Култура

Со „Раката на господ“ на Паоло Сорентино се отвора 43. ИФФК „Браќа Манаки“

Со филмот „Раката на господ“ на Паоло Сорентино ќе се отвори 43. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, што оваа година ќе се одржува од 19 до 26 август. Во Битола ќе пристигнат многубројни гости што се во врвот на светската кинематографија и воопшто во филмот. Така, на ова 43 издание ќе пристигне кинематограферката на филмот на Паоло Сорентино, Дарија Д‘Антонио, како и добитникот на „Златната камера 300“ за животно дело, Ентони Дод Ментел.

„Ги имаме сите предуслови за добар фестивал. Имаме исклучителни гости кои сами се јавуваат да дојдат на неколку дена во Битола. Имаме неверојатно добра понуда на филмови и ни се доделени доволно пари за да обезбедиме сè што треба. Годинава ќе го имаме Ентони Дод Ментел, нашиот лауреат за животно дело, директор на фотографија и кинематографер како што биле браќата Манаки. Соработувал со одлични режисери, бил номиниран за Оскар, и тој е првиот кој добил Оскар зашто снимил филм со дигитална камера. Чекаме да ни потврди и кинематограферот на „Гладијатор“, на „Икс мен“, Џон Метисон. Годинава имаме диџеј од Берлин, по три журки ќе има во Битола секоја вечер. На три локации ќе се одвива фестивалот, во Домот на култура, кадешто има и најмногу седишта. Втората локација е киното Манаки, каде што ќе се одвива документарната и студентската програма, како и Офицерскиот дом, каде на летната тераса ќе се одржува Мак корнер програмата, рече директорот на фестивалот ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамовски.

Во главната програма доминираат наслови од Канскиот фестивал, меѓу кои е и годинашниот победник „Триаголник на тагата“, а само третпат досега се вклучени и два домашни филма, „Мими“ на Даријан Пејовски и „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристевски. „Мими“ имаше македонска премиера на отворањето на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ во Скопје, а „Снежана на крајот умира“, е деби на режисерот Ристески, кој имаше светска премиера на фестивалот Слемденс во САД, лани во декември.

„Снежана на крајот умира“ е продукција на „Вертиго визуал“, а продуцент е Дарко Попов. Играат Наташа Петровиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Ивица Димитријевиќ, Денис Абдула, Тино Костадиновски и Давид Јанакиев. По сценарио на Ристески, филмот раскажува за седум луѓе кои живеат во време кога се во конфликт со нивните вредности.

„Ѓаволот се плаши од вода“ на Лидија Мојсовска и „Баскет“ на Димитар Банов ќе бидат македонските претставници во селекцијата на краткометражни филмови.

Фестивалот се затвора со премиера на македонскиот филм „Снежана на крајот умира“ од Кристијан Ристески.