ДРУГОТО ИМЕ ЗА ИСТРАЈНОСТА
— 27 септември, 2022(За романот „Вошицки“ на Марко Грегур во издание на ПНВ Публикации, Скопје, 2022)
Дваесеттиот век во своите долги и симптоматични години одбележал многу страдања, но и многу ентузијазам. Кога помислуваме на тоа ја имаме на ум големата пожртвуваност на луѓето чија посветеност е и нивно оружје, а чие опстојување е рамно на согорување. Винценц (Винко) Вошицки е еден од нив: човекот што емигрирал во Хрватска за да му најде засолниште на својот ентузијазам и да ѝ најде заслуг на својата огромна желба – книгата. Оставајќи ја родната Чешка, овој своеглав издавач и печатар започнува животна приказна што и воодушевува, но и вчудовидува. Винко Вошицки во име на книжевната уметност прави огромна жртва што е сигнификантна најмногу заради политичките струења, чиј тек постојано го пропушта, имајќи го за профит само своето духовно опстојување. Тој станува сведок на промена на неколку владеења во Хрватска, но уште повеќе, станува сведок и на огромните завери, автократии и репресии што ја одбележуваат првата половина на дваесеттиот век. Неговата грандиозна личност не се истоштува, што укажува на тоа дека книгата што ќе излезе од неговите раце ја наднесува вечноста над неговата глава како ореол. Страдањата не се само негови. Тој во витлите на двете војни станува дел и од другите животни приказни, па така, Марко Грегур, врз основа на неговата бурна биографија, исткајува роман со парадигматични сцени. Овде ми се наметнува мислата на големиот британски автор Џулијан Барнс, што вели: „Читањето и животот не се одвоени, туку симбиотски. И за оваа сериозна задача на имагинативно откривање и самооткривање, постои и останува еден совршен симбол: печатената книга.“ Винко Вошицки на Марко Грегур е лик кој има две димензии: креативна и социјална. Овде не ја додавам политичката затоа што овој комплексен лик опстојува до крај низ сите политички струења успевајќи да ги преживее и тортурите од своите ученици како дел од една од автократските влади; но ќе споменам дека книгата во неговите раце и покрај тоа што е духовна благодат со многу тешко позиционирање во општествената констелција, но и во животните процеси на човекот, таа го наоѓа својот пат до читателот. Социјалниот момент е оној што го движи животниот пат на оваа многу значајна личност за издаваштвото и печатарството во Хрватска. Вошицки според романот на Грегур на книжевната сцена во Хрватска се појавува во неверојатно турбулентен период одживувајќи ги сите конфликти и контраверзи од политичките виори кои се сурови до крај. Овој биографски роман обилува со антологиски сцени на семејства и политички фигури што го губат својот интегритет и идентитет низ деструктивните салви на двете војни. Импозантни се сцените на двете семејства Ружиќ и Розенберг, што си го излитуваат животот обидувајќи се да ја отелотворат својата доминација и општествена позоционираност. Вошицки влегува во сите конфликтни пори на дваесеттиот век. Тој го одживува и воениот живот вовлекувајќи се во рововите на Првата светска војна соживувајќи се со сите трауматични ликови чии животни биографии изгоруваат како листовите на неговите запалени и искинати книги што повторно и повторно ги обновуваат и нѐ уверуваат заедно со неговиот брилјантен автор дека КНИГАТА НЕ ГОРИ и дека само таа ќе остане вечна надживувајќи го, но и овековечувајќи го човекот.
