Култура

ВО ПРОСТОРОТ НА НОВИТЕ ТЕАТАРСКИ ГЛАСОВИ

(Кон Фестивалот „Нова драма“ одржан од 16 – 21 мај во Братислава, Словачка)

Фестивалот „Нова драма“ во Братислава ги носи новите драмски мисли, но и новите режисерски концепти инспирирани од сегашниот миг и од современите болести на дваесет и првиот век. Формиран на почетокот од овој век од страна на Театарскот институт може да се пофали со богата изведбена програма од компетициски карактер, но и со многу промоции и значајна научна конференција посветена на цензурата во современиот театар. На овој фестивал покрај извонредните актерски и режисерски имиња од Словачка, можевме да ги видиме и големиот театарски теоретичар Патрис Павис, како и претседателот на Меѓународниот театарски институт Тобијас Бјанконе.

„Поле“, екстериерна претстава по текст на Марек Годович во режија на Вероника Малгот, а во изведба на театарот „NUDE“

Осумнаесеттото издание на овој фестивал понуди интересни театарски доживувања, девет различни режисерски и продукциски начини на промислување. Фестивалот го отворија две големи имиња на Европската драматика: германскиот драматичар Фолк Рихтер и украинската драматичарка Наталија Ворожбит, а претставата со која беше отворен беше „Глад“ по текст на Петер Ломницки и кореографија на Станислава Вичекова, во режија на Јозеф Вик, а во продукција на Компанијата Дебрис, а потоа следеа: „Нашите слики“, по текст на германскиот драмски автор Томас Меле во режија на Едуард Кудлач, а во изведба на Градскиот театар од Жилина, „Се додека не дојдат камењата …“, заедничко дело во драматургија на Даниел Мајлинг и во режија на Матуш Бачинец, а во изведба на Словачкиот народен театар, „Крематор“, по тема на Владислав Фукс, колективно дело на театарската дружина „ГАФФА“ во режија на Александра Болфова, „Шверцери“ по текст на Ленка Гарајова во режија на Шимон Ферст, а во изведба на Театарот Петер Манковецки, „Поле“, екстериерна претстава по текст на Марек Годович во режија на Вероника Малгот, а во изведба на театарот „NUDE“, „Генерација З: непаралелна убавина“ по текст на Валерија Шулцова и Дарија Абрахамова во режија на Зузана Фјалова, а во изведба на театарот Павел Оршаг Хвјездослав од Братислава, „Понижени и крвожедни“, по текст на Петар Галдик базирана на делото на Штефан Цвајг „Кастелио и Калвин или совест против насилство“ во режија на Алжбета Вргула, а во изведба на независниот театар „Ухол 92“ и „Падот на западот“ по тема на Оскар Шпенглер во режија на Антон Коренчи, а во изведба на „Антитеатар“.

Овој фестивал го следеа и други настани како што се: јавното читање на драмските дела на младите словачки драматичари, предавањето за современата австриска драма на Бернхард Штудлар, како и дводневната конференција под наслов „Модерната слобода и новата криза на театарот меѓу идеолошкиот екстремизам и премавнувањето на културата“ на којшто учествуваа бројни значајни теоретичари и аналитичари на современот театар од голем број земји меѓу кои и од Северна Македонија. Една од најзначајните фигури на оваа конференција беше големиот театарски аналитичар Патрис Павис чие излагање беше од огромно значење. Секако, беа одржани и две панел дискусии за современиот словачки театар како и уште едно читање на драмските дела кои влегоа во потесна конкуренција за наградата за драмски текст.

„Генерација З: непаралелна убавина“, по текст на Валерија Шулцова и Дарија Абрахамова во режија на Зузана Фјалова, а во изведба на театарот Павел Оршаг Хвјездослав од Братислава

