Култура

Шведскиот режисер Остлунд ќе биде претседател на жирито во Кан

Шведскиот режисер Рубен Остлунд, двоен добитник на престижната Златна палма, ќе биде претседател на жирито на 76. Кански филмски фестивал кој ќе се одржи од 16-27 мај . За неговиот последен филм, „Триаголник на тагата“ (Triangle of Sadness) , Остлунд лани ја доби Златната палма, а годинава има и три номинации за Оскар, за филм, за сценарио и за режисер,  во 2017 тој победи во Кан и со „Квадратот“. На канскиот фестивал има учествувано и со два други филма, од кои за едниот ја доби наградата од жирито.

Остлунд на тој начин станува, по Френсис Форд Копола и Емир Кустурица, третиот двоен добитник на Златна палма што станал претседател на жирито и првиот што ја презел оваа улога наредната годината по неговото освојување на Златната палма.

„Среќен сум, горд и почестен што ми е доверена честа да бидам претседател на жирито за годинашната селекција во Кан“, изјави Остлунд, кој по 50 години ќе биде првиот Швеѓанец на чело на жирито, после Ингрид Бергман.

„Никаде во филмскиот свет, исчекувањето не е толку силно како кога се крева завесата на филмовите во конкуренција на фестивалот. Привилегија е да се биде дел од него, заедно со канската публика. Искрен сум кога велам дека кинокултурата е во својот најважен период досега“, вели Остлунд.

„Со поканата до Рубен Остлунд да претседава со жирито, фестивалот во Кан сака да им оддаде почит на филмовите кои се бескомпромисни и искрени и кои постојано бараат гледачите да се предизвикуваат себеси и уметноста да продолжи да се реобмислува“, соопшти Фестивалот.

Филмот “Триаголник на тагата“ навидум е урнебесна комедија, а суштински претставува брутална сатира за богатите луѓе од разни профили –руски олигарси, аристократи со „старо“ богатство, нафатирани трговци со оружје и претставници на „новата класа како што се инфлуенсерите на социјалните мрежи.

Автор:

Слични статии