Винко Вошицки е еден од првите издавачи и на Мирослав Крлежа. Марко Грегур напишал импозантни сцени опишувајќи ги релациите на вдахновениот печатар и издавач со крутиот и егзактен автор, кој уште со првите негови дела најавувал дека ќе стане голема фигура во Хрватската книжевност. Влегувајќи и излегувајќи од лошите финансиски ситуации, овој неуморен сонувач го донесува и големиот германски автор Карл Мај, кој, исто како и делата на Крлежа, останува како непроценлива оставштина во хрватската библиографија. Но едно од најголемите воодушевувања што овој прекрасен роман ги донесува е стилот со кој Марко Грегур го опишува бурниот и загадочен живот на оваа голема личност за печатарството и издаваштвото во Хрватска. Живоста на сцените, цврстиот и комплексен дијалог, детализираните ликови и до точка на „и“ компактното сиже пред нас отвораат страници на ингениозна романескна биографија што ќе ви измами и солзи, но и воздишки. Велам воздишки, затоа што нема да можеме да се согласиме со тоа дека Винко Вошицки е трагичен лик кој својот живот го завршува во колипка без вода и струја. Тука Марко Грегур поставува едно многу важно прашање што ние како читатели треба да си го одговориме самите: дали материјалното богатство е најважното наше достигнување? Овој роман и го проблематизира меркантилијевскиот однос кон книжевниста, но и го потврдува фактот дека книжевноста е од огромно значење за човештвото. Неговиот Вошицки никогаш не се свртел да погледне колкаво е неговото богатство, колку ќе има и колку ќе владее со него. Тој постојано го живее својот сон по убавата книга која ќе го привлече народот за духовниот жиот да биде оној што ќе го придвижува, а не националистичките и политичките тензии. Тој во овој роман е другото име за истрајноста и посветеноста. Затоа тој не може да се прилагоди на ниедена општествена формација, на ниедна од оние автократии, коишто во ниеден миг не успеале да му го скршат духот и од него да направат мивка, полтрон и конформист. Марко Грегур со овој прекрасен роман ни зборува најмногу за значењето на книгата како цивилизациски сведок, за нејзиното влијание врз општествените струења, за нејзиното влијание врз човековото опстојување. Овде секако ќе поставиме уште едно прашање, а тоа е: како книгата да го земе приматот на политиката? Се чини низ сите страотни настани што се нижат во овој роман и Марко и Винко си го поставуваат истото прашање, па имате чувство дека таа полемика нема крај, дека варијантите за опстојување што ги живее Винко Вошицки се оние што Марко Грегур ни ги нуди како излез од сите денешни страдања книгата да го движи духот на светот укажувајќи му на човештвото дека оној преку патот не треба да се гледа низ цевката од пушката, туку низ процепот на креативноста.
„Вошицки“ е роман чија река не запира. Тоа е еден од ретките романи чија приказна продолжува и по свртувањето на последната страница. Биографијата на овој чешки емигрант со страст по книгата и издаваштвото е биографија на сите оние што никогаш не престанале да сонуваат и никогаш не се откажале од својата страст. Двете војни што се обиделе да го истоштат Винко Вошицки само повеќе го зајакнале, па неговото дело го гледаме и ден-денес, а неговото значење е непремостиво и секогаш живо. Овде морам да го споменам и големиот Вилијам Фокнер, кој вели: „Моја амбиција е да бидам, како интелекуалец, укинат и поништен од историјата, оставен без никаков белег, доколку го одбијам тоа книгите да не бидат зачувани. Мојата цел како и секој мој напор е сумирањето и историјата на мојот живот, во една реченица, истовремено како мој некролог и епитаф да бидат и двете: тој направи книги и умре.“ Вошицки правејќи ги книгите направил споменици што не може да ги уништи ниеден политички инсталмент, колку и да се изгорат и искинат, тие повторно ќе бидат возобновени затоа што никој од сите тие што се обидувале да го покорат не можеле да ги срушат мислите во неговата глава и да ја стишат бурата на неговиот ентузијазам. Марко Грегур со овој роман не само што поставува круцијални прашања, туку испраќа порака кон целиот човечки род, а тоа е дека ние постоиме сѐ додека постои пишаниот документ за нас. Книгите се сведокот на човековото битствување, а мислите испишани во нив се наш патоказ, но и наша совест. И токму така, Вошицки останува како совест на сите тие политички хипокризии коишто многу наликуваат на денешните, затскрени зад велот на демократијата и вовлечени во етеричноста на виртуелниот свет. Секако, сѐ уште преферираме книга која ќе ја земеме в рака и ќе се дружиме со неа навлегувајќи во нејзината содржина. Она што го чувствуваме како разлика со виртуелната содржина е мудроста со која обилува овој роман, мудрост чии моменти ќе нѐ натераат да ја отвориме нашата лична полемика за своето опстојување и својата духовна оставштина и долг.
Рецензија на Сашо Огненовски