Култура

Претставено жирито на 43. ИФФК „Браќа Манаки“, претседателот на жирито, Жан Мари Дружу одбележува 43 години работа, колку што постои фестивалот

Денеска, на 43. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ беа претставени членовите на жири комисијата коишто ќе одлучуваат за доделување на наградите, „Златна камера 300“, „Сребрена камера“ 300 и „Бронзена камера“ 300 и за најдобар краток филм „Мала камера“ 300. Комисијата стандардно брои пет члена: Мелиса Созен, турска актерка, Карлос Дијас Мунос од Мексико, Маја Богојевиќ, од Црна Гора, Самир Љума од Македонија и претседател годинава е искусниот кинематографер Жан Мари Дружу, член на француската асоцијација на кинематографери, кој има неколку значителни остварувања и номинации за наградата „Цезар“.

-За прв пат сум во Битола. Многу сум слушал за градот и за фестивалот од многу мои колеги и особено ми е драго што ова е 43. издание на фестивалот, а истовремено и јас одбележувам 43 години работа како кинематографер и тоа е прекрасно совпаѓање. Импресиониран сум од проекциите и од квалитетот, рече Дружу.

Методологијата според која ќе се носат одлуките содржи три критериуми, односно аспекти кои се разгледуваат и за кои дискутираат членовите на жири комисијата секој ден после проекциите: дали камерата и служи на приказната во филмот, потоа се разгледува филмот како целина, и емотивниот импакт што го има филмот врз гледачот.

Маја Богојевиќ, основачка и главна уредничка на црногорскиот магазин „Камера лусида“. Професорка по филмска теорија на Факултетот за уметности во Долна Горица, претседателка на црногорската национална секција на Фипресци и член на Фипресци жирито на Канскиот фестивал во 2013 година.

-Жал ми е што мојата колешка Мелиса не можеше да дојде овде за жените да бидат побројни на конференцијата, но сепак сеуште се чувствува женската енергија. Ја сакам Битола и фестивалот „Браќа Манаки, сум доаѓала многу пати на Фестивалот, едноставно ја сакам Македонија, рече Богојевиќ/

Карлос Дијас Мунос, претседател на Друштвото на кинематографери во Мексико. Член е на тоа друштво уште од 2004 година, мошне прецизен во однос на наративноста, визуелните ефекти и автор на музички видеа, документарци, реклами…Учестувал во над 2.000 вакви проекти во неговата 35-годишна кариера.

-Никогаш не сум бил во Македонија и во Битола и навистина сум почестен што сум дел од Фестивалот што ги слави кинематограферите, кој е толку респектабилен во светот на филмските работници. Мојот впечаток е топлината на луѓето и топлината која ја почувствував, овде, во Битола и шансата што ја имам да гледам филмови на манифестација која ги слави кинемтограферите, рече Мунос.

Самир Љума е македонскиот претставник во жирито, бидејќи традиционално во секој жири комисија членува по еден македонски претставник. Најмногу познат по неговиот креативен удел во филмот  „Медена земја“ , кој беше македонски кандидат за „Оскар“.

-Драго ми е што повторно сум на фестивалот „Браќа Манаки“, секоја година доаѓам на Фестивалот, со исклучок на минатата година кога поради работни обврски не успеав да присуствувам. Почестен сум што сум член на жирито заедно со драги колеги кои ги запознав во изминатите денови. Имаме прекрасна соработка. На почетокот се плашев дека во дискусиите околу филмовите може да имаме комплетно различни гледишта, што е нормално, но увидов дека слично размислуваме и мислам дека тоа ќе придонесе за поедноставно донесување на одлуката, иако филмовите се  прекрасни, програмата е фантастична и сметам дека ќе имаме конфликт самите со себе да одлучиме кој ќе биде најдобриот иако не сме  ги догледале до крај филмовите имаме уште два дена, вели Љума.

Мелиса Созен е турска актерка позната по една од главните улоги во канскиот победник, филмот „Зимски сон“. Глумела во повеќе турски серии и филмови и беше еден од најзабележителните ликови во Битола деновиве.  

Слични статии