Култура

Промоција на „Заследи ме“ од Јордан Коцевски

Вечерва, на платото пред Младинскиот културен центар, ќе се одржи промоција на книгата „Заследи ме“ од Јордан Коцевски, на која промотор ќе биде Златко Гелески, а настанот ќе го модерира Јулијана Величковска. „Зафаќајќи се со современа тема, Коцевски си игра со логиката на денешната култура, која и тоа како е моделирана од социјалните мрежи. Марина, главниот лик, позната инфлуенсерка, ќе се најде во ситуација во која ќе мора да ги преиспита своите вредности и вредностите што ги пропагира на нејзиниот Инстаграм профил. Низ процесот, таа освестува елементи на „сајбер булинг“, на семејно насилство, па и на лицемерие, што една ваква активност ги поттикнува. Со тоа, Коцевски суптилно зборува за одговорноста на инфлуенсерот, но и за тоа колку за инфлуенсерството може да се зборува како за вистинска професија. Ненаметлива и со доза хумор, „Заследи ме“ го продолжува трендот на Коцевски, кој со романот „Тегли“ веќе ја најави неговата поетика на трилерот. Со леснотија, тој успева да фрли светлина на не толку пријатни нешта. На површина излегуваат многу прашања врзани со интригата, со лицемерието, и со сите лажни облици на денешното живеење, а Коцевски успева вешто да ги разобличи, за на читателот да му понуди четиво што и покрај својот обем е лесно читливо и заводливо“.

Мерсиха Исмајлоска

Јордан Коцевски (1983, Охрид) докторирал на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид. Работи како туристички водич, додека се обидува да го остави својот печат и како писател.

Првата книга, збирката раскази „Време за живеење“, ја има објавено во 2001 г. Неговата стрип антологија во коавторство со Дарко Богданов, „Мрак Хумор Тишина“ излезе од печат во 2014 г., а со истиот илустратор ја издаде и првата графичка новела „Витези од соседството“ во 2016 г.

Добитник е на две награди за стрипот Our Eden, додека неговата книга „Прозорецот“ беше наградена и објавена во електронска форма од страна на „Фондација Македоника“ во 2016 г.

Во 2021 г. го објави и својот прв роман „Тегли“ во издание на „ПНВ Публикации“.

Неговите кратки стрипови, како сценарист, се објавени во повеќе списанија за стрип во земјата и во странство. Автор е и на триесетина научни и стручни трудови од областа на туризмот и угостителството. Тој е главен и одговорен уредник на „(е)Лит“, електронско списание за книжевност и друга уметност.

Слични статии