Култура

Вечерва ќе биде доделана наградата ДЕНЕС 2022 – финалисти се четворица македонски уметници

Во Националната галерија на Република Северна Македонија – мултимедијален центар „Мала станица“, вечерва во 19 часот ќе биде врачена наградата ДЕНЕС 2022 на четворица млади уметници од нашата земја Македонија. Овој настан како и самиот избор, по шеснаесетти пат е на Факултетот за работи што не се учат – ФРУ, Скопје во соработка со Центар за современи уметности – Скопје, Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU), Њујорк и фондацијата Trust for Mutual Understanding, Њујорк, и се доделува на млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка до 35 години.

Наградата ДЕНЕС 2022 се состои од два настани: вечерва ќе бидат одржани презентации на четворицата уметници – финалисти: ДАРКО АЛЕКСОВСКИ, ИВАНА МИРЧЕВСКА, КРИСТИНА ПУЛЕЈКОВА, ЗОРАН ШЕКЕРОВ а следниот ден на 23 јуни (четврток), во 20 часот ќе биде отворена изложбата на четворицата уметници – финалисти: ДАРКО АЛЕКСОВСКИ, ИВАНА МИРЧЕВСКА, КРИСТИНА ПУЛЕЈКОВА, ЗОРАН ШЕКЕРОВ и церемонија за наградата

Наградата ДЕНЕС се доделува на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување, како единствена награда за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во земјава од овој вид. Оваа значајна и независна награда подразбира двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited (RU) во 2022 година, но и овозможува уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, да имаат средби и презентации со интернационална жири комисија и да продуцираат дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата. Добитникот/добитничката на наградата добива двомесечен престој во Њујорк во Residency Unlimited (RU).

Жири комисијата за XVI награда ДЕНЕС е составена од: Вивиана Ќеќиа (Лондон), кураторка и истражувачка, кураторка за резиденции и јавни програми во „Делфина фондацијата“, Лондон; Елена Чемерска (Скопје/ Берлин), уметничка и добитничка на наградата ДЕНЕС во 2021 година; Славчо Димитров (Скопје), истражувач, теоретичар, активист и куратор на „Скопje викенд на гордоста“, интердисциплинарен фестивал за квир уметности, култура и теорија; Нора Халими (Тетово),уметничка и професорка на Факултетот за уметности на Универзитетот во Тетово и Лилиа Куделиа (Киев/ Далас),кураторка, историчарка на уметност и соработничка на Residency Unlimited (RU) во Њујорк.

БИОГРАФИИ НА ФИНАЛИСТИТЕ

ДАРКО АЛЕКСОВСКИ (1989 година) е визуелен уметник чија практика се формира на пресекот помеѓу слики и текст. Неговите досегашни проекти вклучуваат интерес за различни визуелни јазици и долгорочни истражувачки процеси, како и интерес за релациите кои се формираат помеѓу личните и колективните сеќавања. Алексовски завршил додипломски и постдипломски студии на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Од позначајните учества на групни меѓународни изложби се издвојуваат Traces and Memories, Галерија Кунихан во Бранзвик (Мелбурн, 2021година), What would happen if? The choice to build an alternative future, Музеј Санта Јоана (Авеиро, 2020 година), Paying Attention, Академие Грац (Грац, 2019 година), The Tokyo Art Book Fair 2017, Магацин Террада (Токио, 2017 година), Streetlight, Revisited, Галерија Роман Сузан (Чикаго, 2019 година), и 55. Oktobarski Salon – Disappearing Things, Музеј на град Белград (Белград, 2014 година). Алексовски моментално живее и работи во Велес, Северна Македонија.

ИВАНА МИРЧЕВСКА (1992 година) е визуелна уметничка и истражувачка која работи преку слики во движење, текст и инсталација. Нејзиното истражување произлегува од спојот помеѓу технологиите на визуелизација и просторната конфигурација на погледот и телото. Ивана има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство (2015 година) и магистрирано на Академијата за ликовни уметности Брера во Милано, Италија (2018 година). Нејзините неодамнешни дела и ангажмани вклучуваат: уметничка книга “At an angle of 45 degrees” издадена во соработка со „Приватен принт“, „Медиум Пукнатина: Алтернативен сет на потпори за искачување“ во Галерија Ко-Ра (2021 година), “Notes from surfacing: At an angle of 45 degrees” Студио Приватен Принт (2021 година), како и колаборативните проекти:  „Иконографија на ритуалот: Пливање во лепливото езеро“  во Галерија МКЦ (2021 година) и „Ничии прагови конкретно“ Галерија МКЦ (2020 година). Како активна учесничка во локалната независна и експериментална уметничка сцена, преку својата практика таа соработува со колеги од различни дисциплини и контексти.

КРИСТИНА ПУЛЕЈКОВА (1988 година) е уметничка, со седиште помеѓу Скопје и Лондон, чија интердисциплинарна практика е заснована на науката и технологијата. Делото на Кристина го истражува начинот како употребата на технологијата може да доведе до поголеми облици на одржливост во односите човек-природа. Преку употребата на извонредна технологија, делата на Кристина честопати се занимаваат со прашања од животната средина, притоа раскажувајќи лични приказни што ја ставаат публиката во центарот на сцената, овозможувајќи протагонистички пристап и поинаков начин на гледање на нештата. Кристина има магистерска диплома по сликарство и анимација од Универзитетот за применета уметност, Виена, Австрија, и магистерска диплома по уметност и наука од Central Saint Martins, Лондон. Добитничка е на инаугуративната награда FLAMIN Fellowship by Film London (2017 година). Делата на Кристина се изложени/емитувани, меѓу другите, и во Националната галерија Скопје, Музејот на современа уметност, Скопје; Научен музеј, Лондон, Обединето Кралство; MAN Museum, Сардинија, Италија; The V&A, Лондон; МАК, Виена; Project Space Kunsthalle, Виена; Het Glaspaviljoen, Ајнховен; ArtCOP21, Париз; Whitechapel Gallery, Лондон; Art Licks Festival, Лондон; Lewisham Art House, Лондон; Кралски колеџ за уметност, Лондон.

ЗОРАН ШЕКЕРОВ (1992 година) е визуелен уметник кој живее и работи во Скопје. Дипломирал на Катедрата за фотографија на Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима во Скопје. Неговата практика вклучува долгорочни креативни истражувачки проекти во полето на фотографијата кои се соочуваат со човечката состојба во даден социополитички контекст и ги испитуваат прашањата за идентитетот, патриотизмот и носталгијата. Неговиот документаристички стил ги спојува формата и чувствата, сеќавањата и верувањата. Во соработка со издавачот на уметнички книги од Скопје, „Приватен принт“, Шекеров ја објави „FOLDED“, фото-книга фокусирана на телата и ритуалите на Пеливаните. Шекеров соработува со еминентни фотографи во неговата родна земја и регионот, а има изложувано на индивидуални и групни изложби во Северна Македонија и во светот.

За сите прашања можете да се обратите кај: Ивана Васева, кураторка и организаторка на наградата [email protected] или да ја консултирате веб страната: www.akto–fru.org

Слични статии