Почетна / Култура на живеење / Насловна / Македонскиот филм „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески го затвора 43.ИФФК „Браќа Манаки“
Македонскиот филм „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески го затвора 43.ИФФК „Браќа Манаки“
— 26 август, 2022
„Снежана на крајот умира“ е филм за добрината. Ние заборавивме да бидеме добри со самите себе и со луѓето околу нас, рече режисерот Кристијан Ристески на денешната прес конференција, на којашто беше и претставена екипата којашто работеше на филмот. Овој филм ќе биде прикажан на затварањето на 43. издание на ИФФК „ Браќа Манаки“, којшто започна на 19 август со францускиот филм „Мајка и син“.
-Периодот кога се прави филм е секогаш многу долг, од иницијалната идеја до премиерата. Тоа се обично четири и повеќе години. Лично верувам во еден став на Пол Томас Андерсон кој вели дека сценаристот не треба да се занимава со темата на почетокот, туку само треба да ја напише приказната, а темата ќе излезе низ процесот сама од себе. Така некако беше случај и во мојот филм, едноставно напишав приказна и сега a posteriori, откако се заврши, мислам дека сум направил филм за добрината. Нешто што ми пречи последниве години во нашето општество, а мислам дека тоа е и глобално прашање, е дека заборавивме да бидеме добри со луѓето околу нас, со другите живи суштества, со планетата, дури да бидеме добри со самите себе и за себе. Некако ми се чини дека филмот е за неколку луѓе кои успеваат да останат добри, да се заштитат од оваа морална катастрофа што се случува околу нас и успеале да си направат некаква оаза на добрината, по доста висока цена која ја плаќаат во останатите аспекти на нивниот живот, рече режисерот Кристијан Ристески.
Филмот добил финансиски средства во 2017 година од Агенцијата за филм и во во текот на развојот бил селектиран во две програми за развој на сценарио, истовремено бил селектиран на два маркети и откако завршиле груба монтажа биле селектирани на три воркинг прогрес програми на филмските фестивали во Карлови Вари, Софија и Рим. Подоцна добиле средства и од Министерството за култура на Кипар, така започнала копродукцијата и на крај имал онлајн светска премиера во јануари годинава на „Сламденс“ во Парк сити поради ковид пандемијата.
-Ова е единаесетта година како доаѓам на ИФФК „Браќа Манаки“, но ова е прва година кога сум тука со филм. Воспоставивме прекрасен однос која вроди со заедничка копродукција која се надевам дека во иднина само ќе расте, рече копродуцентот Константинос Никофору од Кипар.
Директори на фотографија се Димо Попов и Севдије Кастрати.
-Ова беше еден од моите омилени проекти на кои работев, бидејќи беше една мошне емотивна поетична приказна, секако поради тимот и режисерот Кристијан Ристески кој ми е најдобар пријател. Ви благодарам што ќе го гледате филмот, се надевам ќе ви се допадне, рече Димо Попов, кој има зад себе четириесеттина филмови. Тој поради работни обврски, во моментов снима во Момбај, не беше во можност да присуствува на денешната прес конференција, но се вклучи онлајн.
Севдије Кастрати е исто така кинематограферка на филмот, позната е по многу филмови, последен во низата е „Вера сонува за морето“, но и филмовите „Брак“, „Отворена врата“ итн.
-Севдије ги сними сите ноќни сцени, а Димо дневните сцени, така што мислам дека тие беа идеална комбинација, бидејќи не можеше ниту едниот ниту другиот да го направи цел филм. Стилот го договоривме сите заедно и воопшто не се забележа дека работеле двајца кинематографери. Доследни беа и едниот и другиот во своите делови, рече Ристески.
Дарко Попов е продуцент на филмот, вклучен е од самиот почеток во проектот.
-Филмот почнува да се рекламира на маркетот на филмскиот фестивал во Торонто, веќе имаме агент за продажба, а во македонските кина ќе почне да се прикажува од 6 октомври, најпрвин во скопските кино сали, а потоа и низ цела држава, рече Попов.
Животите на еден самотник што уште живее со родителите, лице со Аспергер, вработен во видео-клуб, момче од маркетинг агенција, маалски филозоф и гинеколог се испреплетени во три откачени приказни за љубовта, пријателството и посветеноста. Улогите ги толкуваат: Дениз Абдула, Валентин Костадиновски-Тино и Давид Јанакиев.
-Откако ја видов премиерата на филмот сфатив дека станува збор за комедија. Додека снимавме, Кристијан работеше со нас како да снимаме драма, рече Валентин Костадиновски-Тино.
Дениз Абдула е веќе препознатлив актер и во регионот и рече дека нема некоја голема разлика во поглед на работата со режисерите од регионот.