Ова издание на „Нова драма“ се чини дека во голем дел беше фокусирано на проблемите на насилството кон жената, мизогинијата, но и кон патријархатот како декадентен начин на социјално практикување. Силната актерска енергија беше канализирана и кон новите театарски форми кои го вклучуваат тој толку посакуван и модерен наративен театар кој во оваа селекција од претстави беше исклучително импактен инсистирајќи на својата бунтовност, револуционерност и бескомпромисност. Случувајќи се во неколку алтернативни простори овој фестивал понуди начини на мислење кои се одвојуваат од реализмот, но и од препознатливата сатира во словачката драматика. Имавме можност да погледнеме претстави кои се случуваа во екстериерни простори чија тематика се движеше во гамата на проблематизирањето на патријархатот (Поле), како и претстави кои се случуваа во ентериери што не беа во конвенционалните канони на театарот кои говореа за насилството кон жената (Генерзација З), но и за една синергичност на театарскиот знак и движењето како продукт чиј концепт влегуваше во една симболистичка траекторија (Падот на западот). Бунтовноста е еден од спиритуалните простори каде што театарот во принцип се чувствува најполезно, но и најпродуктивно кога е во прашање неговата улога во општествените и политичките превирања. Така дводневната конференција посветена на новите екстремизми и премавнувањето на културата во време кога светот е нападнат од модифицирани форми на злото донесе низа од интересни согледби на таа тема. Така, во тоа дводневна расправа се појавија театарски научници и аналитичари од Франција, Северна Македонија, Бугарија, Индија, Романија, Германија, Зимбабве, Унгарија и Канада, а се обрати и претседателот на Меѓународниот театарски институт Тобијас Бјанконе. Расправите и трудовите од оваа конференција пулсираа во компаративистичкиот простор на цензурата во минатото и механизмите на цензурирање на театарската уметност (и воопшто културата ) во денешни денови. Критичкиот аспект на театарот го има тој лакмус на бесмртност и вечна опозитност со политиката, па различните случаи на задушување на овој вид на уметност имаат и своја модификација, а анализите на тие случаи во различни земји сепак предупредуваа на тоа дека цензурата може да постои во најразлични форми, а репресијата, за жал е исто така социјален и општествен вирус од кој тешко може да се побегне. Конференцијата донесе исклучително продуктивни анализи, а водителите на двата дена Октавија Саиу и Мило Јурани отворија многу интересни дебати кои навлегуваа во круцијалните проблеми на политичката и општествена репресија кон овој вид на уметност. Едно од најинтересните излагања на конференцијата беше на Патрис Павис кој зборуваше за разбудивањето и поништувањето на културата, за влијанието и последиците кон современата театарска практика, излагање кое беше на некој начин координата на целата конференција со исклучително интерсни разговори и заклучоци. Кога сме веќе кај дебатите, би ја споменал и дебатата на последниот ден од фестивалот предводена од директорката на Театарскиот институт во Братислава Владислава Фекете и од теоретичарот на театар и критичар Мило Јурани која беше посветена на состојбите во Словачкиот театар и на предизвиците во нивниот понатамошен ангажман. На оваа доста продуктивна панел дискусија зедоа учество голем дел од уметниците учесници на фестивалот говорејќи за своите уметнички, но и професионални пречки и искушенија со кои се соочуваат за време на нивниот ангажман.

„Крематор“ ја доби специјалната награда на жирито за драматургија и визуелен концепт на сцената

Фестивалот „Нова драма“ на својот последен ден ги додели и наградите кои жирито во состав Патрис Павис (професор и теоретичар на театар), Катарина Пиларска (културен менаџер и новинар) и Михаела Паштекова (естетичарка и критичарка) ги додели беа следните: Гранд при за најдобра претстава беше доделен на претставата „Генеразија З“, додека специјалната награда на жирито за дијалог меѓу природата, музиката и околината и за исклучителната поетска презентација на личните приказни ја доби екстериерната претстава „Поле“, која покрај таа доби уште две награди, наградата на публиката и судентското жири, а уште една специјална награда беше доделена на претставата „Шверцери“ за дело кое конзстентно го поврзува текстот, визуелниот момент и актерската енергија, додека претставата „Крематор“ ја доби специјалната награда на жирито за драматургија и визуелен концепт на сцената. На фестивалот беа додлени и награди за најдобри драмски текстови од кои првата награда ја добија двајца млади драмски автори: Томаш Хајек за текстот „Самума“ и Доминик Рајел за текстот „Луѓето нема да умрат“, втората награда не беше доделена, а третата ја доби Јакуб Чермак за неговиот текст „Секој заслужува чистилиште“.

Фестивалот Нова драма со својата комплексност заграбува голем дел од театарското внимание во Европа. Темите и проблемите кои ги третираат и во практична смисла, како уметнички прозиводи, а и во научна смисла како теоретски анализи се она што значи голем и драгоцен ангажман на еден театарски простор чија доблесност е далекусежна и особено почитувана. Театарскиот институт од Братилава низ овој осумнаесетти по ред театарски фестивал покажува дека Словачкиот театар е значајна алка и во Европскиот, но и во глобалниот уметнички контекст.

Рецензија на Сашо Огненовски

Слични статии