постојано кружеше околу куќичката почувствував една многу леплива припадност која зборува за тоа колку уметноста и книжевноста се дел од историјата која колку што со себе го влече времето, толку го провлекува и нашиот духовен хабитус во простор во којшто минливоста е само помисла, а вечноста пуста желба. Сонцето веќе ги покажа своите намери да ми пружи уште еден убав ден, а надолу по тревата на која тој викенд уживаа многу поклоници на српската уметност и историја потекуваше тенкиот слап вода од блиската рекичка. Таа река поминуваше покрај ресторантот „Промаја“ каде што во текот на тие десетина дена уживавме во убавата српска храна. Чувството на недостиг е многу слично на чувството на припадност, па така се воздигнуваат и сите инспирации и мотиви во кои овие предели, гнезда на убавото и артифициелното се цврсто и мудро јадро за делата што понатаму ќе се создадат како плод на овие резиденцијални програми претворајќи се во поттик на други уметници.

Сашо Огненовски