Култура

ЖЕНСКОТО ТЕЛО КАКО  ХАЛУЦИНАЦИЈА НА ЛЕГИТИМИТЕТОТ

(Кон претставата „Последните девојчиња“ по текст на Маја Пелевиќ во режија на Кокан Младеновиќ, а во продукција на театарот „Деже Костолањи“ од Суботица, Србија. Гл. улоги: Давид Бубош, Тимеа Филеп, Николета Гргиќ, Борис Кучов, Габор Месарош, Андреа Веребеш)

Пишувајќи ја оваа рецензија попатно ја добивам информацијата дека конгресот на САД донесува флагрантен закон за забрана на абортусот, преседан од кој поминуваат морници и ве остава во позиција на тензична молчеливост со страв од помислата дека темните коридори на историјата стануваат легитимни места од кои ќе започне едно грозоморно дистописко одбројување до ништост. Такстот на Маја Пелевиќ „Последните девојчиња“ зборува токму за женското тело како еден вид на мртов капитал од кој се модифицира гротескна трговија чии несогледливи последици се рефлектират и на социјален и на општествен план. Пелевиќ зборува за таа генетичка лавина строго подредена под наметнатите социјални легитимности каде човековите права се сон од кој всушност и започнува, пишувајќи ги стиховите од либретото за кое во своите дидаскалии напоменува дека текстот „мора да се пее“. Насловот на ова либрето е „Последните девојчиња … на земјата“, а целата текстуална маса зборува за многу прашања кои се долго време поттурнувани под тепих, а се однесуваат на породот, дисторзијата во социјалните „легитимности“ во врска со сопственоста и експлоатацијата на породот и женските „проблеми“. Феминизмот има свој апологет во движењето #Me Too и некаде оттука започнува една колективна еуфорија која, всушност отвори контраверза во врска токму со разните видови на современа и еуфемистична ескплоатација на жената и нејзината легитимност. Маја Пелевиќ отворајќи ги тие сензитивни и одамна заборавени, но круцијални прашања во својот текст низ тој Брехтовски манир се устремува на дологодишната индолентност и токсичниот популизам во врска со трговијата со породот, безмислосно навлегува во јадрото на страотните дизавуирања на жената и породот во контекст на општествената „подобност“ и погубната „релативизираност“. Маја Пелевиќ во овие многу впечатливи шеснаесет сцени го вперува прстот и кон авторитетите, но и кон „легитимните“ носители на „правото“ за манипулација со женскиот принцип. Да, овој текст нема дијалог и се пее. Оперската рамка го вовлекува во себе тој Брехтијански манир и делува совршено импактно најмногу заради колективната компонента. Кокан Младеновиќ во таа насока гради претстава која инсистира на чисто артистично отворање на својот проблем. Се чини дека континуираното отпејување на дејствијата кои се завиткани во музичките партитури делува крајно катарзично, но на начин на кој публиката се воведува во претставата како релевантен чинител наведена на тоа да ги пронајде во себе социјалните и општествени дисторзии за кои се зборува во неа. Младеновиќ водејќи ја оваа „опера“ ad continuum, го истакнува тој бунтовен акцент најмногу низ дејствијата што се залепуваат за партитурите облекувајќи ги своите значења во кореографски ракописи како метафорична осцилација на полигон во кој актерите продуцираат фабричка атмосфера во која „работниците“ ги формираат сите тие манипулативни конструкти. Режисерскиот концепт ја потенцира таа контактибилност на актерскиот ансамбл од оваа претстава и инсистира на неговата компактност која е и најкруцијалната движечка сила на целата претстава. Младеновиќ во оваа претстава не инситира на дијалог со публиката, тој дијалог се наметнува како неопходна консеквенца и, се чини дека тука лежи значенската гама на целиот овој проект. Мапата од која се извлекуваат социјалните мрачни „топоними“ и низ која се прошетуваат застрашувачките „алгоритми“ на трговијата со женскиот пород е поп опера онака како што е „Коса“ поп опера за ужасите од војната против Виетнам. Тука, во целата низа на тие поткултурни елементи и знаци кои левитираат од чисти и едноставни (балони, топки) па се до тематски определени (полни органи) се затвора тој круг на „бунт на општествените норми на течните субкултурни елементи“ како што вели Дик Хебдиџ.Секако, оваа претстава во овој режисерски концепт атакува врз насилно поставените „легитимности“ од чија последователност веќе се чувствуваат ужасните последици на глобалната генеричка пропаст.

Актерката енергија во „Последните девојчиња“ остава неизбришчиви впечатоци. Давид Бубош, Тимеа Филеп, Николета Гргиќ, Борис Кучов, Габор Месарош, Андреа Веребеш формираат конгломерат на актерски дејствија кои импонираат со нивната компактност, но и со нивната органика. Пеејќи го целиот текстовиен материјал заедно со музичарите кои сјајната музика на Ирена Поповиќ ја изведуваат во живо тие метаболизираат актерски израз типичен само за нив што зборува за една завидна оригиналност. Нивниот актерски потенцијал покрај музичката, со себе ја носи и значенската оркестрација на претставата и неминовната градација ја донесуваат и просторно и емотивно до самите нас, до публиката. Овие шест актерки и актери ја носат тежината на задачата совршено храбро, стоејќи зад ставовите и на драмската авторка и на режисерот, а конечно и на композиторката и тој духовен ангажман е незаборавен.

Секако, огромен сегмент на оваа претстава е сјајната музика на Ирена Поповиќ компонирана во тој Брехтијански манир, музика која делува со една ригидна певливост и музика која го надградува и режисерското видување, но и драмската предлошка со една комплексност, со стилска точност, како и со длабока значенска акцентираност. Сценографијата на Марија Калабиќ со себе ја носи едноставноста на таа погоре спомената фабрика и колоритноста на реквизитите и сето тоа заедно делува и сигнификантно, но и асоцијативно. Подредена во еден Вилсоновски стил, оваа визуелизација не само што е впечатлива, туку е и сугестивна најмногу заради тенките рабови на намерната несовршеност, а и црната перспектива во која е поставена истата, додека костимографијата на Селена Орб осцилира од униформираноста во првиот дел која точно реплицира на сцениграфското решение, па се до блескавите трикоа врз кои се налепени тие фалусни симболи, така што таа треперлива симболика му дава на ова театарско дело и шарм, а го дава и тој многу потребен ригидитет. Кореографските делници на Тимеа Филеп, една од актерките на оваа претстава ја замотуват и ја одмотуваат целата актерска „припадност“ што би рекол дека е на некој начин една многу пријатна сугестивност која потсетува на бесмртната Твајла Тарп од погоре споменатата поп опера „Коса“

Маја Пелевиќ со Последните девојчиња“ не само што предупредува, туку овој нејзин прекрасен драмски текст е крик кој се надевам дека ќе се чуе далеку. Таа како расна драматургиња зборува со јазикот на жената која страда заради гротескната „легитимност“ која не е никаква општествена наследност ниту пак цивилизациско следство, туку е заумност што еден ден човештвото ќе го чини – човек. „Последните девојчиња“ на овогодинешното Стериино позорје се закити со пет Стериини награди, а верувајќи во нејзината силна импактност, оваа сјајна претстава ќе собере уште многу ловорики.

Рецензија на Сашо Огненовски

Tagged with:

Слични статии