Култура

ТАЖНАТА ГЕОМЕТРИЈА НА ПРАЗНОТО БЛАГОДОРНИШТВО

(Кон претставата „Во агонија“ од Мирослав Крлежа во режија на Ивица Буљан, а во продукција на Хрватскиот Народен Театар. Главни улоги: Нина Виолиќ, Крешимир Микиќ, Ливио Бадурина)

„Во агонија“ е една од пиесите на Крлежа кои се занимаваат со бавното, но многу коренито заминување на благородништвото од Хрватска. Имено, тој со тоа тлеење на сината крв на осиромашениот господски крем ги отвора сите карциноми на една хипокризија на која не остануваат имуни ниту денешните наследници на лозите со девастирани претци.

Имено, триаголникот на којшто се базира оваа негова сјајна пиеса е дел од едно социјално лудило кое во дваесеттите години на дваесеттиот век ќе ја распори благородничката класа многу длабоко и од неа ќе направи издишана топка која како да се дотркалала од истото тоа милје во Русија само деценија или две претходно, а кое е низ една трагична иронија забележеано во пиесите на Чехов. Баронот Ленбах чија финансиска пропаст е и срцевината на оваа пиеса го повлекува тој смртоносен триаголник во којшто најголемиот страдалник е всушност Лаура, неговата несудена „бароница“ која после пропаста на Австро-Унгарското кралство се обидува да се спротивстави на сиромаштијата работејќи и заработувајќи пари како шивачка и барајќи утеха во бонвиванот на новата социјална класа во тогашното кралство СХС, Иван Крижовец. Режисерот Ивица Буљан во неговиот крајно едноставен концепт се обидува овие трагични ликови да ги реконтекстира во една кубистичка визура наметнувајќи им совршено модерна глазура и секако, потпирајќи се врз актерските креации. Имено, девастираното господско милје е само сенка во тој режисерски конструкт налик на оној на Жан Кокто низ сценографијата на Пабло Пикасо. Вовлечени во една црно-бела тинктура, тие ликови делуваат Бергмановски и покрај тоа што Буљан инсистирал на текстуалната доминација. Оваа „агонија“ низ неговата режисерска визура не е само страдање, туку е и еден вид на ламент во којшто најмногу низ ликот на Лаура се отвора достагата по деновите кога таа сина крв имала смисла и ја претставувала и политичката и социјалната шема на Хрватска непосредно после Првата светска војна. Се чини дека низ црно-белите ходници на напразната љубомора и до крај исцеденото брачно гнездо се провлекло една суптилно лудило на кое режисерот инсистира за да ја излачи таа празна генеалогија, тој празен општествен од од чија пепел за некои дваесетина години треба да се изроди и црвената буржоазија, најхипоркитичната општествена гарнитура чие единствено оправдување била слободата на широките народни маси.

Јадрото на оваа исклучително интересна „Во агонија“ е актерската енергија на Нина Виолиќ која со маестралната интерпретација на Лаура Ленбах го запира здивот. Нејзиниот актерски хабитус вдахнува сосема поинаков живот на оваа несреќничка која се обидува да преживее во време на безмилосната финансиска пропаст. Имено, Нина Виолиќ го ослободува овој лик од етикецијата давајќи му еден сосема модерен израз. Нејзиниот талент е бескрајна река низ која пловат страдањата на оваа сиромашна бароница, а сега шивачка, додека нејзината говорна партитура ни намекнува дека сепак се работи за дама која порано му припаѓала на големите општествени слоеви. Емотивниот паноптикум на оваа брилјантна актерка запловува во нашите впечатоци како огромен брод полн со солзи и конвулзии. Нина Виолиќ токму низ емотивната гама од оваа улога го излачува нејзиното најкруцијално значење. Таа знае совршено да одигра помешано чувство и тоа да е во точниот миг од интерпретацијата, оваа голема актерка во својата партитура си игра со нашите чувства онака како што судбината си поиграла со кутрата Лаура Ленбах и сето тоа низ грижливо опишана елипса од страдања совршено добро сублимирана во умно подредени дејствија. Оваа Лаура Ленбах не е конвенционална пропадната бароница која цвили над својата судбина, Лаура Ленбах на Нина Виолиќ е хероина која не му се подава на стихијата на лошата судбина и се бори до последниот здив и токму затоа ова фантастично актерско оставарување плени со својата специфика и уникатност.

Наспроти неа Крешимир Микиќ го креира Баронот Ленбах со една многу прецизна здржаност, но и со една лажна храброст која ја потенцира неговата смртоносна недоумица. Тој е извонреден антипод на својата сопруга, но е и суптилно сатиричен што му дава еден сосема поинаков шмек од она што е напишано во текстот, а тоа би значело дека Микиќ од овој лик направил вистинска бравура. Секако, тука е и Иван Крижвец на Ливио Бадурина чија демонска присутност ја акцентира онаа, другата страна на судбината, онаа лажна потпирка на која Лаура Ленбах се обидува да си ја најде својата сигурност. Ливио Бадурина во својот Крижовец го насобрал сето она што другите два лика одамна го изгубиле и легитимно, но и духовно – галантноста. Сигурен во својот материјален и општествен статус, овој Крижовец е лежерен, неприкосновен, но тоа совршено добро го крие градејќи еден многу интересен, суптилен лик полн со иронија. Бадурина не игра млад и полн со себе убавец кој се завлекол во домот на една се уште убава и несреќна дама за да го исцица и она малку што останало во неа, туку тој игра исклучително рационален господин кој дошол по својот плен – госпоѓа со одамна заборавено благородно минато. Овој сјаен актер не заборава дека Крижевец е адвокат кој е премачкан со сите глазури на мрачнот свет и токму тие тежини му даваат една коренитост на ликот кој тој многу добро ги артикулира.

Во црно-белата геометриска поставеност на визуелниот момент на претставата се чини како да се впива целата тажна атмосфера на оваа претстава, па така тие линии, триаголници и кругови од Пикасовската ликовна враменост се дело на Далибор Мартинис, додека костимографијата на Ана Савиќ Гецан ја поддржува тоа сивило потенцирајќи го истото низ едноставните тоалети на Бароницата Ленбах и смокинзите на Баронот Ленбах и Иван Крижовец. Музичката илустрација е доста срамежлива, и таа е дело на Митја Врховник Шмрекар.

Она што е најинтересно за оваа верзија на легендарниот, втор дел од Крлежината трилогија за Глембаеви е што емотивниот аспект на ликовите и ситуациите не се вистнското јадро на самата претстава, но се иницијалната капсула за систематско ревидирање на начинот на материјалното пропаѓање на една класа која во ова време е општествено позиционирана низ сосема поинаква призма – капитализмот. Секако, „Во агонија“ на Ивица Буљан е некакво естетизирање на задушувањето на капитализмот после проток од еден век, но е на некој начин и негов погреб затоа што во овој случај со појавата на авангардистот во интерпретација на Марин Клишманиќ се најавува една сосема поинаква социјална болест – глобализацијата. Ивица Буљан во оваа претстава низ таа „геометрија на тагата“ успева да го проблематизира легитимитетот на финансиската акумулација како и на нејзиниот погубен момент. Токму затоа и ја споменавме емоцијата – во овој концепт токму таа, емоцијата е механизмот низ кој се контекстуализира и човековиот апсурд, но и неговиот реалитет.

Фотографии на Мара Братош

Рецензија на Сашо Огненовски

Слични статии