-Во овој филм успеваме да извлечеме посветеност и работа во текот на цело време. Како актери во секоја работа се посветуваме максимално. Сметам дека имаме квалитетни режисери и во областа на филмот сме многу понапред од останатите држави во регионот и тоа е видливо, рече Абдула.
Ивица Димитријевиќ има искуство од двете страни на камерата и ги сподели впечатоците од снимањето на „Снежана на крајот умира“.
-Не е важно на која страна од камерата се наоѓаш, туку е важно да си ја сфатиш одговорноста на твојата улога. Сите учесници треба да бидат сериозни и одговорни, а тоа беше случај при снимањето овој филм. Уште од самиот почеток кога отидов на кастинг почувствував дека крајниот резултат ќе биде добар. Имавме одлична соработка, а имавме и проби, нешто што не се практикува многу често кај нас и потоа се одеше мазно и лесно. Осумнаесет снимачки денови поминаа без никакви проблеми. Иако сцените во кои јас учествувам се позахтевни, со добра подготовка и добра мисла се постигнува се, рече Димитријевиќ, кој се заблагодари на ИФФК „Браќа Манаки“ за прикажувањето на филмот.
На актерот Давид Јанакиев ова му е дебитантско појавување во долгометражен филм, во кој толкува лик нарушен од аутистичен спектар.
-Уште бев во училиште кога ја добив улогата. Прво се зафатив со проучување на психологијата на лицата со пореметеност од аутистичен спектар, еден месец читав за тоа, гледав документарни филмови. Сите техники кои ги изучуваме на училиште се исти и потекнуваат од Станиславски, така што сепак сметам дека најважно е што ќе успееш да извлечеш сам од себе, рече Јанакиев.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во просториите на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид се обрати на прес-конференција по повод најновите археолошки откритија во Охридско-струшкиот Регион. Станува збор за вредни наоди, околку 80, откриени на локалитет во Охридско-струшкиот регион, односно на некропола од архајскиот период, 6 век…
Ново издание на „Збирка ноти – Камерна музика од Љубомир Бранѓолица Vol. I“. Новото електронско издание на „Збирка ноти – Камерна музика од Љубомир Бранѓолица Vol. I“. претставува избор на дела од богатиот опус на македонскиот композитор со хрватско потекло, Љубомир Бранѓолица. На повеќе од 40-тина страници се сместени шест нотографирани дела, избор од богатиот…
На манифестацијата „Годишни награди за режисерите“, која се одржа во Нови Сад, на истакнатиот македонски режисер Столе Попов му беше врачена наградата „Живојин Жика Павловиќ“ за промоција на балканската кинематографија во светот. Наградата му ја врачи легендарниот актер Предраг Мики Манојловиќ, откако воведно обраќање имаше Ненад Павловиќ, и самиот режисер по професија и син на…
Во Домот на културата „Билјана Беличанец“ синоќа, на последната фестивалска вечер, во преполната сала во присуство на бројни филмски работници, уметници, актери, режисери, претставници на политичкиот и културниот живот на земјава и претставници на дипломатскиот кор беа доделени наградите на 9. издание на МФФ Киненова. „Гран при“ доби филмот „Жена-убиец“ на грчката режисерка Ева Натена,…
Австрискиот режисер Улрих Зајдл е годинешен добитник на Наградата за животно дело на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“. -Со нас денеска е еден од најинтересните филмски автори, сценарист, режисер и продуцент, Улрих Зајдл од Австрија. Режисерот кој уште пред да го побуди вниманието во 2001 година со „Тегобни денови“, го побуди вниманието и пред тоа на…
МФФ „Киненова“ ќе се одржи по деветти пат од 15 до 20 октомври, со македонскиот долгометражен анимиран филм на Гоце Цветановски „Јон Вардар против Галаксијата“. -На мое големо задоволство Тематски би ја започнал истата претставувајќи го овогодинешниот фестивалски слоган: Што е прво? Филмот или приказната? Огромна благодарност за целиот визуелен идентитет на овогодинешното издание на…
На годинешното 45 издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, најстар фестивал и еден од трите фестивали во светот посветен на кинематограферите, кој се одржа од 21 до 27 во Битола, главната награда „Златна камера 300“ му припадна на германскиот филм „Наставничка канцеларија“ односно на кинематограферката Џудит Кауфман. Секако, одличен филм, безвременски, што…
Вечерва започнува 45. издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Во Центарот за култура, свечената церемонија ќе започне во 19:45, со проекција на Канскиот хит „Партенопе“ под режија на Паоло Сорентино. Филмот е во официјалната селекција КАМЕРА 300. Годинашен добитник на наградата Златна камера 300 за животно дело е францускиот кинематографер Бруно…