Култура

СВЕТЦИТЕ ОД ДНОТО НА ЧОВЕШТВОТО

(Кон претставата „Чудо во Шарган“ од Љубомир Симовиќ во режија на Јагош Марковиќ, а во продукција на Југословенскиот Драмски Театар од Белград. Гл. улоги: Анита Манчиќ, Тамара Драгичевиќ, Сара Марковиќ, Миодраг Драгичевиќ, Марко Јанкетиќ)

Поетскиот реализам има чудни патишта низ кои повремено се кријат и тенките линии на маѓиските аспекти, а во некои други уметности (филмот) тоа се толкува како „неореализам“ со популарниот есеистски амалгам и крајот кој е всушност врата кон некој друг континуум, можеби потрагичен од оној кој се чита зад малиот милион настани и протагонистите, жители на апокалиптичната „комуна“, знак за цивилизациска констелација од која, пак се изнедруваат парадигми и аспекти. „Чудо во Шарган“ е токму тоа: заедница од трошките на светот кој е сениште на земските задоволства и оној ред по кој токму сега, во овој грешен дваесет и први век се повеќе се трага.

Во кафеаната „Шарган“, Ноевата арка на група ликови со судбини во провалија во кои е и келнерката Цмиља која ете некако се прилагодува во целото тоа опкружување, но со копнежи и „цели“ во животот, место каде што е вечен инвентар Ставро, човек што потајно резонира, но никако да замине оттаму, ситниот криминалец, еден од најтрагичните ликови, младиот Анѓелко, проститутката Госпава која има голема желба за семеен живот, Просјакот, лик кој е Божје привидение кој со себе го носи целиот грев, но и е зацелувач на чивечките рани, како и двајцата имагинарни ликови, одамна погинатите војници Манојло и неговиот посилни Танаско, сенки од минатата војна, како и резонерот Миле што точно знае што треба да се прави, но не прави ништо. Целата оаа галерија е Симовиќевиот Хиеронмус Бош, апокалиптиката на современите цивилизациски несреќи, црното наследсрво на она што во принцип е пострашно од смртта: бедата. Овој, сега веќе класичен драмски текст на Љубомир Симовиќ е повеќе пати донесуван на репертоарот на Стерииното позорје и со секоја негова инсценација се откриваат некои длабоко сокриени слоеви што го прават овој текст секогаш привлечен за анализа и поставка.

Јагош Марковиќ гради претстава која има допирни точки со едно хиперреалистично промислување на оваа драма. Парчињата живот кој во драматиката на Симовиќ кореспондираат со еден маѓичен реализам во овој режиски концепт се истегнуваат до ниво на веродостојност и документарност со силна асоцијација на денешносто време посредно говорејќи за таа судбинска цикличност на војната и социјалната беда. Марковиќ се држи и до текстот и до ликовите не заминувајќи во некои порадикални зафати, но токму таа намислена суптилност во генералното врамување и насочување, тој целата драматика цивилизациски ја поместува истакнувајќи ја вертикалата на човековата безумност која нема ни крај ни почеток. Дејствието во оваа верзија на „Чудо во Шарган“ со себе ја носи динамиката на самиот текст, додека токму гореспоменатиот хиперреализам придонесува значенскиот агол да биде она што од овој текст прави сосема други опкружувања и сосема други констелации. Овде зборуваме за „констелации“ затоа што силното драматско ткиво на овој текст се спротивставува на груби поместувања и дисторзирања. Констелациите на Јагош Марковиќ како режисерско видување се, всушност најмногу внатре, во самите ситуации, во релациите меѓу ликовите, но и во нивниот динамички флукс. Оваа режисерка согледба е силна во својата невидливост, а е насетена токму низ силните детализирања на ликовите и низ напластувањето на сцените.

