Отпад од стар рудник и натаму го загадува екосистемот на најголемото езеро на Балканот – Охридско Езерто, со што го загрозува неговиот статус како светско природно наследство.
Езерото е едно од најстарите во Европа, со богат биодиверзитет. Тоа е природен дом на речиси 300 ендемски видови.
Поради единствените природни и културни вредности, албанскиот дел на езерото беше ставено на листата на светско наследство на УНЕСКО во 2019 година. Поголемиот дел, тој во Северна Македонија, беше ставен на таа листа како природно и културно наследство многу порано, во 1979 година.
Но, денес екосистемот на езерото е загрозен од илјадници тони рударски отпад, кој е насобран на брегот или е расфрлан на околните ридови.
УНЕСКО смета дека рударските активности не се соодветни за места што имаат статус на светско наследство, и за време на мониторинг мисијата во 2020 година ѝ порача на Албанија итно да го премести отпадот и да ја рехабилитира рударската депонија на езерскиот брег, како и да се осигура дека веќе нема да има ископување руда каде што тоа може да влијае врз езерото.
Две години по оваа препорака, албанските власти направија многу малку за да ја спроведат. Но, и делот од езерото во Северна Македонија се соочува со потешкотии.
Системот за управување со отпад е сè уште заглавен во преговори меѓу релевантните општини во Северна Македонија, колекторот за отпадните води и натаму не функционира, проблемот со бесправното градење во заштитената зона на големо се игнорира.
Статусот на УНЕСКО може да биде повлечен
Рударските активности се во непосредна близина на езерото | Фото: Гугл Мапс
Гани Бего од Администрацијата за заштитени подрачја во Поградец, Албанија, вели дека проблемот со рударскиот отпад постои долго време, додавајќи дека барем четири компании и натаму вршат рударски активности крај езерскиот брег во близина на Поградец.
„За среќа, овие активности се во пад во последниве години, но сè уште има некои субјекти што ги вршат“, вели тој, додавајќи дека дождовите ги пренесуваат тешките метали од ископувањата во езерските води. „Како Администрација за заштитени подрачја, направивме проверки. Тоа е наша должност“, додаде тој.
Албанскиот експерт за животна средина Арјан Мероли вели дека рударскиот отпад предизвикал сериозно загадување во езерото, а нивото на токсични материјали во водата било многу пати повисоко од препорачаното од Европската Унија.
Мероли вели дека остатоците од тешките метали завршуваат во организмите на рибите во езерото, вклучувајќи ги пастрмката, белвицата и крапот.
„Ако не преземеме мерки во врска со рударскиот отпад, кој што е многу опасен, со текот на времето ќе ги загубиме критериумите според кои овој регион беше прогласен за светско природно наследство“, предупреди тој.
„Сè додека металите постојат, дури и во мали димензии, може многу да ѝ наштетат на фауната во езерото, бидејќи стануваат храна за различните видови риби во Охридското Езеро“, објасни Мероли.
Општината Поградец тврди дека работи на спроведување на препораките на УНЕСКО и вели дека поголемиот дел од минералниот отпад е веќе исчистен.
„Еден од проблемите споменати од УНЕСКО беше депонијата за минерални суровини во Гурин и Куч, насипи што стоеја таму долго време. Поголемиот дел веќе е отстранет и исчистен, а соработуваме со Министерството за енергија за да го отстраниме и остатокот од овие материјали и да го исчистиме местото“, вели заменик-градоначалникот на Поградец, Паскалино Зико.
Сепак, од албанското министерство за инфраструктура и енергија, во одговор на барање за пристап до информации од јавен карактер, рекоа дека другите депонии во регионот и натаму се користат од рударски компании што имаат дозволи за експлоатација до 2026 година.
„Во доделените дозволи е наведено дека тие ќе ги користат депониите, бидејќи содржат руда од железо и никел. Според договорот, нивна обврска е да ја исчистат депонијата кога ќе им истече дозволата за експлоатација“, одговорија од министерството.
Експертот за животна средина Мероли вели дека го следел процесот одблиску и дека забележал и други нарушувања на животната средина.
„Вознемирувачки е што отстранувањето на отпадната руда се прави без да се почитуваат никакви правила со кои што би се осигурало дека ниту еден дел од неа нема да заврши во езерото преку дождовите или преку други атмосферски фактори. Напротив, рудата се отстранува со опрема за товарање без да се почитуваат таквите правила“, заклучува тој.
Проблеми и во делот од езерото во Северна Македонија
Извештајот од 2019 година нотира десетици проблеми од македонската страна | Фото: БИРН
Според податоците од факт-чекингот што го направи БИРН во декември, во текот на 2023 година УНЕСКО повторно ќе го разгледа статусот на Охрид како светско наследство. Но, и покрај кратките рокови, Северна Македонија направи многу мал напредок во надминувањето на проблемите што ги детектираше ова тело на Обединетите Нации.
Во август 2021 година, Комитетот за светско наследство ѝ даде на Северна Македонија уште две години за да ги исполни препораките на УНЕСКО за зачувување на природното и културното богатство на охридскиот регион.
Тоа беше втор пат по ред како рокот се продолжи за две години, откако претходно земјата вети, но не успеа да ги реши најголемите проблеми.
Поради тоа, Охрид е под сериозна закана да го загуби престижниот статус и да се рекласифицира како светско наследство во опасност.
Во очекување на следната експертска евалуација за напредокот, сликата е разочарувачка.
Иако се вели дека земјата постигнала некој напредок во последната година ипол, ова најчесто се однесува на усвојувањето широки стратегии и планови, како и на запирањето проекти што претходно беа планирани, а што ќе ѝ наштетеа на областа.
Извештајот од последната мисија на УНЕСКО од 2019 година, кој според многумина е најлошиот досега издаден за Охрид, нотира десетици проблеми.
Посебен акцент се стави на слабостите во урбаното планирање и во управувањето со отпадот, како и на потребата за подобра заштита на чувствителните подрачја како Студенчишко блато, мочурлива област споена со езерото, која што е дом на значаен биодиверзитет и на ретки видови.
Извор: Балкан Инсајт
Автор: Лулјета Прогни