Култура

НЕДОЈДИЈА И ПАТРИЈАРХАТОТ

(Кон претставата „Поле“ по драмската предлошка на Марек Годович во режија на Вероника Малгот, а во продукција на независната театарска група “The NUDE” од Братислава, Словачка. Главни улоги: Либуша Бахрата, Јана Бучка, Вероника Малгот, Лидија Ондрушова)

 Харуки Мураками во својот масивен роман „1Q84“ во еден момент вели: „Човечките суштества во крајна линија не се ништо друго туку носители – премини – за гените. Не јаваат во земјата како тркачки коњи од генерација на генерација. Гените не размислуваат за тоа што претставува добро или зло. Не им е гајле дали сме среќни или несреќни. Ние сме само средства за цел за нив. Единственото нешто за кое размислуваат е што е најефикасно за нив“. Претставата „Поле“ на независната театарска трупа „The NUDE” од Братислава зборува за генетичкото наследство кое во овој мошне интересен текстуален материјал лежи во не многу комотните пазуви на патријархатот. „Поле“ е екстериерна претстава која се случува токму на поле, токму во таа недојдија без почеток и крај каде небото е граница, а земјата бескрајот. Текстуалната предлошка на Марек Годович се занимава токму со припадноста, со генетичките констелации, со една правилност која во рамките на патријархалната конструкција гради религиски и социјални конвулзии од чии стеги токму духовниот аспект е оној што настрадува. Режијата на оваа претстава се однесува кон текстот како кон партитура врз која гради еден реквием на социјалната и општествена нетрпеливост кон неправилно врамената семејна генеза. Имено, режисерката Вероника Малгот која е и дел од актерската екипа своето режисерко видување го гради низ физичкиот и симболистичкиот театар.

Нејзиниот начин на мислење не води низ водите на се она што значи домашна меморабилија разбранувана низ музиката која допира од заднината на претставата многу зачудно поставена во еден круг на сред поле. Од корените на традицијата, од каноните на една религиска посветеност излегло семејство со судбинска траекторија која полека се претвора во маѓепсан круг затворајќи го видокругот на младите изданоци, но и на родовските релации. Верника Малгот повремено низ ритуалниот театар предочува на сите недоследности на патријархатот кој за жал го има и во овој дваесет и први век, типичен за помалите средини. Таа во повремените ритуали наведува на размислување каде оди наследеноста и колку традицијата има моќ да ги задржува генетските припадности? Мураками зборува за една неминовност која е и оправдување, но е и судбина. Вероника Малгот гради претстава токму за тенденцијата на променување на судбината низ аналитиката на традиционалните симболи и нивната формулација во ритуалитетот на ликовите. Кога сме веќе кај ликовите би истакнале дека оваа претстава кореспондира со една исклучително добро востановена колективна игра. Четирите актерки со својата незапирлива актерска енергија го проблематизираат патријархалниот поглед на светот, го разглобуваат смејствто полно со предрасуди и недоречености, но на некој начин и  отворат проблеми кои се исклучително универзални. „Поле“ е претстава која се лизга низ музичките мотиви на музичкото трио, но и пропаѓа во амбисот на колебливоста кога е во прашање приоритетот на генетската припадност. Либуша Бахрата, Јана Бучка, Вероника Малгот и Лидија Ондрушова разградуваат еден свет создаден не само од предрасуди, но и од неерудитивност, свет чија припадност не се мери со меридијани, туку со центиметри. Тие четири незапирливи и неприкосновени актерски енергии не вовлекуваат во гамата на едно емотивно страдање кое е извонредно вообличено низ ритуалните и кореографирани секвенци.

Она што плени во оваа претстава покрај начинот на мислење и тематската определеност е и авторството како заеднички именител и за актерската експресија, но и за режијата, а и кореографијата. Имано, Либуша Бахрата, кореографката на претставата е и една од актерките, па така сите кореографирани делници своето јадро го имаат во самите актерски персоналитети, во нивната уметничка срж, но и во ставот кон овој горлив проблем. Костимите на Лаура Шторцелова која е и сценографка на претставата се движат во нијансите на сивата боја многу умешно испрскани со белите реквизити ка домашната атмосфера на традицијата, додека авторската музика на Катарина Маликова не воведува во еден аудитивен галиматијас кој од својата атоналност повремено се вивнува во еден динамичан ритам што и плени и возхитува. Секако, оваа музика е исклучително плодоносна најмногу заради интерпретирањето од страна на музичарките: Маријана Боди, Марина Лазиќ и самата композиторка.

„Поле“ е женска претстава која е машки направена зборувајќи пред се за генетската вовлеченост во едно време кое не му одговара на традиционалното промислување, најмногу кога е во прашање жената и нејзиниот принцип, но и нејзината родова деструкција. Дваесет и првиот век зборува со една слобода која веќе е преголема, уште со третата деката која тукушто ја започнавме. „Поле“ зборува и за слободата која и визуелно, но и онтолошки ја демистифицира, а секако и процесуално и значенски. Кога зборуваме за традицијата мораме да бидеме свесни дека таа е многу блиску поврзана со генетската припадност и во тие ткива се населиле најмногу гореспонематите „предрасуди“. Женскиот проблем е создаден од предрасуди, а патријархатот е само ехо на матријархатот, а на крајот сепак останува страдањето. Вероника Малгот и нејзините соработнички и уметници говорат токму за тоа страдање, наметнато и непотребно.

Рецензија на Сашо Огненовски

Слични статии