Галеријата на комплексните ликовти на оваа круцијална драма на Симовиќ во себе содржи различни типологии кои се на некој начин и различни ставови кон општеството кое овде, во претставата на Марковиќ не е важно во кое време се случува. Тие се жители на простор кој е истоштен од внатрешните и надворешните репресии и сите тие ликови се еден микрокосмос што плени со својата изместена логика. Иконија на Анита Манчиќ е „алма матер“ на тој излитен хабитат. Таа во овој амблематски лик (кој попатно по втор пат го одигрува) внесува цел еден живот колку излитено да звучи оваа фраза. Да, се чини дека е тоа вистинската формулација затоа што точно во тој животен круг во нејзината извонредна интерпретација на сопственичката на таа кафеана се вгнездуваат и сите други ликови кои се и единствените што виреат во таа пустелија. Анита Манчиќ овојпат Иконија ја игра со многу поголема драматичност и во гласот, но и во стасот. Нејзината Иконија и покрај тоа што е жива, распиштолена и „мудра“, таа во себе ја носи и целата трагика на таа долга и бескрајна социјална трагедија. Таа на сцената донесува лик кој е богат со карактеристики, лик кој од себе излачува и хумор, но и неизлечива тага. Еден од најмаркантните ликови е Цмиња на младата и неверојатно талентирана Сара Марковиќ, актерка која од овој лик извлече безброј валери, хуморни и очајни пасажи какви што и поткажува само раскошниот талент на оваа фантастична млада актерка. Цмиља, кутрата помошничка на Иконија сонува за подобар живот, но Сара Марковиќ тоа го прави со суптилност која е типична само за неа. Сите нјезини реплики, сите емотивни траги се исклучително рационално и тактично распоредени во една актерска партитура достојна за голема почит. На овој лик би го приклучиле и ликот на Просјакот кој во интерпретавија на Ненад Јездиќ е лик на тивок демон во којшто се собрал целиот јад на овој свет. Симовиќ на овој лик му вдахнал извесна имагинативност која Јездиќ ја преобликува во тивок, но многу доминантен, истоштен и девастиран човек кој никој не знае од каде дошол и каде ќе замине. Тој се провлекува меѓу ликовите истурајќи ја сета тага и јад, но и повремено пресоблекувајќи ја целата сцена со долгоочекваната надеж која сите ја живеат. Просјакот е една од маркантните улоги во оваа претстава, а тоа го прави сјајната интерпретација на овој извонреден актер. Наспроти имагинативноста на некои ликови, ликот на Анѓелко е она што всушност и го носи апсурдот од денешното време, т.е. мостот на овој текст од времето кое го третира до времето кое го живееме со тешко срце. Миодраг Драгичевиќ гради остар и навидум неприкосновен карактер чија внатрешна фрагилност е и конечно причината да се загуби во вителот на социјалната хипокризија и тој е една од оние најнепосакувани жртви во пиесата. Совршената транспарентност на играта на овој млад актер прави од овој лик еден млад бунотвник кој со живот го плаќа цивизациското недоразбирање и останувајќи како девствен антихерој со големо страдалничко ехо. Сјајна актерска креација со низа специфики во својата експресивност. Во галеријата на страдалниците од дното чија благородност ја насетуваме од нивната случајна и циклична сплотеност која пулсира како маѓиски круг оставајќи вечно да ги пребројуваат трошките на својата судбина се и ликовите на Тамара Драгиќевиќ (Госпава), Борис Исаковиќ (Скитникот), Марко Јанкетиќ (Миле) , Беловиќ (Јагода), Милош Самолов (Ставро), Небојша Дугалиќ (Вилотиевиќ), Љубомир Бандовиќ (Манојло), Алексеј Бјелогрлиќ (Танаско), Слободан Тешиќ (Иследникот). Визеулениот аспект на оваа претстава се потпира на минималистичкото промислување на самиот режисер чиј е и изборот на музиката додека колоритната костимографија на Лана Цвијановиќ е консеквентна и точна до најмалиот детаљ. Конечно тука се крие оној хиперреалистичен зачин на ова дело кое има уште многу за истражување кога е во прашање практичниот аспект на неговата драматика. „Чудо во Шарган“ не е големо „чудо“ на репертоарот на Југословенскиот Драмски Театар, но е претстава која е компактна и транспарентна до крај. Ова е претстава чија режија не паѓа в очи на прв поглед, но ја гледаме низ актерската игра и низ доследната визуелизација што во концептуалистичкиот галиматијас на овие простори е насушно потребен процес. Таа не потсетува дека и преку актерската игра и преку доселедното преминување на пораката преку рампата можеме да имаме маркантно и исклучително впечатливо уметничко дело.

Фотографии на Небојшка Бабиќ

Рецензија на Сашо Огненовски

Tagged with:

Слични статии