Култура

Почина ликовниот уметник Јован Балов

На 60 годишна возраст почина македонскиот ликовен уметник Јован Балов, кој живееше и работеше во Берлин- Германија, соопшти неговото семејство на социјалните мрежи. Балов починал вчера, неколку недели пред неговиот 61. роденден.

Освен неговата богата ликовна дејност, Балов беше познат и по тоа што ја отвори берлинската сцена и беше заслужен за афирмација на многу наши уметници но и од Балканот во Германија. Поради ова многумина го идентификуваат како амбасадор на регионот. Од 2004 во галеријата „Прима центар“ во Берлин по заслуга на Балов се реализирани голем број ликовни претставувања на македонски и на странски автори.

„Воопшто и не планирав да бидам некој кој ќе ги поврзе Берлин со Македонија и балканската уметност. Затоа за мене големо изненадување беше и доделувањето на медалот и моето прогласување на Херој на балканската култура во Атина, во 2007 година. После тоа почнав да размислувам во тој правец, но тоа не е моето определување! Јас сум пред се’ уметник. Но, има дел од мене кој сочувствува со колегите. Затоа и одлучив да ја задржам галеријата ‘Прима центар’, продолжив да работам со неа и што е можно побрзо да ја претворам во платформа за алтернативната и млада македонска уметност. Одоговрноста е голема. Јас ја познавам берлинската сцена, услови, криктика и многу добро знам кој тука би се вклопил, а кој не“, изјави Балов во едно интервју за „Дојче веле“ пред 10 години.

Во уметничката кариера од 40 години, Балов реализирал многубројни проекти и изложби во Германија, Русија, Словенија, Франција, Грција, Австрија, Полска, Финска, Израел, Англија, Србија, Италија и во многу други земји. Последното претставување е закажано за 21 октомври во групна изложба во галерија во Берлин.