Култура

ДПМ ќе ги врачи годишните награди и ќе организира хуманитарен перформанс за Турција и Сирија

Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) денеска во 11 часот одбележува 76 години од основањето и по тој повод, традиционално, организира свечено врачување на годишните награди за најдобри книжевни остварувања во претходната година.

Според одделните жири-комисии за четирите годишни награди, кои одлучуваа по пристигнатите дела на конкурсите на ДПМ за 2022 година, наградата за проза  „Стале Попов“ ја добива Венко Андоновски за романот „Папокот на светлината“; наградата „Ацо Шопов“ за поезија му се доделува на Зоран Пејковски за стихозбирката „Убавите жени“; носител на наградата „Димитар Митрев“ за есеистика е Соња Стојменска-Елзесер за книгата „Книжевен бинокулар“ и наградата „Ванчо Николески“ за книга за деца ја добива Ели Маказлиева за „Чудесен дар во годишен календар“.

Покрај врачувањето на наградите, ДПМ во соработка со писателот Венко Андоновски ќе претстави и перформанс за финансиска поддршка на настраданите од земјотресот во Турција и Сирија. 

-Авторот Венко Андоновски, кој е годинашен добитник на наградата „Стале Попов“ за неговиот роман „Папокот на светлината“, на петнаесет ликовни платна ќе испише петнаесет одбрани авторски реченици-пораки, кои потоа ќе бидат понудени на хуманитарна аукција на фирмите во Скопје и Републиката за донирање средства за настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија, соопшти ДПМ.  

За 76-годишнината на писателската асоцијација ќе зборува нејзиниот претседател, Христо Петрески, а на свеченоста ќе бидат соопштени и новоизбраните почесни членови на ДПМ од странство.

Друштвото на писателите на Македонија е формирано на 13 февруари 1947 година и негов прв претседател бил Блаже Конески. 

Автор: